Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Здравје за жени » БОЛНО И ОБИЛНО МЕНСТРУАЛНО КРВАВЕЊЕ – ЗНАЦИ ЗА АДЕНОМИОЗА

БОЛНО И ОБИЛНО МЕНСТРУАЛНО КРВАВЕЊЕ – ЗНАЦИ ЗА АДЕНОМИОЗА

Сподели

Слузницата што ја обложува матката е составена од ендометријални клетки и се нарекува ендометриум. Аденомиозата претставува состојба при која овие ендометријални клетки растат и во мазното мускулно ткиво на матката. Д-р Снежана Тимчева-Цветковска, гинеколог акушер, објаснува дека циклично секој месец, доколку жената не забремени, ендометријалното ткиво се исфрла од матката наречено менструален циклус. При состојба на аденомиоза, кога за време на менструалниот циклус почнува нормалното одлупување на ендометриумот во шуплината на матката и менструалната крв се одлева надвор од гениталниот тракт, истиот процес се случува и на локацијата меѓу мускулните влакна на ѕидот од матката со тоа што таа крв нема каде да се одлева и се задржува меѓу мускулните влакна, создавајќи островца со крв. Аденомиозата ако е формирана како тркалезни формации се нарекува аденомиом, а за разлика од миомите на матката, аденомиомите не се јасно ограничени и немаат капсула. Аденомиозата е всушност тип на ендометриоза која го напаѓа мускулното ткиво на матката. Ендометријалното ткиво исто така може да се појави и на јајчниците, јајцеводите, мочен меур, цревата и во стомачната марамица (peritoneum).

ЗОШТО НАСТАНУВА НЕТИПИЧНИОТ РАСТ НА ЕНДОМЕТРИУМ?

Причините за настанување на аденомиозата се непознати. Има теорија дека ендометријалните клетки од шуплината на матката мигрирале во мускулниот слој на матката. Друга теорија е дека примарно такви клетки се нашле во мускулниот слој на матката и понатаму се развива аденомиоза. Се смета дека за нејзина појава има улога и траума на матката која настанува при ревизии, царски рез и отстранување на миоми на матката.

БОЛКА ВО КАРЛИЦАТА И КРВАВЕЊЕ ОД МАТКАТА СЕ ГЛАВНИ СИМПТОМИ

Симптомите на аденомиозата кај најголем број случаи се хронична болка во малата карлица 77%, абнормално крвавење од матката (40-60%), болна менструација, болки при сексуални односи, притисок во мочниот меур со проекција и на нозете. Kaj 11-12 отсто од пациентките знак за аденомиозата може да биде и проблем за забременување и износување бременост, а во ретки случаи може да предизвика и предвремено породување. Жените кои имаат аденомиоза честопати имаат и други состојби како што се фиброми на матката, ендометриоза и ендометријален полип. Контракциите кои ги прави матката за време на менструалниот циклис потекнуваат од материи т.н prostaglandini кои се продуцираат од ендометриумот, предизвикувајќи болки во долниот дел на стомакот (dysmenorrhoea), карактеристично за аденомиозата.

ТРЕТМАНОТ ПОЧНУВА КОНЗЕРВАТИВНО, ОНАМУ КАДЕ ШТО НЕ ПОМАГА СЕ ПРИМЕНУВААТ ХИРУРШКИ МЕТОДИ

Дијагнозата аденомиоза ја поставува гинеколог по направен ехо-преглед и доколку е потребна и магнетна резонанца, а дефинитивната дијагноза се поставува со патохистолошка анализа, од биопсија или од оперативен материјал. Д-р Тимчева-Цветковска објаснува дека првичниот третман секогаш е конзервативен. Гинеколозите се трудат да ги искористат сите можни конзервативни третмани, а препораките се примање на нестероидни антиинфламаторни лекови, хормонална терапија (орални контрацептиви, гестагена терапија, GnRH агонисти, IUD, како и аплицирање на интраутрина влошка со гестагена компонента на телото на спиралата). Доколку ваквиот третман не даде резултати, се применува оперативен третман. Каков тип на интервенција ќе се примени зависи од тежината на состојбата и е строго индивидуално. Постојат неколку типови третман со различен степен на агресивност. Првиот тип методи припаѓаат во групата на агресивни третмани и се изведуваат само кај пациентки кои завршиле со репродукција и ќе се изјаснат дека нема веќе да забременуваат. Тука спаѓаат методи со кои се зачувува матката:

  • Ендометријална аблација (уништување на ендометриум со различни методи)
  • HSC ablatio endimerii
  • термален балон во којшто се наоѓа топла течност која со топлинскиот ефект го уништува ендометриумот
  • криоаблација, се изведува со криотерапија
  • микробранова аблација
  • ласерска аблација
  • rollerball аблација
  • емболизација – затворање на двата големи крвни сада кои ја снабдуваат матката со крв.

Во втората група на методи спаѓаат интервенции со кои се отстранува матката. Познати се повеќе техники со кои се изведува: лапараскопски, со отворена класична операција, операција со робот или отстранување на матката по вагинален пат.

Најди доктор Закажи преглед Контакт