Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Здравје за жени » ТВРДА ГРУТКА, ИСЦЕДОК, ЦРВЕНИЛО: КАНЦЕРОТ НА ДОЈКА НЕКОГАШ НЕМА СИМПТОМИ, НО СО САМОПРЕГЛЕДОТ МОЖЕТЕ ДА СИ ГО СПАСИТЕ ЖИВОТОТ

ТВРДА ГРУТКА, ИСЦЕДОК, ЦРВЕНИЛО: КАНЦЕРОТ НА ДОЈКА НЕКОГАШ НЕМА СИМПТОМИ, НО СО САМОПРЕГЛЕДОТ МОЖЕТЕ ДА СИ ГО СПАСИТЕ ЖИВОТОТ

Сподели

Во земјава, па и во светот е сè почест, но во последните години се покажува дека превенцијата може да значи живот, надеж за лекување, па и целосно оздравување. Канцерот на дојка се смета за чума на 21 век, а од друга страна е малигна болест која може рано да се дијагностицира, така што се овозможува навремено да започне лекувањето. Затоа, најважна е едукацијата на жените, знаењето дека самопреглед, но и редовните прегледи може да им го спасат животот. Д-р Маја Стојчевска-Чапова, радиолог, вели дека првиот самопреглед треба да започне уште тогаш кога ќе се развијат градите, а сугерира дека секоја млада жена во тој период, но и подоцна по развојот треба да знае дека редовните прегледи и самопрегледи се клучни за откривање на евентуални тумори, кои, за жал, некогаш се појавуваат и во адолесценцијата. Жените, пак, кои ќе надминат 36 години или најдоцна по 40. година треба редовно да започнат и мамографија.

НАЈЧЕСТО НЕМА СИМПТОМИ, ТВРДА ГРУТКА Е ЗНАК

Д-р Сточјевска-Чапова вели дека самопрегледот не значи оти пациентот сам ќе постави дијагноза, но дека самиот може да почуствува и да открие некоја промена. Самопрегледот се прави секој месец, два дена по завршување на менструалниот циклус. „Самопрегледот одзема минута и пол. Идејата за самопреглед не е дека пациентот сам ќе си постави дијагноза, туку ако забележи нешто, навремено да се јави на лекар. Целта е да се стекне навика на самопреглед, а и на редовни контроли на лекар“, вели д-р Сточјевска-Чапова. Нејзина препорака е ова да биде рутина на секоја жена затоа што малигните болести на почеток немаат симптоми. А еден од симптомите кои може да се утврдат при самопрегледот е тврдина во градата која претходно ја немало.
Може да забележи и некаква промена во формата и текстурата на градата, но и посува или поцрвенета кожа на градата. Во некои случаи се јавува и исцедок од градата кој може да биде или крвав или безбоен. Во таков случај или кога ќе се види барем еден од овие симптоми, жените веднаш мора да заминат на преглед.

НАМАЛЕНА СМРТНОСТ ПОРАДИ РЕДОВНИ СКРИНИНЗИ

Во некои земји освен едукацијата за самопрегледи, се прави и превентивен скрининг за жените. Статистиките покажуваат дека во земјите во коишто е воведен, смртноста од карцином на дојка е намалена за 35 проценти. Во земјава нема организиран скрининг за жените, а досега сите обиди беа безуспешни. Организиран скрининг значи повикување на женската популација во одредена возраст во одредени интервали на прегледи, интервали во кои туморот доколку се појави би пораснал толку за жената да не го почувствува, а лекарите да го забележат. Тоа, вели докторката, е пресретнување на карциномот. Таа е децидна дека и сега, во услови на пандемија, не треба да има одложувања и на закажаните прегледи, особено на тие кои се сметаат за итни, како што се пациентите кои имаат симптоми на карцином на дојка или оние со симптоми на инфекција (особено бремени и пациентки во доење). Прегледот не треба да се одложува и кај пациенти со акутен проблем во предел на пазувите, пациенти со абнормални резултати на скрининг, како и пациенти кај кои е потребна биопсија, пациенти за предоперативен стејџинг на болеста (магнетна резонанса), пациенти за следење на неоадјувантна терапија, пациентки за додијагностика поради други причини, скрининг на пациенти со изразен висок ризик за карцином на дојка. „Максимално безбедно одложување на планираниот преглед до 3 месеци се прифаќа кај пациенти со среден ризик – скрининг на пациенти со зголемен ризик за карцином на дојка, пациенти со БИРАДС-3 категоризирана промена на претходниот преглед и скрининг на пациенти оперирани од карцином на дојка и претканцерозни состојби. Безбедно одложување на планираниот преглед до 6 месеци се дозволува во групата со низок пресметан ризик кој ги опфаќа – редовен скрининг на асимптоматски пациенти со просечен ризик за карцином на дојка и магнетна резонанца за евалуација на импланти (скрининг)“, вели д-р Стојчевска-Чапова. Инаку, во развиените земји во кои функционира организираниот скрининг, пред пандемијата дури 74 проценти од дијагностицираните карциноми биле во стадиум нула или еден. Во Македонија само 27 до 34 проценти се во тој стадиум. Сепак, организираниот скрининг најмногу зависи од буџетот што го одредува државата. Таму каде што се одделуваат повеќе средства за таа намена, на пример, скрининзите почнуваат од 36 години, во други држави почнуваат од 40 или 50-годишна возраст.

МАМОГРАФИЈА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ПО 40 ГОДИНИ

Д-р Стојчевска-Чапова вели дека поради тоа што 40 проценти од карциномите не се видливи на ехо, а постојат карциноми кои не се чувствуваат на допир, ниту, пак, се гледаат на ехо, потребно е да се прави мамографија најдоцна по навршување на 40 години. Токму со ова снимање се откриваат и тие карциноми. Препораката е мамографијата да се повторува на две години, а ехото секоја година. Тоа се најдолгите интервали кои се сметаат за безбедни. Многу мал процент, или 0,5 отсто, од сите карциноми се брзорастечки, но тоа се 1 од 1.000 карциономи. Затоа и самопрегледот се смета за доста важен. Д-р Стојчевска-Чапова потенцира дека ако пациентот има зголемен ризик кој се утврдува од посебни табели за пресметување на ризикот, тој, односно таа жена треба да прави почести прегледи. Кај нив и временскиот интервал за мамографија е пократок. Кај некои пациенти треба да се направи и магнет во скринингот.

Најди доктор Закажи преглед Контакт