/Пнеумонијата многу често е компликација на горнореспираторна инфекција

Пнеумонијата многу често е компликација на горнореспираторна инфекција

Сподели

Воспалението на белите дробови или пнеумонија преставува акутна инфекција на белодробното ткиво. Може да биде предизвикана од повеќе причинители: бактерии, вируси, габички, а може да настане и со вдишување на прашина, хемиски суспстанци, храна или повратена содржина.

Постојат два вида на пнеумонија – типична бактериска или атипична. Бактериската пнеумонија најчесто ја предизвикуваат следниве бактерии:пнеумокок, хемофилус инфлуенца и мораксела катаралис. Атипичните пнеумонии ги предизвикуваат бактериите како: мукоплазма, кламидија, легионела, но и некои респираторни вируси. Мукоплазмата е карактеристична по тоа што може да предизвика и епидемија. Големите епидемии се појавуваат во одреден период, на секои 4-6 години. Најчесто епидемиите започнуваат во есен, се развиваат постепено и траат повеќе месеци, сè до пролет. Тогаш често заболуваат училишните деца и постарите лица. Респираторните вируси се многу чести причинители на пнеумонија кај децата, особено оние помлади од 5 години.

Кој може да заболи?

Лицата постари од 65 години имаат поголем ризик од воспаление на белите дробови. Кај нив пнеумонијата е тешка и неретко завршува фатално. Во ризичните групи спаѓаат и малите деца чиј одбрамбен систем не е потполно развиен. Лицата кои имаат нарушен имунолошки систем како последица од најразлични болести: СИДА, хронични срцеви и белодробни болести или поради остранување на слезината, потоа лицата на хемотерапија или на долготрајна имуносуспресивна терапија. Пушењето ги оштетува дишните патишта, а алкохолот го намалува имунолошкиот систем кој се бори против инфекции.

Како да ја препознаете

Типични симптоми се: кашлица, обично со искашлување на секрет, температура и понекогаш болка во градите. Најчесто симптомите се развиваат во текот на неколку дена. Бактериската пнеумонија многу често се развива како компликација на инфекциите на горните  дишни патишта. Почнува наеднаш со чувство на студ и треска. Карактеристични симптоми се појава на треска со температура, отежнато  дишење, кашлица и болки во градите. Многу болни, особено оние повозрасните, имаат т.н. скриени симптоми. Постарите болни лица можат да имаат еден од следниве симптоми: температура, кашлица , чуство на омалаксаност и конфузност поради намалениот кислород во крвта.

Атипичните пнеумонии имаат помалку изразени симптоми од бактериските бидејќи симптомите се развиваат постепено.Температурата расте постепено и може да достигне многу високи вредности, но многу ретко е пропратена со треска. Чести се и други симптоми како на пример: главоболка, болка во мускулите и зглобовите, општа слабост и замор, а некогаш и гадење со повраќање и дијареа. Кашлицата обично се манифестира после 3 до 4 дена, најчесто е сува со тешко  искашлување. Заради некарактеристичните симптоми дијагнозата се поставува подоцна за ралика од бактериската пнеумонија, често после рентгенска снимка на белите дробови. Вирусните пнеумонии обично не може да се разликуваат од останатите, но по симптомите и знаците на болест се слични со атипичните пнеумонии.

Какви испитувања се потребни?

Иако повеќето пнеумонии не се опасни по живот, воспалението на белите дробови не смее да се замени со настинка или грип. Секогаш кога имате кашлица и температура кои траат подолго, отидете на лекар. Исто така обрнете внимание ако приметите конфузно однесување кај постарите лица. Пнеумонијта се дијагностицира со рутински преглед кој се состои од преглед на белите дробови со стетоскоп, рентгенска снимка на белите дробови и лабараториски анализи.

Лекување

Лекувањето зависи првенствено од причинителот на болеста.

Бактериската пнеумонија се лекува со антибиотици. Иако многу брзо ќе почувствувате подобрување од терапијата, земајте го антибиотикот доволно долго, односно почитувајте ги препораките на лекарот. Ако ја прекинете терапијата порано, може болеста да ви се повтори.

Атипична пнеумонија.Иако некои вирусни воспаленија на белите дробови се лекуваат со антивирусни лекови, сепак најважно е да се консумираат многу течности и секако одмор. Понекогаш е потребно подолго време болниот да се опорави од вирусна пнеумонија за разлика од бактериската.

Превенција

Иако некои од причинителите на пнеумонија се заразни, болеста обично не се пренесува од еден на друг човек. Воспалението на белите дробови е резултат на ослабен имунитет. Ви советуваме неколку работи за да го зајакнете својот имунитет.

  • Сите лица постари од 65 години и млади хронично болни лица треба да се вакцинираат. Вакцинацијата против грип се врши секоја година во есен. Вакцинирање против пнеумококни болести овозможува подолга заштита и ревакцинација се препорачува на секои 5 години. Особено е важна оваа вакцинација за лицата кои немаат слезенка.
  • Редовно одржувајте ја хигиената на рацете. Рацете во текот на целиот ден доаѓаат во контакт со многу предизвикувачи на пнеумонија. За да ја намалите изложеноста на микроорганизмите редовно мијте ги вашите раце.
  • Не пушете. Пушењето ја оштетува природната одбрана против респираторни инфекции.
  • Грижете се за себе. Доволно одмор, правилна исхрана и умерена физичка активност можат многу да ви помогнат во зајакнување на имунитетот.