/Најсовремен третман на карцином на дојка

Најсовремен третман на карцином на дојка

Сподели

Карциномот на дојка е дијагноза од која стравуваат речиси сите жени. Причина за стравот е статистиката, која вели дека карциномот на дојка се дијагностицира кај една од осум жени. Како и за секое малигно заболување, така и за карциномот на дојка од особено значење е раното откривање нa болеста. Пациентките во прв и во втор стадиум на болеста, кога таа е локализирана во дојката и има зафатено помал број регионални лимфни јазли, имаат поголема шанса за излекување, за разлика од пациентките со понапреден стадиум, вели д-р Дева Петрова, онколог во Клиничката болница „Аџибадем Систина”.

Покрај редовниот скрининг, жените секогаш кога ќе почувствуваат промени поврзани со дојките од типот на црвенило, болка, тврдина во дојката или во пазувите, вовлечена кожа на површината од дојката, вовлечена брадавица, секрет од брадавицата или промена на бојата на кожата на дојката треба да се јават на лекар.

Ризик фактори

– генетската предиспозиција

– хормонска терапија со естрогени

– изложеноста на јонизирачко зрачење

– жени со зголемена телесна тежина

– жени што не раѓале

– пушење, консумирање алкохол и намалена физичка активност

Лекување

Ако болеста е откриена во ран стадиум, третманот почнува со хируршка операција, односно со отстранување на заболеното ткиво. Понатамошното лекување може да опфати примена на хемотерапија, хормонска терапија или зрачна терапија, според резултатите од постоперативниот хистопатолошки наод. Ако се работи за поголем тумор или за клинички палпабилни лимфни јазли во пазувите, лекувањето може да почне со хемотерапија, а потоа да се направат оперативниот зафат и зрачната терапија. Режимот на лекување карцином на дојка, покрај стандардната хемотерапија, опфаќа и вклучување биолошка или целна терапија. Денес постои можност за користење препарати што се комбинација на хемотерапија и биолошка терапија, со што се зголемува селективното дејство на терапијата врз туморските клетки и се намалуваат несаканите ефекти од терапијата. Може да се комбинираат повеќе биолошки препарати за да се направи блокада на повеќе нивоа на ниво на туморските клетки и за да се подобри ефектот од лекувањето. Благодарение на оваа комбинирана терапија можно е лекување на болеста и продолжување на животот и кај оние пациенти каде што болеста развила метастази. Најсовремената терапија (онколошка и радиотерапија) за лекување на оваа болест е достапна за пациентите во Клиничката болница „Аџибадем Систина”.

Центар за дојка

Покрај раното откривање на болеста, за нејзино успешно лекување е потребен мултидисциплинарен пристап од поставување дијагноза, па до одредување соодветна терапија. Во Центарот за дојка во „Аџибадем Систина“ заболените на едно место можат да ги направат сите дијагностички испитувања и да ја добијат соодветната терапија.