/Тестикуларни импланти

Тестикуларни импланти

Сподели

Еден од посериозните проблеми по оперативното отстранување на тестисот е психолошкиот проблем кај мажот. Но и за овој проблем има решение со имплантација на вештачки тестис кој позитивно ќе влијае на психичката промена кај мажот и на неговиот физички изглед.

Од кога се употребуваат?

Тестикуларните протези се употребуваат уште од 1941 година кога истите биле направени од кобалт, хром, молибден, потоа се употребувал плексигласот, дакронот, полиетиленот. Од 1988 година најчесто употребуван е силиконот, а во последно време се употребуваат и протези исполнети со физиолошки раствор заради помала реакција на околното ткиво. Овие импланти се употребуваат од 1995 година и тоа најмногу во САД.

Во кои случаи?

Постојат повеќе индикации за употреба на тестикуларниот имплант, како на пример: кај неспуштен тестис, по отстранување на тестисот поради карцином,  атрофија или агенезија на тестисот, торзија или увртување на тестисот, за време на оперативниот третман при промена на полот од женски во машки пол, по орхиектомија кај карциномот на простатата или трауматска повреда на тестисот.

Кога да се имплантираат?

Во однос на времето на имплантирање, истото може да се изврши или за време на операцијата на отстранување на тестисот или подоцна, а во однос на бенефитот од тестикуларната протеза различни се мислењата од страна на пациентите. Зголемено е позитивното чувство за време на сексуалната активност, самодовербата на пациентот, физичкиот изглед и психолошкиот момент.
Поставување на тестикуларни импланти е интервенција која рутински се изведува во КБ Аџибадем.