/Не занемарувајте ги болките во вратот!

Не занемарувајте ги болките во вратот!

Сподели

Работата со персонален компјутер, гледање телевизија или „листање” на мобилниот телефон, доведуваат до постепено дегенерирање на динамичните точки на вратниот ‘рбет. Сè поголем е бројот на пациенти кои доаѓаат во мојата ординација и се жалат на вкочанетост и болки во вратот, вели проф. д-р Јовица Угриновски, неврохирург. И не само тоа! Сè поголем е бројот на млади лица кои се жалат на овие потешкотии.

Зошто се јавуваат болките?

Треба да се знае дека вратниот сегмент на ‘рбетот е најдинамичниот сегмент од ‘рбетниот столб. Тука се изведуваат движења во сите правци: свиткување, истегнување, ротација, движење напред-назад, странични движења и најчесто комбинација од сите овие движења. Во нормални услови, вратот е „дизајниран” да ги извршува овие функции без проблем, но неправилното држење на вратот, долготрајна неприродна позиција на вратот, на пример при работа со персонален компјутер, гледање телевизија или „листање” на мобилниот телефон, во комбинација со други фактори, како што е слабост на вратната мускулатура, претрпени минорни повреди на вратот, стареење, вродени аномалии итн., доведуваат до постепено дегенерирање на динамичните точки на вратниот ‘рбет. Пред сè, страдаат вратните дискуси – мекоеластичните „амортизери” кои се наоѓаат меѓу прешленските тела. Морфолошки, овие промени можат да бидат во вид на дископатија – губење на еластичноста и формата на дискусите до изместување на содржината на дискусот кон нервните елементи што се нарекува дискус хернија или пролапс на дискусот. Во понатамошниот тек на заболувањето страдаат малите зглобови што ги поврзуваат прешлените меѓусебе за на крај да се појават промени на самите прешленски тела во вид на остеофити или „шилци” што го стеснуваат ‘рбетниот канал или отворите низ кои излегуваат нервните корени.

Вкочанетост и болка во вратот – прв аларм!

Еволуцијата на болеста е постепена, но прогредиентна и има неколку клучни точки на опомена кои, ако се пропуштат, водат до сериозен инвалидитет. Клиничката слика е речиси секогаш типична и вообичаено се развива по овој редослед. Најнапред се јавуваат вкочанетост и болки во вратот, особено наутро по спиење. Во текот на денот овие потешкотии се повлекуваат за да се повторат следното утро или по неколку дена. Ова е првиот аларм кој ни укажува дека нешто грешиме со употреба на вратот или поточно кажано, го „злоупотребуваме” вратот. Потешкотиите, помалку или повеќе, знаат да траат со месеци или со години и да бидат дополнувани со нови симптоми: трнење на прстите од едната или двете раце, намалена чувствителност на прстите, болки кои од вратот се спуштаат кон едното или двете рамена па продолжуваат по раката, намалена сила на дланката или брзо заморување на раката.

Вртоглавица – втор аларм!

Честопати овие пациенти се жалат на вртоглавица. Ова е вториот аларм што ни укажува дека процесот што се случува во ‘рбетникот веќе врши компресија на нервните корени и предизвикува невролошки симптоми. Во понатамошниот тек, овие симптоми се потенцираат, се појавува атрофија на мускулите на дланката, подлактницата или надлактницата, моторната сила на рацете е значително намалена, се појавуваат потешкотии при одењето. Ова е веќе „црвено светло” дека нешто сериозно се случува во вратниот сегмент. Доколку нешто активно не се преземе во оваа фаза, потешкотиите сè повеќе ќе се засилуваат, се појавуваат сериозни потешкотии при одењето или неможност за самостојно одење, се појавуваат неволни „треперења” на мускулите или т.н. фибрилации, потешкотии со сфинктерите и делумна или целосна одземеност на екстремитетите. Ова е веќе задоцнета фаза која укажува дека веќе настанале сериозни, најчесто тешко поправливи промени во ‘рбетниот мозок.

Која е терапијата?

Терапијата зависи од клиничката слика, тежината и екстензитетот на морфолошките промени на ‘рбетникот. Може да биде конзервативна и оперативна. Конзервативната терапија е пред сè отстранување на причините на овие промени и истовремено приложување на физикална терапија и вежби. Основната задача на лекарот-практичар е да ги идентифицира причините за настанување на овие потешкотии и да го советува пациентот како да ги отстрани. Понекогаш само промената на перницата за спиење или поместување на мониторот од компјутерот е доволна да му помогне на пациентот. Потоа следи физикална терапија, балнеотерапија и вежби. Кај оние пациенти кај кои веќе се манифестираат невролошки симптоми, треба да се размислува за оперативно лекување. Одлуката за тоа ја донесува неврохирургот индивидуално за секој пациент. Постојат повеќе методи за оперативно лекување на овие состојби и сите даваат добри резултати доколку се правилно индицирани и доколку веќе не настанале сериозни оштетувања на нервните корени и особено на ‘рбетниот мозок. Доколку морфолошките промени на ‘рбетникот се на еден или два сегмента, најчесто се применува т.н. преден пристап. Доколку промените зафаќаат повеќе од три сегменти, тогаш се применува т.н. заден пристап. И при едниот и при другиот пристап има многу техники и модификации кои овде не би ги елаборирал. Задача на неврохирургот е да ја одбере најпогодната метода за секој индивидуален случај.

Најчестите грешки во дијагностиката и лекувањето на овие состојби

Најчестата грешка оди на сметка на самите пациенти кои најчесто ги занемаруваат првичните симптоми и потешкотии. Веќе напоменав дека на почетокот симптомите се минорни, промените настануваат бавно во тек на повеќе години. Пациентите се навикнуваат и ги прифаќаат потешкотиите како неминовност прифаќајќи ја тезата: „спондилоза имаш и со спондилоза ќе си умреш”. Оваа теза, за жал, ја прифатиле и многу лекари кои упорно, со години, ги „лекуваат” своите пациенти со аналгетици кои само ги смируваат болките, а немаат никакво влијание во еволуцијата и лекувањето на болеста. Бидејќи клиничката слика на болеста е типична, еволуцијата спора и постепена, а дијагностиката е едноставна, непростливо е пациентите да доаѓаат за оперативно лекување со тешки невролошки дефицити кои потоа тешко и бавно се повлекуваат. Мојата порака е, не занемарувајте ги болките во вратот! Тие се увертира на нешто што следи по повеќе години.