Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Здравје за жени » Магнетна резонанца на дојки

Магнетна резонанца на дојки

Сподели

Магнетната резонанца е метода која не користи јонизирачко зрачење. Тоа е метода која во процесот на создавање слика го користи магнетното поле, потпомогнато со одредени радиофреквентни сигнали на кои реагираат водородните атоми (човековото тело е создадено 70% од вода, а таа, пак, 70% од водородни атоми). Сложени математички формули и комплексни физички концепти се користат кај оваа техника во процесот на добивање слика.

Што значи магнетна резонанца на дојки?

Магнетната резонанца е неинванзивен тест кој лекарите го користат за дијагностицирање болести. Работи на принципот на силно магнетно поле, радиофреквенција и произведува детални слики на органите, меките ткива, коските и внатрешните структури. Со помош на оваа процедура докторите можат детално да ги разгледаат сите делови од телото и да го одредат присуството на одредени заболувања. Според д-р Маја Стојчевска-Чапова, радиолог, магнетната резонанца дава прецизни информации за дојката кои не можат да се видат со ултразвук и мамографија, но засега не претставува нивна замена туку се користи како дополнителна алатка.

За што се препорачува?

  • Како дополнителна дијагностичка метода пред операција на пациенти со веќе дијагностициран карцином на дојка кај кои е планирана штедлива хируршка интервенција (интервенција за зачувување на дојката – квадрант ресекција или лампектомија), да се дијагностицира евентуално постоење на дополнителна малигна болест во дојките. За откривање дали карциномот на дојката се проширил до соседните структури (мускули, соседни скелетни структури, кожа), или евентуално истовремено постои и окултен (скриен) карцином и во другата дојка;
  • За разликување на промените во дојките по операцијата (одлично разликува лузна од карцином) во случај на повторна појава на карцином, кај жените кои имале интервенција за зачувување на дојките поради карцином на дојка;
  • За додијагностицирање на сомнителни промени откриени со мамографија, ултразвук или палпација;
  • За оценување на одговорот на хемотерапија кај пациенти во напреден стадиум на карцином на дојка кај кои е ординиран неоадјувантен третман (лекувањето започнува најпрво со конкретна хемотерапија по што евентуално се преминува на хируршки третман);
  • За скрининг кај жените со пресметан зголемен ризик за карцином на дојка y Во откривање на примарното жариште на карцином кај пациенти кои се дијагностицирани со метастатски канцер (веќе присутен во другите делови на телото) ;
  • При анализа на импланти (проценка на нивниот интегритет, пукнатини, руптури) и скрининг и дијагностичка анализа на ткивото под имплантот.

Скрининг кај жените со висок ризик за карцином на дојка

Магнетната резонанца е одлична алатка за скрининг на карциномот на дојка. Сензитивноста (осетливоста) на оваа метода во откривањето малигни ткива се движи од 97-100%, за разлика од стандардните методи, како што се мамографија и ултразвук, каде осетливоста во зависност од многу фактори како густина на дојки, субјективност, може да падне и до 47%. Под зголемен ризик се смета присуството на карцином на дојка кај 2 или повеќе сродници по иста линија во семејството, појава на карцином на дојка кај член од семејството од прва линија на рана возраст под 45 год., присуство на 1 член во семејството со карцином на дојка, друг со карцином на јајчник или дебело црево. Ризикот се смета за зголемен доколку пациентот веќе имал карцином на дојка или претканцерска состојба на дојка. Вашиот доктор може да ја погледне вашата семејна историја, да ги воочи дополнителните ризик фактори и да ве посоветува како треба да изгледа вашиот личен план за превентивни (скрининг) прегледи.

Додијагностика на абнормалностите забележани на мамографија или ултразвук

Понекогаш абнормалностите што се забележани на мамографија и на ултразвук можат дополнително да се анализираат со магнетна резонанца. Значаен дел од нив поради ограничувањето на овие техники можат да претставуваат лажни грутки (преклопување на сенки на мамографија-суперпозиција, асиметрија, дисторзија). Со ова испитување може да се утврди реалното постоење на сомнителни фокуси, како и дали има потреба од биопсија.

МРИ по хемотерапија

Кај некои пациенти третманот на карциномот на дојка започнува со хемотерапија. Тоа е т.н. неоадјувантен пристап кој се употребува кај напреднати карциноми. Пациентките со локално напредната болест добиваат хемотерапија пред планираниот хируршки третман со цел смалување, локализирање на туморот и овозможување на безбеден евентуално штедлив хируршки третман. Пациентките со генерално напредната болест се третират системски со хемотерапија. Во овие случаи магнетната резонанца се користи како алатка за следење на одговорот на спроведената хемотерапија. Таа не само што може да направи прецизна анализа на димензиите на туморот (се смалил или не) туку овозможува и анализа на вијабилноста на малигното ткиво (постојат алатки за анализа на биолошката активност на туморот).

МРИ за силиконските импланти

МРИ е единствена метода со која во целост може да се прикаже имплантот, поради што се користи при анализирање на истите (пукнатини, руптура)

Како да се подготвите пред испитувањето?

Пред испитувањето со магнетна резонанаца потребно е да поразговарате со персоналот на радиолошкиот оддел, за евентуалните ограничувања. Постојат вообичаени ограничувања за изведување прегледи со магнетна резонанца и се однесуваат на пациетки кои имаат вградено метални протези во телото или вградени електронски уреди, како пејсмејкер, слушни импланти. Овие пациенти никако не смеат да се најдат во близина на магнетно поле. При изведување на магнетната резонанца на дојки задолжително се користи контрастно средство (истото исклучително ретко предизвикува алергиска реакција). Се внесува во мала количина, околу 10 мл, поради што не се забележани реакции од типот на гадење и повраќање. Најважно при планирање на прегледот е да се води сметка за периодот од циклусот кај жени кои не се во менопауза. Дојките претставуваат исклучително хормон зависен орган. Во втората половина од циклусот тие покажуваат поголема основна акумулација на контраст која може да попречи при прегледот. Поради тоа пациентките кои имаат редовен циклус се советуваат прегледот да го направат помеѓу 5-14 ден од циклусот. Снимањето на дојките обично трае од 15 до 30 минути.

Кои се предности?

  • МР не користи Х-зраци (нема зрачење). Обезбедува повеќе информации во споредба со други методи на снимање дојка. На овој начин можат да се откријат карциноми кои се невидливи со другите методи.
  • Густината на дојките, лузните од претходни интервенции кои наликуваат на карциноми и имплантите не претставуваат проблем за оваа метода
  • Во споредба со мамографија и ултрасонографија, МР претставува метода со многу висока сензитивност (осетливост) кон малигни ткива со реферирани вредности до 100%. Воедно таа претставува и објективна метода (за разлика од ултразвукот, чија сензитивност најмногу варира во зависност од искуството на лекарот).

Кои се недостатоците?

  • МР е поскапа метода од другите методи на снимање.
  • Потребен е посебен тренинг и искуство за работа на оваа метода.
  • Постојат тумори кои може да се откријат само со МР, во кој случај биопсијата или предоперативното маркирање треба исто така да се направи со помош на МР.

Ново во Аџибадем Систина МР 3 тесла

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ наскоро ќе почне со работа единствениот апарат, магнетна резонанца 3 тесла. Моќната технологија вградена во апаратот овозможува да се добијат појасни снимки за двојно побрзо време, а во исто време да се откријат и најмали промени во ткивото. Цилиндарот е поголем, што овозможува поголема удобност за пациентите за време на снимањето.

Најди доктор Закажи преглед Контакт