Почетна » Блог » Хронични заболувања » Над 350 милиони луѓе во светот заболени од дијабетес

Над 350 милиони луѓе во светот заболени од дијабетес

Сподели

Шеќерната болест незапирливо се шири во речиси сите земји во светот. Според некои проценки, во моментов бројот на заболени изнесувa околу 387 милиони луѓе, a во 2035 година таа бројка се очекува да се покачи на фрапантни 600 милиони. До 2030 година 1 од 10 возрасни ќе боледува од дијабетес. Минатата година во светот починале околу 5 милиони луѓе од дијабетес и неговите компликации. Според IDF (Интернационална дијабетолошка федерација), Македонија е една од земјите со висока преваленција на болеста, од околу 10%. Тоа значи дека во земјава имаме околу 150.000 до 200.000 заболени од дијабетес. На најчестите прашања за дијабетесот разговаравме со проф. д-р Чедомир Димитровски, ендокринолог.

Што е шеќерната болест?

Шеќерната болест е група на хронични метаболички болести кои се карактеризираат со хипергликемија (покачен шеќер во крвта). Болеста се јавува кога бета-клетките на панкреасот не произведуваат доволно хормон-инсулин или кога мускулните, масните и црнодробните клетки не реагираат на произведениот инсулин (инсулинска резистенција). Најчесто шеќерната болест ја делиме на тип 1, тип 2, гестациски дијабетес (шеќерна болест која се јавува за време на бременоста) и некои поретки типови на болестa.

Која е разликата меѓу дијабетес тип 1 и дијабетес тип 2?

Дијабетес тип 1 се јавува кај млади луѓе под 40-тата година од животот и за неговa контрола неопходно e лекување со инсулин. Дијабетес тип 2 се јавува кај повозрасни луѓе кои имаат зголемена телесна тежина и може долго време да се контролира со дијабетична диета и со таблети. Овој тип е прогресивен и обично по извесен временски период и кај овие пациенти за контрола на болеста е потребен инсулин.

Дали дебелината и возраста се главни причини за појава на шеќерна болест тип 2?

Точно e дека дебелината и староста се најчести причини за појава на оваа болест, но постојат и други ризик фактори, како што е семејното наследство на болеста, етничката припадност и стилот на живеење. На возраста, етничката припадност и наследните фактори не можеме да влијаеме, но затоа можеме да го контролираме животниот стил. Toa значи да се храниме здраво, да ја зголемиме физичката активност, да го контролираме стресот и да не пушиме цигари.

Какви се бројките за дијабетес тип 1 во нашата земја?

Од сите заболени со дијабетес околу 90% се со тип 2, додека околу 10% од луѓето имаат дијабетес тип 1. Во Македонија од дијабетес тип 1 боледуваат околу 1500-2000 лица.

Кои се симптомите за појава на болеста?

Најчести симптоми и знаци на болеста се зачестено мокрење (особено навечер), чувство на зголемена жед, зголемен апетит, губиток на телесна тежина, изнемоштеност, трнење во прстите на рацете и стапалата, чести инфекции.

Зошто многумина заболени од дијабетес тип 2 немаат порано поставена дијагноза и не знаат дека се болни?

Затоа што голем број од овие пациенти се асимптоматски, болеста не дава симптоми. Дијабетес тип 2 може да не дава симптоми со години и се открива случајно при рутински преглед или откако ќe се јави некоја компликација, како на пример срцев или мозочен инфаркт.

Како се дијагностицира дијабетесот?

Дијабетесот се дијагностицира на три начини – со одредување на шеќер во крвта на гладно, потоа со тест на орално оптоварување со гликоза и со мерење на хемоглобин А1с (шеќер врзан со хемоглобинот). Нормалните вредности за A1c се под 5, 7%, ако е од 5, 7%-6, 5% пациентот, најверојатно, се наоѓа во состојба на предијабетес, односно постои ризик пациентот да заболи од вистински дијабетес. Пациентите со А1с над 6, 5% имаат дијабетес.

Дали пациентот треба веднаш да биде ставен на инсулинска терапија или да биде на таблетарна терапија. Дали терапијата зависи од типот на дијабетeсoт?

Во зависност од типот на дијабетeсот се одредува терапијата. Пациентот заболен од дијабетес тип 1 е инсулин зависен и секогаш мора да биде третиран со инсулин, додека пациентот со тип 2 може да се третира и со таблети, а во многу случаи и со инсулин.

Кои се последиците од нелекуваната шеќерна болест?

Шеќерната болест дава два типа компликации – акутни и хронични. Од акутните најчесто последица е дијабетичната кетоацидоза и хипогликемија (низок шеќер во крвта). Хроничните компликации се јавуваат поради лошата и неадекватна регулација на шеќерот во крвта во подолг временски период. Toa доведува до микроваскуларни компликации (оштетувања на малите крвни садови на очите, нервите и  макроваскуларни компликации (оштетувања на големите крвни садови – појава на срцев инфаркт, мозочен инфаркт и гангрена на долните екстремитети).

Д-р Димитровски, кој е вашиот совет до пациентите со дијабетес?

Секако, најпрво да ги слушаат советите на своите лекари и да се придржуваат до пропишаната терапија, како и редовно да го мерат шеќерот во крвта во домашни услови. Потоа, при секоја посета на својот лекар да го мерат крвниот притисок и телесната тежина. На секои 3-4 месеци да бараат одредување на А1с, а еднаш годишно да прават преглед на очното дно, сеопфатен преглед на стапалата, маснотиите во крвта, креатининот во крвта и албуминот во урината. Имајќи предвид дека голем број од пациенти се на инсулинска терапија, а истовремено се и возачи на моторни возила, во случај на појава на хипогликемија (ниско ниво на шеќер во крвта) нивната способност за возење е значително намалена. Поради тоа би ги советувал:

  • Да го проверат нивото на шеќерот пред да почнат да возат, дури и на куси дистанци, а задолжително на секои 2 часа на подолги дистанци.
  • Ако нивото на шеќерот е под 4, 0 ммол/Л да земат преку уста јаглехидрати (на пример коцка шеќер или гликозна таблета) и да го одложат возењето за најмалку 45 минути.
  • Ако нивото на шеќерот во крвта е под 5,0 ммол/Л пред возењето, да земат една гликозна таблета и да почнат да возат.
  • Во возилото секогаш да имаат коцки шеќер или гликозни таблети за да ги третираат симптомите на хипогликемија, ако тие се јават во тек на возењето.
  • Да го сопрат моторното возило во случај да се развиле симптомите на хипогликемија, а возачкото седиште да му го препуштат на друг.
Најди доктор Закажи преглед Контакт