/Д-р Златко Палчевски : Бременост во лето

Д-р Златко Палчевски : Бременост во лето

Сподели

Високите температури може да бидат напорни и стресни за трудниците, затоа треба да се придружуваат до советите од своите гинеколози за полесно да гo поднесат жешкото време. Треба да се избегнува сè што може да им наштети на бремената жена и бебето. Многу е битна умереноста во сите активности, од сончање, пливање до телесни вежби. Ако бременоста има уреден тек, летните активности нема да им пречат и штетат на бремените во најубавиот животен период и исчекувањето на доаѓањето на бебето на свет“- советува д-р Златко Палчевски.

Какви тешкотии најчесто чувствуваат трудниците кога ќе почнат да се зголемуваат температурите?

Летото на сите ни носи опуштање и одмор. Но, високите температури и спарното време во летните месеци тешко ги поднесуваме, а особено бремените жени. Од една страна, бременоста во летните месеци има предност бидејќи има помала можност за вирусни заболувања, помала е можноста од повреди при одење и лизгање. Меѓутоа, некои бремени потешко го поднесуваат летото, што е разбирливо ако се знае дека метаболизмот на бремената жена е зголемен за 20%, а телесната температута за 0,5 Ц. Ваквите временски услови може да бидат напорни и стресни за бремените, затоа треба да им се поделат неколку корисни совети кои ќе им помогнат за полесно поднесување на жештините и промените во воздушниот притисок. Во секој случај треба да се избегнува сè што може да им наштети на бремната жена и бебето. Многу е битна умереноста во сите активности, од сончање, пливање до телесни вежби. Ако бременоста има уреден тек, летните активности нема да им пречат и штетат на бремените во најубавиот животен период и исчекувањето на доаѓањето на  бебето на свет.

Што би требало да направат трудниците при појава на отоци на рацете и нозете во летниот период?

Отоци во бременост се честа појава. Многу е важно да се знае причината за појава на отоците. Доколку тие не се поврзани со покачен крвен притисок и губење протеини во урината, можеби се предизвикани од „тежината” на самата бременост, особено ако втората половина од бременоста се одвива во летните месеци. Отоците повеќе се изразени на нозете, особено на стапалата и околу глуждовите, и најназначени се на крај на денот. Овие т.н. ортостатски отоци се повлекуват по одмор, лежење и ги нема наутро при станување по ноќниот одмор.

Во однос на подолги патувања, како би можело истото да се олесни и до кој период е дозволено да се патува?

Бременоста е физиолошка состојба на женскиот организам и доколку нема накое отстапување  во текот на редовните гинеколошко-акушерски прегледи, секако дека бремената жена може да патува сигурно, удобно и истото да ѝ претставува забава. Патување главно не се препорачува за бремени кои имаат ризик од хипертензија, диабетес, крвавење и историја за претходни спонтани абортуси. Второто тромесечие од бременоста, од 14. до 28. недела е оптимално време за патување. Патувањето во третиот триместар е помалку конфорно, поради притисок на матката на бешиката и дополнителен ризик од предвремено породување. Меѓуота, со удобен транспорт и попатни паузи, повеќето лекари се согласуваат дека бремената жена може да патува до 36. недела.

  • Бремените би требало да закажат преглед непосредно пред тргување на пат.
  • Тие кои планираат да патуваат на поголема дестинација и подолго време задолжително треба да носат со себе медицинска документација и крвна група.
  • Треба да се избегнува патување на места каде што нема во близина квалитетна здравствена установа, за евентуална потреба.
  • Исто така, неопходно е бремените да имаат обезбедено здравствено (меѓународно) осигурување.

Што би требало да се направи при каснување од инсект, дали постои некој посебен третман за трудници?

Една од непријатните страни на летото е можноста од каснување од инсекти. Тие се најчесто незначајни. Кај одреден број бремени може да предизвикаат локална реакција (оток, црвенило, чешање, болка), а кај многу осетливи може да предизвикаат и системска алергиска реакција.

Лекарски совет е да се покријат изложените делови од телото, да не се оди бос по трева, благите хранливи продукти да се чуваат покриени, на местото на убодот треба да се стави ладна облога (мраз).

Во случај на јака алергиска реакција, особено во близина на вратот и главата, веднаш да се побара лекарска помош. Ако е неопходно, во бременост може да се користат кортикостероиди и антихистаминици.

Во однос на дехидратација на телото, дали често се случува кај трудниците во лето, што може да предизвика и како да се спречи?

Во текот на летните месеци бремените жени треба да го зголемат внесот на вода и сокови  во организмот со што би ги надополниле електролитите што се губат со потење.  На тој начин се превенира дехидратација, се намалува можноста за уринарна инфекција и запек, кои може да доведат до сериозни последици. Ако е организмот дехидриран  може да почне да се лачи хормон, сличен на хормонот што се лачи пред породување и на тој начин да предизвика предвремени контракции. Затоа е важно идните мајки да внесуваат доволно вода, особено во третиот триместар од бременоста.

Ќе може ли да ни наброите кратки совети за бременост во лето, во однос на облеката, храната, сончање, пливање, при многу високи температури?

  • Избегнувајте директно изложување на сонце во најтоплиот дел од денот, од 11 до 17 часот.
  • Внесувајте по 8 чаши вода во денот (околу 1,5-2 литри) и важно е да се надомести губитокот на електролити.
  • Имајте почести и не многу обилни оброци.
  • Избегнувајте внесување на поголема количина  сол, но мала, умерена количина неопходно е да се внесува поради присуството на јод во солта.
  • Пливање е дозволена и препорачлива активност во бременост, доколку претходно е направен преглед за состојбата на плодот и состојбата на грлото на матката.
  • Избегнувајте интензивна физичка активност во најтоплиот дел од денот.
  • Потребно е да користите заштитна крема со максимален заштитен фактор 30-50, особено ако сте со посветол тен.
  • Носите удобни  чевли, препорачливо е половина број поголеми, а исто така треба облеката да биде во светла боја и да не е тесна.
  • Немојте предолго да стоите во едно место.
  • Доколку забележите отоци на рацете, извадете го накитот.

Одете си дома кога ќе ги осетите првите симптоми на замор, вртоглавица или силна жед. Легнете и напијте се чаша ладна вода. Ако во период од еден час не се чувствувате подобро, побарајте лекарска помош.