/Што мораат мажите да знаат?

Што мораат мажите да знаат?

Сподели

Која е улогата на тестисите?

Тестисите се дел од машкиот репродуктивен систем, два јајцевидни органи со големина од околу 5 см.  Секој тестис е сместен во кожна кесичка (скротум) која го држи и заштитува. Нивната локација е зад телото на пенисот. Тестисите имаат две главни функции: продукција на машкиот полов хормон-тестостерон и создавање  сперматозоиди, како и нивно складирање. Доколку тие не се во одлична функција тогаш вашата машкост е ставена под знак прашалник. 

Самопреглед на тестисите

Како што секоја жена задолжително треба на одреден временски период да прави самопреглед на градите, истото важи и за машката популација. Еднаш месечно, најчесто по капење, секој маж треба да си направи самопреглед на тестиси. Туморите на тестиси најчесто се јавуваат кај машката популација помлада од 40 години. Во најголем број случаи, повеќе од 95 проценти, туморите на тестисите се малигни. Со самопреглед можете да ја откриете промената во најрана фаза, кога може да се излекува.

Ракот на тестис нема симптоми

Болеста најчесто се јавува со безболно зголемување на тестисот, а поретко заболениот тестис може да е и со нормална големина. На допир е потврд или во него може да се напипа тврд јазол на површината. Секоја промена на тестисот би требало да биде прегледана од страна на уролог, кој ќе треба да направи дополнителни испитувања. Исто така, овие промени можат да се откријат и од партнерката за време на сексуалниот однос.

Самопреглед по капење

Најчесто самопрегледот треба да се прави по капење, кога од топлата вода тестисите се опуштени. Самопрегледот треба да биде во 4 чекори:

1. Застанете исправено пред огледало и набљудувајте ги тестисите. Обидете се да забележите дали постои некаков оток или нерамномерности во положбата на двата тестиса. Потребно е да знаете дека нормално е доколку едниот тестис е малку поголем или ако не се во идентична положба, но разликата не смее да биде драстична.

2. Нежно опипајте го секој тестис одделно со палецот и показалецот. Обидете се да почувствувате дали постои некоја грутка или оток. Имајте предвид дека грутките кои може да се појават понекогаш се со големина на зрно ориз и се прилично тврди.

3. Внимание ! Најдете го епидимисот (семеник) на самиот тестис кој има форма на мала мека цевка. Со редовно проверување на тестисите ќе научите да го препознаете овој дел бидејќи не претставува опасност и постои кај секој маж. Бидејќи ова е сензитивен предел кај машката популација, не се вознемирувајте доколку почувствувате блага болка или непријатност при проверката.

4. Проверете ја кожата која ги обвива тестисите. Обидете се да забележите дали постојат некои израстоци или промена на бојата. Нека ви стане навика еднаш месечно, за време на туширање или по тоа, да ги проверувате тестисите. Со ова навремено ќе го откриете канцерот со што шансите за целосно излекување ви се многу поголеми.