/ШТО ЈА ПРЕДИЗВИКУВА КАРЛИЧНАТА БОЛКА?

ШТО ЈА ПРЕДИЗВИКУВА КАРЛИЧНАТА БОЛКА?

Сподели

Карличната болка е најтежок симптом за лекарот. Истата може да биде акутна и хронична. Причините за карличната болка се различни и може да се комплицираат со слични, а понекогаш и со исти симптоми како симптомите на гастроинтестиналните, урогениталните, мускулоскелетните и психолошките органи.

АКУТНА КАРЛИЧНА БОЛКА

Д-р Ана Кацарска, гинеколог-акушер, објаснува дека акутната болка во карлицата е силна и се карактеризира со неочекуван почеток, острина и краткотрајност. Од суштинско значење за рана и правилна дијагноза е точната анамнеза. Треба да се утврди датумот на првата и последната менструација и присуството на абнормалното крвавење или исцедок. Важни се менструалната, сексуалната и контрацептивната анамнеза и секоја анамнеза за полово преносливите болести и претходните гинеколошки нарушувања. Од исклучително значење е и пациентката да каже како и кога почнала болката, дали има присуството на некој од гастроинтестиналните симптоми (анорексија, гадење, повраќање, констипација, опструкција, ургентност, зачестеност, гасови), уринарни симптоми (ургентност, зачестеност, хематурија или дисурија) и знаците на инфекција (грозница, температура). Пациентите се прашуваат и за нивната медицинска анамнеза и за некоја претходна оперативна и хируршка интервенција.

ГИНЕКОЛОШКИ ПРИЧИНИ ЗА АКУТНА КАРЛИЧНА БОЛКА

Ектопична бременост – се дефинира како имплантирање на плодот надвор од празнината на утерусот. Класичните три симптоми на ектопичната бременост се болка, отсуство на менструација и крвавење од вагината. Најизразен симптом е абдоминалната болка, но острината и природата на болката варираат во голема мерка. Болката може да биде еднострана или на двете страни и да настане во горниот и долниот дел на стомакот. Болката може да биде тапа, остра или грчевита и континуирана или со прекини. Покрај анамнезата и лекарскиот преглед, често се неопходни дополнителни тестови за рано да се распознае одржливата интраутерина бременост, суспектната ектопична или абнормалната интраутерина бременост.

Прскање или руптура на циста на јајчниците. Функционалните цисти  се најчести цисти на јајчниците и прскаат побрзо од малигните неоплазми. Оваријалната циста која не се извртува не предизвикува акутна болка. Цистата на  жолтото тело (corpus luteum) најчесто руптурира и доведува до хемоперитонеум (излив на крв во стомачната празнина). Симптомите на руптурирана циста на corpus luteum се слични со симптомите на руптурираната ектопична бременост. Обично болката почнува ненадејно и е придружена со општа болка во стомакот, а понекогаш и со вртоглавица и со синкопа поради развој на хемоперитонеум. За дијагностицирањето повторно се неопходни клинички и лабораториски иследувања. Торзија (извртување) на аднексите –Торзијата, односно извртувањето на васкуларната педикула на овариумот, тубата, паратубалната циста или ретко само на Фалопиевата туба, доведува до исхемија и брзо почнување на акутната карлична болка. Бенигниот цистичен тератом  е најчеста неоплазма која трпи торзија. Болката поради торзијата е јака и непрекината или ако торзијата е делумна и повремено неизвртена, таа се јавува одвреме-навреме. Почетокот на торзијата и симптомите на абдоминалната болка често настануваат заедно со кревање, вежбање или при полов однос. Обично се присутни автономни рефлексни реакции (на пример мачнина, повраќање). Инфекцијата е придружена со блага покачена температура и леукоцити. Торзијата на аднексите мора да се третира по хируршки пат.

Акутен салпинго-оофоритис – инфекциите се честа причина за акутна болка. Особено инфекциите со Chlamydia trachomatis и N.gonorrhoeae. Гонококната инфекција се манифестира со акутно почнување на болка во карлицата која се засилува при движење, треска, пурулентен исцедок од вагината, а понекогаш и со мачнина и повраќање. Често болката се поврзува со менструалниот циклус, време кога патогените организми имаат пристап до горниот генитален тракт. Обично на преглед со палпација се забележува директната болна осетливост.

Тубооваријалниот апсцес – Руптурата на тубооваријалниот апсцес е опасна по живот и е неопходна итна хируршка интервенција бидејќи грам негативниот ендотоксичен шок може брзо да се развие. Леомиоми на утерусот – Леомиомите се тумори на мазните мускули на утерусот. Акутната карлична болка како последица на леомиомот е ретка. Акутната карлична болка може да се развие само ако миомот дегенерира или се изврти. Дегенерацијата  на миомите е секундарна поради слабата васкуларизација, како последица на брзото растење.

АКУТНА БОЛКА ОД ДРУГО ПОТЕКЛО

Причините за акутната карлична болка може да потекнуваат и од другите органски системи. Како најчеста причина од страна на гастроинтестиналниот тракт  е воспалението на слепото црево (апендицитис). Друга причина е опструкција на цревата, која може да се јави како резултат на постхируршки атхезии, хернија, инфалматорна болест на цревата или карцином на цревата или овариумот. Како најчеста причина за акутна карлична болка од страна на уринарниот систем е присуство на каменчиња.

Сите жени кои се во репродуктивната возраст со акутна карлична болка треба да направат целосна крвна слика, седиментација на еритроцитите, анализа на урината  или сензитивен квалитативен урино или серумски тест за бременост, како и ултразвук на карлицата.

Третманот на жените со хронична болка треба да биде мултидисциплинарен, терапевтски и супортивен, но многу важна е и психолошката компонента  бидејќи пациентите треба да научат посебни вештини на справување со болката.

ХРОНИЧНА КАРЛИЧНА БОЛКА

Хроничната болка во карлицата останува општа дијагноза која опфаќа многу специфични причини, од ендометриоза до компресија на нервот. Пациентките со хронична карлична болка често се анксиозни и депресивни. Нивниот брачен, општествен живот и работата обично се нарушени. При првата посета на лекар треба да се земе целосна анамнеза за болката, имајќи ја предвид природата на секој симптом на болката – локацијата, зрачење, фактори на попуштање и иритација, влијанието од менструалниот циклус, стрес, работа, вежбање, дали се јавува при сексуален однос.

ПРИЧИНИ ЗА ХРОНИЧНА КАРЛИЧНА БОЛКА

Главни причини за овој тип болка се ендометриозата и атхезиите (сраслините). Ендометриозата може да се најде кај 15% до 40% од пациентките кои се подложни на лапароскопија поради хронична болка во пелвичниот дел. Длабоко инфилтрираните лезии на ендометриумот во ректовагиналниот септум и цревата, утерусот и мочниот меур се силно поврзани со болката. Вагиналните и утерсакралните ендометриози се поврзуваат со болка при сексуалниот однос. Ендометриозата е хируршка дијагноза што се темели на идентификација на карактеристичните лезии. Атхазиите забележани за време на лапароскопскиот преглед се честа причина за хронична карлична болка. Како причина за хронична певилна болка може да бидат и другите органски системи. Како најчеста причина од страна на гастроинтестиналниот систем е синдромот на иритабилно црево, каде што доминантен симптом е стомачната болка, а како симптоми се јавуваат надуеност на цревата, наизменична дијареа со констипација. Како причина за карлична болка може да биде и компресија на нервот, миофасцијална болка, но треба да се напоменат и психолошките фактори. Третманот на жените со хронична болка треба да биде мултидисциплинарен, терапевтски и супортивен, но многу важна е и психолошката компонента  бидејќи пациентите треба да научат посебни вештини на справување со болката. Третманот може да биде таблетарен или хируршки, во зависност од причината и состојбата на пациентката.