/Колпоскопијата открива предканцерозни промени на грлото на матката

Колпоскопијата открива предканцерозни промени на грлото на матката

Сподели

Колпоскопија претставува преглед на грлото на матката и дел од вагината. За таа цел се користи извор на јака светлина и апарат – колпоскоп кој се поставува пред вагината и неколку пати го зголемува видното поле. Колпоскопијата всушност е помошна метода која има за цел, заедно со претходно направен ПАП тест, да го одреди местото на абнормален епител на грлото на матката и доколку е потребно прецизно да може да се земе дел од ткивото – биопсија , за понатамошна пато-хистолошка анализа. Основно значење на оваа метода е рано да се откријат  предканцерозните промени или рано да се дијагностицира карцином на грлото на матката кој може да биде излекуван.

Пред прегледот потребно е пациентката детално да се информира за начинот на изведување, целта и евентуалните методи за натамошен третман.

Кога е најдобри време за колпоскопија?

Се препорачува ПАП тест и колпоскопија да се прави непосредно по завршување на менструалното крвавење. Дента пред изведување на оваа процедура пациентките не треба да користат вагиналети, тампони, да се избегнува сексуален однос, да не се  користат сретства за интимно миење и да се испразни мочниот меур.

Како се изведува?

Колпоскопијата е безболна метода, се изведува во ординација, на гинеколошка столица, во гинеколошка положба, односно на ист начин како што се изведува гинеколошки преглед.  Прво се пласира спекулум за да се отворат ѕидовите на вагината, а потоа ако претходно не е земено, се зема ПАП тест и се пребришува грлото на матката со раствор од 3% оцетна киселина. Составен дел на колпоскопскиот преглед е пребојување на површината на грлото на матката со специјален јодов раствор за подобро визуализирање на состојбата. Во тек на постапката пациентката треба да биде опуштена, релаксирана и да ги слуша советите од лекарот. Целата процедура не трае подолго од 10 минути, а пациентката би можела истата да ја следи на монитор, доколку има услови. Од прегледот треба да очекува одговор од гинекологот за колпоскопската слика на грлото на матката, односно опис на евентуалните промени и предлог за терапија, натамошни контроли или евентуални дополнителни иследувања (ХПВ типизација, биопсија на грлото на матката, ендоцервикална киретажа, ласер вапоризација, конизација и сл.).

Самата процедура – колпоскопија нема никакви несакани ефекти. Таа денес е општо прифатена метода  заради драгоцениот придонес во откривање на предмалигните и малигните промени.

Само оние промени на грлото на матката кои нема да се откријат и лекуваат на време може да се развијат во канцер. Карциномот на грлото на матката може да се превенира во 100% случаи ако се вршат редовни гинеколошки контроли.