/Најчести прашања за HSG

Најчести прашања за HSG

Сподели

Хистеросалпинографија или HSG е важна дијагностичка постапка за утврдување на плодноста кај жената. Најчесто се препорачува кај жени кои подолго време имаат проблем да останат бремени. Се изведува со помош на Х-зраци, со кои се визуализира внатрешноста на матката и јајцеводите.

За време на хистеросалпинографија, преку вагиналниот отвор се спроведува тенка цевка низ која протекува течност (контрастен материјал) низ матката. Бидејќи матката и јајцеводите се поврзани, контрастното средство се прелева и во јајцеводите. Додека контрастното средство ја исполнува внатрешноста на матката и јајцеводите, се прават слики со помош на рендген X-зраци (флуороскопија). Фотографиите даваат информации за внатрешноста на матката и евентуални проблеми, како повреди или абнормална структура на матката или јајцеводите, или недоволно проодни јајцеводи кои спречуваат ембрионите да се движат низ јајцеводите до матката. Оваа блокада исто така може да спречи сперматозоидите да се движат низ Фалопиевата цевка и да се спојат со јајце-клетка. Со помош на HSG може да се дијагностицираат и проблеми во внатрешноста на матката кои не дозволуваат оплодената јајце-клетка да се вгнезди на ѕидот на матката. Ако јајцеводите се отворени, течноста ќе тече низ нив и ќе се прелева во стомакот, каде што ќе се апсорбира природно од страна на телото. Ако јајцеводите се блокирани, течноста нема да помине.

Како се изведува и колку трае?

Целата постапка трае од 5 до 10 минути, а еве како се спроведува:

– Пациентката легнува на грб како за гинеколошки преглед

– Докторот поставува спекулум во вагината

– Потоа воведува мал катетер до матката

– Откако ќе се постави катетерот се вбризгува контрастно средство со кое се исполнува матката, како и јајцеводите.

– Во исто време се прават слики со помош на рендген-зраци

По завршување на постапката се вади спекулумот, а пациентката останува неколку минути легната. Оваа дијагностичка постапка е безболна. Некои пациентки може да почувствуваат грчеви како менструални грчеви за време на циклус. Интензитетот на болката зависи од проблемот кој ќе се дијагностицира и дали истиот може да се третира за време на постапката.

Кога е најдобро да се направи?

– Овој тест треба да се направи од 2 до 5 дена по завршување на менструалниот циклус. Исто така треба да се направи пред овулација за да се избегне користење Х-зраци за време на бременост. Пред постапката се препорачува да се направат микробиолошки брисеви од вагина и грлото на матката.

Што се дијагностицира со помош на хистеросалпинографија?

– Се дијагностицираат вродени аномалии на матката, полипи, тумори или ожилно ткиво. Се испитуваат јајцеводите и нивната проодност и евентуална присутност на пелвична инфламаторна болест или ендометриоза.

Дали со HSG се зголемуваат шансите за бременост?

– Според некои студии, шансите за бременост се зголемуваат неколку месеци по хистеросалпинографијата. Ова е последица на плакнење на јајцеводите, отворање на каналите или отстранување на некои остатоци кои се причина за зачнување.

Дали може да се јават компликации?

Компликациите поврзани со хистеросалпинографија се многу ретки, како на пример алергиска реакција на контрастот. Како компликации може да се појават карлична инфекција или перфорација на матката, но тие се исклучително ретки. Превентивно по интервенцијата се препишува антибиотска терапија за да се намали ризикот од инфекција по HSG.