/Страв од гинеколог

Страв од гинеколог

Сподели

Не сакам на гинеколог

Иако постојано се зборува дека карциномот се лекува доколку се открие навреме, за жал, сè уште постојат предрасуди кои само ја зголемуваат бројката на карциноми откриени во напредни стадиуми.

Карциномот на грлото на матка се открива едноставно со редовни гинеколошки прегледи. Иако постојано се зборува и апелира еднаш годишно да го посетите вашиот гинеколог, статистиките не се менуваат.

Според едно истражување, најчестата причина зошто жените ги одложуваат редовните гинеколошки прегледи е СТРАВОТ. Неоправданиот страв најчесто е последица на погрешни верувања и предрасуди кои жените ги имаат. На пример, страв од непознато, болести, непријатниот преглед. Други, пак, сметаат дека се здрави и немаат симптоми, а со тоа и не треба да одат на гинеколог.

Во прилог ви нудиме неколку совети како да го надминете стравот, и зошто треба да одите на гинеколог:

ПАП тест

Папаниколау или скратено ПАП тест претставува скрининг метода (едноставна, апликативна, евтина и релативно егзактна метода ) во следењето на огромен број пациентки со цел навреме да се детектираат раните стадиуми на промените на грлото на матката. Ова е особено значајно кога се знае дека карциномот на грлото на матката е на второ место, веднаш по карциномот на дојка кај женската популација. Раната дијагноза на промените овозможува во одредени стадиуми 100% излекување. Тоа е еден од ретките карциноми кај кои успешноста од лекувањето е со толку висок процент. Од друга страна, застрашувачки е фактот што старосната граница на појава на промените на грлото на матката е поместена, за жал, на многу помала возраст.

Причини за тоа има повеќе, но најчесто споменувани се раното почнување со сексуални односи, како и промената на повеќе сексуални партнери. Оттаму се наметнува и потребата за ран прв контакт со гинеколог.

Прв гинеколошки преглед

Од првото сексуално искуство почнува внатрешната “борба” на пациентката, за првиот гинеколошки преглед. Младите пациентки мора да запомнат дека не секоја посета на гинеколог значи дека мора да е бремена и не секоја посета значи дека мора да постои некаков проблем. Околината ( соседите, пријателите па и роднините ) како дел од традицијата, посебно во нашето поднебје, обично сакаат да ја коментираат посетата на гинеколог ( веројатно е бремена, има само 16 години, а оди на гинеколог, ги менува момчињата па сега ќе оди на гинеколог итн ).

Недоволната информираност пред сè и стравот од непознатото од самиот чин „одење на гинеколог” само ја дополнуваат сликата за состојбата на жената, а сето тоа придонесува за одреден психички притисок со кој секој не успева секогаш лесно да излезе на крај. Од тој аспект потребата од морална ( вербална ) поддршка е неминовна . Физичкото присуство на некој од најблиските при посетата на гинеколог во голема мера ги прави сигурни.

Надминете го стравот

Имено, предмет на интерес на гинеколозите се гениталиите на жената, најинтимниот дел од човековото тело. Не е едноставно да се убедите себеси дека барем еднаш годишно ако не и повеќепати мора да “ги експонирате вашите гениталии “, особено кога немате ама баш никаков проблем. Понатаму самиот преглед од технички аспект е поврзан со одреден инструментариум кој при погруба манипулација може да биде болен. И на крај, но не и безначаен е односот, а за некои пациентки и полот на гинекологот.

Првичниот контакт, објаснувањето ( разговорот ), искреноста и професионалноста се дел од секој преглед не само гинеколошкиот, но спецификата е во психолошкиот момент на пациентката. Оттаму неминовно е прашањето дали повеќе се исплати, со поддршка на сите гореспоменати фактори, да го пребродиме полесно тој непријатен момент или да чекаме да ни се појават симптомите на заболувањето кога по правило е доцна за каква било интервенција?!

Сосема на крај, грижата за здравјето на жената во едно општество е слика за самото општество бидејќи само здрава жена може да донесе на свет идна здрава генерација. Затоа драги дами, веднаш земете го телефонот и закажете го вашиот гинеколошки преглед.