Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Здравје за мажи » Топ 5 здравствени прегледи за мажи

Топ 5 здравствени прегледи за мажи

Сподели

Да ги натерате мажите да одат на лекар е многу тешко. Тука се истражувањата да го потврдат истото. Според нив, ретко кој маж одлучил да појде на доктор за да го провери своето здравје. Драги мажи, запомнете, вредноста и квалитетот на секој превентивен преглед се состои во тоа да ги дијагностицира болестите навреме, како и да ви понуди препораки за промена на животниот стил, навиките, начинот на исхрана и да ви посочи патеки за поуспешно „управување“ со вашето здравје. Докторите од „Аџибадем Систина“ советуваат кои прегледи задолжително мора да ги направи секој маж.

1. PSA во крв и консултација со уролог

Карциномот на простата е еден од најчестите тумори кај машката популација. Главен ризик фактор е возраста. Ризикот е поголем доколку еден или повеќе членови во семејството имале карцином на простата.

„Еден од најважните превентивни прегледи што треба да бидат направени кај секој маж над 50 години е прегледот на простатата, кој се состои во ехо и ректален преглед на простатата. Составен дел од овој „машки пакет“ е и одредувањето на ПСА во крвта. Ова е еден вид на туморски маркер кој може да открие присуство на карцином во простата во многу рана фаза. Кај мажи со семејна историјаза карцином на простата, како и кај пушачи овие прегледи треба да започнат да се спроведуваат веќе од 45-тата година“– објаснува проф. д-р Љупчо Лековски, хирург уролог.

2. Колоноскопија

Карциномот на дебелото црево е многу почест кај мажите за разлика од жените. Овој канцер се развива од полипи-аденоми кои се јавуваат на слузокожата на дебелото црево. Тие може да се превенираат доколку навреме се откријат со колоноскопија и отстранат, пред да преминат во канцер.

„Колоноскопијата е единствениот преглед при кој со флексибилна туба на која има поставено камера, се гледа внатрешноста на дебелото црево и се откриваат полипите и карцином на дебело црево. Доколкусе откријат промени како полипи, истите се отстрануваат во еден акт за време на колоноскопијата. Секој маж на возраст помеѓу 50 и 60 години мора да направи колоноскопија, како единствена метода во превенција и навремено откривање на овој карцином“- објаснува проф. д-р Васко Василевски, гастроентерохепатолог

3. Интернистички преглед

Стресот, исхраната и недоволната физичка активност се главните виновници за високиот крвен притисок, зголеменото ниво на масти во крвта и појавата на дијабетес. Карактеристично за сите овие болести е што се јавуваат тивко, без симптоми, но може да бидат причина за сериозни срцеви и кардиоваскуларни проблеми, како и проблеми со бубрезите.

„Со редовни рутински прегледи на мажите над 30-годишна возраст сите овие болести може многу едноставно да се дијагностицираат. Со редовна терапија и промени на начинот на живот може да се стават под контрола, пред да се јават сериозни последици. Еднаш годишно е задолжително да направите лабораториски анализи кои можат да ви го спасат животот“– објаснува д-р Љупчо Стојковски, нефролог.

4. Дермоскопија

Најопасниот облик на карцином на кожата е меланомот. Според статистиките, мажите имаат 2-3 пати поголем ризик да развијат меланом за разлика од жените на иста возраст.

„Според досегашната пракса, меланомите кај мажите доцна се откриваат зошто за разлика од жените, тие не го набљудуваат своето тело и не може навреме да ги забележат промените на кожата. Како превенција од карциномот на кожа се препорачуваат редовни самопрегледи на кожата. Мажите треба да знаат дека по секоја промена која ќе ја забележат на своето тело треба веднаш да се јават на дерматолог, а еднаш годишно, особено пред летото, треба да направат дерматоскопија. Лекувањето на карциномот на кожа е многу ефикасно, но само ако се открие навреме“– објаснува д-р Андреј Петров, дерматовенеролог

5. Доплер на каротидни артерии

Се препорачува кај мажи со покачен крвен притисок, со семејна историја  со кардио-васкуларни заболувања и кај мажи со шеќерна болест и/или бубрежна болест.

„Исто така, исклучително важен преглед е ехото на срце и прегледот на каротидните артерии. При преглед на артериите се мери соодносот на двата внатрешни и средниот слој на ѕидот од артериите. Се изведува со цел да се одреди присуство на атеросклеротична болест на крвните садови кои се задолжени за носење кислород на крв до мозокот. Двете каротидни артерии се наоѓаат на двете страни од вратот и крвта која проаѓа низ нив може да биде делумно или целосно попречена од масните наслаги. Ваквата блокада може да го намали доводот на крв во мозокот и да предизвика мозочен удар. Затоа,тестот се изведува еднаш годишно кај луѓе над 50 години“– објаснува д-р Даниела Пројевска, кардиолог.

Најди доктор Закажи преглед Контакт