Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Здравје за жени » ОД МИГРЕНА СТРАДААТ НАЈМНОГУ ЖЕНИТЕ

ОД МИГРЕНА СТРАДААТ НАЈМНОГУ ЖЕНИТЕ

Сподели

Значајно е почеста кај жените, спаѓа во групата на васкуларни главоболки – сепак механизмите за тоа како настанува мигрената сè уште не се доволно познати. Постојат два типа мигрена, а се претпоставува дека нападите на ваков тип главоболка се јавуваат како резултат на ненормална активност во мозокот.

Често среќаваме некој кој се жали дека има мигрена. Пациентите се жалат дека тешко ја поднесуваат. Кај некои се јавува често, кај другите повремено. Сите истакнуваат дека станува збор за интензивна главоболка која често е проследена и со други мачнини. Медицински нападите кои се резултат на некоја ненормална активност на мозокот, која, пак, прави промени кои го засегаат начинот на кои нервите комуницираат, како и хемиските медијатори со кои се пренесуваат импулсите низ мозокот и крвните садови на мозокот. Сепак, и генетските фактори може да придонесат некој да почувствителен на тригерите кои може да го предизвикаат нападот.

ЖЕНИТЕ ПОПОДЛОЖНИ

На осум до девет жени мигрена има само еден маж. Навистина жените почесто страдаат, а ако се анализира возраста кога се почести – тоа е периодот од адолесценција до 45 до 50 години. Има пациенти кои се и помлади, но во постара возраст нападите се сè поретки и се со помал интензитет.

„Предзнаците за почеток на напад може да се најразлични во зависност од тоа во кој дел на мозокот почнува нападот. Можат да бидат промени во видот, вртоглавици, мирисни сензации, трнење во раце, нозе, стомачни тегоби и мачнини, нагони за повраќање. По овој период нападите почнуваат обично на една страна на главата. Станува збор за силни пулсирачки главоболки кои траат со часови. За време на напад на главоболка на пациентите кои страдаат може да им пречи светло, да им пречат звуци“, вели д-р Милчо Демерџиев невролог. Вториот тип напади на мигрена е без аура, кога предзнаците ги нема туку нападот почнува веднаш со напад на пулсирачка главоболка или болката ги буди луѓето од спиење.

ИМА ЛИ ЛЕК

Д-р Милчо Демерџиев вели дека пациентите сами прават стратегија за решавање и однесување за време на нападот. Обично се изолираат во тивка и темна просторија, без галама и без светло, во обид да го преспијат нападот. Стратегијата за третман на мигрени се разликува од зачестеноста на нападите. Ако нападите се еднаш на 2-3 месеци, се решава секој напад поединечно. Третманот зависи од видот на нападите. Ако е мигрена со аура, најдобро е да се земе лекот додека трае аурата, односно предзнаците. Прв лек што се користел во оваа фаза е аспиринот. Сепак, ако пулсирачката главоболка е започната, овој лек не делува. Во случај на користење аспирин кај жени со мигрена може да се продолжи траењето на менструалниот циклус. Инаку, најчесто нападите се случуваат за време на циклусот. Аспиринот има ефект на зголемување на крвавењето. „Последните 25-30 години како лек на избор се воведени триптани, лекови кои најчесто решаваат по еден напад. Нивниот недостаток е тоа што може да се употребат 2-3 таблети во тек на напад, а бидејќи делуваат на крвните садови предизвикувајки нивно стегање, може да даваат и споредни ефекти, меѓу кои стегање во гради, болки во стомак или вознемиреност. Потешките напади се решаваат во болнички услови“, вели д-р Милчо Демерџиев невролог.

СТРЕСОТ, НЕСПИЕЊЕТО И МИГРЕНАТА

Ако нападите се многу чести, треба да се оди на третман за превенција. Тоа значи дека пациентот треба да зема лекови и додека нема напад, со што ќе го спречи појавувањето. Најчесто користени лекови за оваа цел се бетаблокери – лекови што ја забавуваат работата на срцето, антиаритмици, трициклични антидепресиви, антиепилептици-валпроати, топирамат. Во поново време како лек се користи и апликација на ботулински токсин. Се утврдило дека пациентите треба да ги избегнуваат тригер-факторите. Најчесто тие кои страдаат од мигрена знаат од што може да се интензивира нападот или да се појави па тоа се обидуваат да го анулираат. Сепак, најчесто како причини и фактори кои се поврзуваат со појавата на мигрена се континуиран стрес, недоволно спиење, недоволна и нередовна исхрана, некои видови храна, како што се некои сирења, чоколади на пример. Се разбира влијание може да има и консумирањето алкохол, хормонални промени кај жените.

ВОДЕТЕ ДНЕВНИК

Кога имате мигрена запишете што сте јаделе неодамна, колку добро сте спиеле претходната ноќ, дали сте имале стресен ден и какво е времето надвор. Со следење на овие фактори со тек на време ќе си помогнете во идентификување на причините за мигрена.

ВЕЖБИ ЗА РЕЛАКСАЦИЈА

Физичката активност не може да спречи појава на мигрена, но може да ги намали тригер-факторите, особено стресот, неспиењето. Емоционалниот стрес и напнатоста ја активираат мигрената. Иако е невозможно целосно да се избегне стресот, вежбите за релаксација може да ви помогнат да се справите со него. Вдишувајте и издишувајте пополека, исполнете го целиот капацитет на вашите бели дробови, вежбајте и најдете најсоодветен начин за релаксација. Некои луѓе едноставно се смируваат и со пешачење или со слушање музика што релаксира и смирува.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт