/ХПВ и ризикот од цервикален карцином

ХПВ и ризикот од цервикален карцином

Сподели

Хуман папилома вирусот (ХПВ) е најчеста вирусна инфекција на репродуктивниот систем. Најголем дел од сексуално активни жени и мажи може да бидат инфицирани и реинфицирани со вирусот во одреден период од животот. Инфекцијата со ХПВ најчесто спонтано регредира, но кај секо­ја жена постои ризик да стане хронична, да предизвика промени на клетките на цервиксот (грлото на матката), т.н. преканцерозни лезии кои доколку не се детектираат и третираат, ќе преминат во инвазивен карцином, нагласува д-р Корнелија Трајкова, гинеколог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Се смета дека за развој на карцином кај жена со нормален имунолошки систем се потребни 15-20 години, а 5 до 10 години кај жени со намален имунолош­ки систем, како на пример нетретирана ХИВ-инфекција.

Типови

Изолирани се повеќе од 100 типови на ХПВ, од нив најмалку 13 се високоризични, кои предизвикуваат преканцерозни лезии и карцином на грлото на матката. Според статистиките речиси сите случаи на цервикален карцином се предизвикани од високоризичен ХПВ, а кај околу 70 отсто од пре­канцерозните лезии и цервикалните карциноми се изолирани типовите 16 и 18. ХПВ-вирусот може да предизви­ка и карцином на анусот, вулвата, вагината и пенисот. Ризик-фактори за хронична ХПВ-инфекција и развој на карцином се: раното започнување со сексуални односи, пушењето цигари, мултипни сексуални партнери, нама­лен имунитет (ХИВ-инфекција). Нискоризичните типови на ХПВ (најчесто 6 и 11) се причина за појава на тн. гени­тални брадавици-кондиломи и респи­раторна папиломатоза.

Симптоми

Инфекцијата со ХПВ-вирус не пре­дизвикува никакви симптоми и најчесто спонтано се повлекува. Но хроничната инфекција со одредени типови на ХПВ води до преканцерозни лезии и карцином. Симптомите се јавуваат многу доцна, кога карциномот е во напреднат стадиум, а вклучуваат нерегуларно, интерменструално крварење и крварење по сексуален однос, болки во грбот, нозете, карлицата, слабост, губиток на телесната тежина, губиток на апетитот, вагинален дискомфорт, по­ интензивен вагинален секрет со неп­ријатен мирис, отоци на нозете.

Дијагноза

Бидејќи ХПВ-инфекцијата не дава симптоми, првиот алармантен знак дека нешто се случува во вашиот организам е резултатот од Папаниколау (ПАП) тестот. Доколку има присуство на ХПВинфекција, може да се направат дополнителни иследувања, вклучително и ХПВ-типизација. Присуство на ХПВ, без промени на клетките, не мора да значи дека веднаш треба да се започне со лекување, туку редовно да се следи состојбата. Под поголем ризик се жените кои се инфицирани со високоризичен ХПВ-тип. Тие покрај редовните ПАП-тестови треба да прават и колпоскопски испитувања.

Лекување

Цервикалниот карцином е еден од ретките карциноми кој има т.н. прекурсори или премалигни промени кои може едноставно да се детектираат и третираат, со што се спречува неговата прогресија. По детекцијата, се вршат низа дијагностички процедури за класификација на стадиумот на болеста, што претставува основа за од­лука за начинот и типот на третман. Хирургијата, зрачната терапија и хе­мотерапијата се методи кои се користат во лекувањето на карциномот на матката.