Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Здравје за жени » ЕНДОМЕТРИОЗАТА СÈ УШТЕ ПРЕДИЗВИК НА ДЕНЕШНИЦАТА

ЕНДОМЕТРИОЗАТА СÈ УШТЕ ПРЕДИЗВИК НА ДЕНЕШНИЦАТА

Сподели

Ендометриоза како клинички ентитет за првпат е опишана од страна на Рокитански во 1860 година, но до денес сè уште претставува научен предизвик во современата медицина. Таа е комплексно нарушување кое се дефинира како неконтролирано, немалигно растење на ектопично ендометријално ткиво. Со други зборови, се работи за болест кога слузницата на матката се појавува, започнува да расте и функционира надвор од телото на матката. Вака раселената и вгнездена слузница поминува низ сите фази на еден менструален циклус, исто како и ендометријалната слузница во матката. Постоењето на клеточна активност и присуството на стероидни рецептори на раселеното ендометријално ткиво е главна причина за нејзино појавување кај жени во репродуктивната возраст, вели д-р Снежана Стојковска, гинеколог акушер во „Аџибадем Систина“. Ендометриозата се јавува кај 10% од жените во репродуктивна возраст. Кај пациентките кои се јавиле за лекување и третман на неплодност овој процент изнесува 30 до 50%, а речиси истиот процент од 50% се дијагностицира лапароскопски кај пациентките со хронична болка во мала карлица. „Постојат повеќе теории за причините за појава на ендометриоза од која ниедна сама по себе не е доволна да даде соодветно објаснување за различната патологија и клиничка манифестација. Во поново време имунолошката теорија ја носи идејата за автоимуно заболување, а студиите за наследност и генетика ја покажуваат веројатноста за полигенетско мултифакторијално наследување на ендометриозата. Студиите покажуваат зголемен ризик за појава на ендометриоза кај роднини од прво колено за 3 до 10 пати во однос на општата популација“, вели д-р Стојковска.

КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ?

Ендометриозата е водечка причина за појава на хронична болка во карлица. Болката зависи од локализацијата на раселените ендометриотични жаришта и од органите што се зафатени со ендометриоза (мочен меур, ректум, дебело црево, јајното ткиво, матка…). „Често пати болката не корелира со тежината и степенот на ендометриоза. Хронична пелвична болка, предменструален синдром, диспареунија (болни сексуални односи) и намалување на репродуктивната способност на жената се најчести симптоми на ендометриоза. Сè тоа води кон намалување на квалитетот на животот на жената“, додава д-р Стојковска. Како најчесто иследувано гинеколошко заболување таа претставува голем медицински, социјален и економски проблем.

КАКО СЕ ПОСТАВУВА ДИЈАГНОЗА?

Основа за правовремена дијагноза останува детално земена анамнеза, клинички и ултразвучен преглед, употреба на магнентна резонанца, одредување на Cа 125 и лапароскопија. „Од достапните методи, за жал, лапароскопијата како инванзивна метода останува неприкосновена во дијагнозата и третман на ендометриозата. Дијагнозата се поставува со биопсија и хистолошка потврда на ендометриотичните жаришта. Лапароскопијата како златен стандард во дијагноза е техника со која се овозможува визуализација и одредени хируршки интервенции да бидат направени преку микрорезови на телото не поголеми од 1 см. Во зависност од оперативниот наод, степенот на ендометриозата се класифицира во еден од 4-те групи и притоа се користи ревидираната класификација за ендометриоза од Американското здружение за репродуктивна медицина“, објаснува д-р Стојковска. Ендометриозата во 60 до 75% на случаи се манифестира како оваријална ендометриоза, што подразбира создавање на таканаречени „чоколадни“ цисти на јајчникот.

КАКО СЕ ТРЕТИРА ЕНДОМЕТРИОЗАТА?

Лекувањето на ендометриоза зависи од карактерот на симптомите што се присутни, возраста на пациентката, желбата за потомство и степенот на ендометриоза. Стратегијата на лечење е подобрување на квалитетот на животот, при тоа е заобиколена причината за нејзиното појавување. Конзервативниот третман подразбира употреба на медикаментозна хормонска терапија (гестагена терапија, орална контрацепција, Даназол, анализи на GnRH и сл.). Важно е да се напомене дека медикаментозниот третман на ендометриоза не може да ја подобри репродуктивната способност на пациентката со ендометриоза, па во тие случаи потребен е хируршки третман. „Хируршкиот третман во најголем број случаи се изведува лапароскопски, а само по одредени индикации и преку класичен оперативен рез – отворена хирургија. Со оперативниот третман се постигнува намалување на степенот на проширување на ендометриоза, намалување на карличната болка, значително намалување на појавата на рецидиви и подобрување на репродуктивната способност на жената. При тоа се прават напори во унифицирање на хируршкиот третман на оваријалните цисти, во однос на индикациите (големина на цистата над 3 см) и техниката на работа со цел да се намали теоретскиот ризик за отстранување на оваријалниот кортекс и намалување на оваријалните резерви, како и појавата на рецидиви“, вели д-р Стојковска. Кај пациентките кои планираат потомство, процентот на спонтано забременување по оперативен третман на ендометриотични цисти во период од 9 до 24 месеци е дури 50 %. Во овие случаи се подразбира машкиот партнер да има уреден спермограм. Доколку пациентката не забремени спонтано по 1 година се препорачуваат некои од техниките на асистирана репродукција. Кај пациентките со дијагностициран трет и четврти степен на ендометриоза ин витрото останува третман на избор. Ендометриозата останува една мистериозна болест која бара донесување индивидуални одлуки за секоја нејзина фаза, од страна на лекарот и пациентот како единствен начин да се решат предизвиците што ги носи сама по себе.

Најди доктор Закажи преглед Контакт