Почетна » Блог » Фамилијарно здравје » Живот по операција на тироидна жлезда

Живот по операција на тироидна жлезда

Сподели

Болестите на тироидната жлезда се меѓу најчестите заболувања на глобално ниво. Тие се почести кај женската популација и односот маж/жена се проценува дека е 1:7. Истите може да се поделат во две групи: болести кои се јавуваат како последица на нарушена морфологија на тироидната жлезда и болести кои се јавуваат како последица на нарушена функција на тироидната жлезда.

Кога е потребна операција?

Д-р Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина, вели дека кај морфолошките заболувања на жлездата значајно место има појавата на тироидни јазли или нодуси. Тие се среќаваат често и вообичаено се безопасни, но, сепак, 4-5% од истите може да се и малигни. Доколку се добие наод за малигнитет или доколку истите имаат прогресија при нивното контролирање, потребно е нивно хируршко лекување. Од функционалните заболувања, хипертиреозите кои не даваат добри резултати со медикаментозна лекување, исто така, може да завршат со хируршко лекување.

Што да очекувате по операцијата

Неколку дена по операција на тироидната жлезда пациентите може да почувствуваат мала промена во гласот, непријатност во регија на оперативниот рез, и во зависност од тоа дали е отстранета целата тироидна жлезда или само нодусот/лобусот со нодусот, почнуваат да се јавуваат и симптомите на хипотиреозата, односно намалена функција на тироидната жлезда (поради отстранување на дел или целата тироидна жлезда). Пациентите може да ја зголемат својата тежина, да имаа тврда столица, да чувствуваат замор и изнемоштеност, да сакаат да спијат повеќе од вообичаено, a може да бидат и почувствителни на студ. Но, речиси сите пациенти пред да бидат хируршки третирани треба да бидат запознаени со овие симптоми, па истите да ги препознаваат и да се консултираат со својот лекар.

Контрола по еден месец

Пациентите еден месец по операцијата ги советуваме да дојдат на прва контрола. На прегледот се прави ехопреглед, скен со технециум пертехнетат (или скен со радиоактивен јод 131, доколку постои малигнитет и доколку сме аплицирале јодна терапија) и се испитуваат тироидните хормони. Доколку истите се во прилог на хипотироидна состојба, се започнува со лекување, односно супституција со тироидни хормони.

Враќање на секојдневните активности

По само неколку дена од почнувањето на лекувањето, започнуваат и ефектите на терапијата, па пациентите повторно се враќаат во нормалните секојдневни животни активности. Доколку станува збор за пациенти кај кои причина за оперативното лекување е карцином на тироидната жлезда, во зависност од типот на истиот, еден месец по интервенцијата примаат високи дози радиоактивен јод, а потоа неколку дена по апликација на истиот, се започнува со супституција со тироидни хормони. „Кога ќе се почне со лекувањето, односно со супституција со тироидни хормони, тогаш најчесто лекувањето е доживотно. Но, тоа не треба да ги обесхрабрува пациентите бидејќи тие продолжуваат со својот живот исто како и сите други здрави индивидуи. Контролитена самиот почеток од лекувањето се почести, сè додека се дојде до потребната доза на лекот, а потоа се на подолг временски период. Пациентите не се ограничени во ниедна своја дневна активност, се хранат исто, работат исто, со еден збор го уживаат животот подеднакво како и пред операцијата и како и сите други“, вели д-р Црцарева.

Минимално инванзивни хируршки интервенции на тироидна жлезда

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се изведуваат сите хируршки интервенции на тироидна жлезда, од рутински до комплексни интервенции. Сите интервенции се изведуваат со примена на минимално инванзивен пристап, што има низа предности, како пократок болнички престој, побрзо заздравување и враќање на секојдневните активности. Најчесто изведувани интервенции се тотална тироидектомија (комплетно отстранување на тироидното ткиво), субтотална тироидектомија (се остава дел од жлездата, најчесто еден лобус) речиси тотална тироидектомија (се остава мал дел од двата тироидни лобуси).

Тироидната жлезда е мала ендокрина жлезда, со тежина околу 20-30 грама, која е со форма на пеперутка и сместена во средниот дел од вратот. Познато ни е дека во неа се создаваат хормони кои влијаат на целокупниот метаболизам и енергетските процеси во телото (Т3 или тријодтиронинот и Т4 или тироксинот), а за тоа неопходно е во организмот секојдневно да се внесува микроелементот јод преку водата и храната (во нашата држава и преку јодираната сол).

Најди доктор Закажи преглед Контакт