/Слип апнеа – престанок на дишењето во сон

Слип апнеа – престанок на дишењето во сон

Сподели

Апнеата претставува престанок на дишењето во сон, односно има периоди кога во текот на сонот пациентот дише и периоди кога не дише. Ако не се лекува, може да предизвика висок крвен притисок, аритмии, срцев и мозочен удар, дијабетес, глауком, води кон промени на концентрацијата и појава на артериосклероза. Д-р Камелија Бушљетиќ, пулмоалерголог во Клиничката болница “Аџибадем Систина”, зборува за болеста апнеа, која се јавува за време на спиење и која може да предизвика тешки последици по здравјето ако соодветно не се третира.

Што е апнеа и колку може да биде опасна таа ако не се лекува?

Апнеата претставува престанок на дишењето во сон, односно има периоди кога во текот на сонот пациентот диши и периоди кога не диши. Таа може да настане од различни причини, односно кога мозокот не праќа импулси за да диши пациентот, и второ може да настане како резултат на релаксирање на мускулатурата на вратот, што резултира со колабирање на ѕидовите на вратот и со затворање на дишните патишта. Штом ќе го затворат душникот, престанува да диши. Еден период мозокот толерира и по извесно време го буди пациентот во сон. Тој срипува и кога ќе се разбуди, повторно се воспоставува тонусот на мускулатурата на вратот за да може да се отвори дишниот пат и повторно да диши. Обично пациентот и не е свесен што му се случува. Тоа е болест што првично ја препознава семејството, најчесто оној што спие со пациентот, бидејќи престанокот на дишењето кај пациентот предизвикува страв кај партнерот. Или кога рипа во сон поради чувство на давење и душење и самиот пациент е уплашен и станува свесен дека нешто не е во ред. Последиците што ќе ги добие пациентот не се случуваат веднаш, тоа е болест што остава последици на долга патека. Ако не се лекува, може да предизвика висок крвен притисок, аритмии, срцев и мозочен удар, дијабетес, глауком, води кон промени на концентрацијата и појава на артериосклероза.

Кај кого се појавува оваа болест?

– Престанок на дишењето во сон може да се јави кај сите луѓе и како нормален престанок на дишење се смета пет пати во еден час. Може да се јави и кај деца и кај возрасни, особено е многу често кај децата, поради зголемени крајници, но и кај возрасните ако се настинати, поради тој оток на грлото и затвореност на носот. Апнеата почесто се јавува кај повозрасни луѓе. Кај мажите е почеста појавата на апнеа, се до периодот на менопауза кај жената, кога се изедначуваат. Кога ќе дојдат жените во менопауза, особено оние со зголемена телесна тежина, тогаш имаат ист ризик за добивање апнеа. Можноста за појава на апнеа е до три пати поголема кај пушачите од оние што не пушат цигари. Имаме пациенти и на 35-годишна возраст со апнеа, но обично се откриваат на возраст меѓу 50 и 60 години. Во едно семејство, ако еден член има апнеа во сон, тогаш голема е можноста да се појави и кај другите членови на семејството. Но тоа не значи дека мора да се појави, бидејќи тоа зависи од други фактори. Апнеата се јавува и кај оние со вродени деформитети на мекото непце, јазикот, долната вилица, ждрелото и на носната преграда. Сето тоа ја зголемува можноста пациентот да ‘рчи. Колку е поинтензивно и секојдневно ‘рчењето и ако се слуша и во друга соба, се смета за тежок ‘рчач. Педесет отсто од нив имаат апнеа во сон. Но, не мора да ‘рчите и да имате зголемена телесна тежина за да имате апнеа во сон.

Како се препознава апнеата?

– Болеста различно се манифестира кај различни луѓе. Најчесто се манифестира со дневна поспаност и со замор, но може да се открие и по проблеми со срцето или висок притисок што не може да се регулира. Оваа болест има манифестации што се типични, но не мора секој пациент да ги има истите симптоми и затоа некогаш тешко се препознава. Или останува неоткриена додека не се јави симптомот на постојана поспаност во текот на денот. Овие луѓе можат при самото седнување да заспијат. Дури може да се случи додека возат автомобил, при застанување на семафор или во сообраќаен метеж, да направат сериозни сообраќајни несреќи, и тоа е голем проблем. Во западните земји, професионалните возачи задолжително мора да поминат тест за апнеа во сон за да се избегнат вакви катастрофи.

Колкав е бројот на пациенти со апнеа во Македонија и колку се свесни луѓето за болеста?

Се смета дека од 5 до 10 отсто од светската популација има апнеа. Во некои земји повеќе, во некои помалку. Кај нас, точна бројка нема. Проблемот е што за болеста кај нас се зборува последните седум-осум години, а и самата дијагноза се поставува на специфичен начин. Но, тоа не е проблем само во нашата туку и во други земји и затоа се посветува големо внимание да се зголеми свеста и луѓето сами да ја препознаат.

Каков е третманот за апнеа и може ли целосно да се излекува?

– Апнеата е болест што останува цел живот, a со терапијата на пациентот му се дава можност да живее како некој што ја нема и да се избегнат последиците од неа. Третман за нејзино дефинитивно елиминирање не постои. Прво, треба да се одреди за каков вид апнеа во сон се работи, опструктивна мозочна или мешана, и во самите видови апнеа има подвидови. Има опструктивна апнеа, која се јавува само кога пациентот лежи на грб или апнеа што се јавува во посебна фаза од сонот кога целата мускулатура е релаксирана, а работат само дијафрагмата и очите. Одредување на видот на апнеата го одредува типот на терапијата. Ако пациентот има лесна апнеа и ако нема дневна поспаност, се оди со терапија да ја намали телесната тежина, ако му е зголемена, и да ги смени животните навики, да престане да пуши, да не пие алкохол и да не користи седативи. Се користат специјални протези за во устата, слични на оние што ги носат спортистите, со кои се обезбедува јазикот да не паѓа наназад во сон. Тоа е исклучиво за лесни апнеи. За пациентите што имаат апнеа само кога лежат на грб, има посебни апаратчиња „ноќна смена”, кои вибрираат кога пациентот лежи на грб и практично го тераат да се сврти настрана. Има и поедноставен начин, две тениски топчиња се сошиваат на задната страна на пижамата и кога пациентот во текот на сон ќе се сврти на грб, не може да спие и се врти настрана. За овие пациенти велиме дека се како принцеза на зрно грашок. Оние со потешка форма на апнеа се третираат со специјални маски и апарати за дишење, кои кога пациентот ќе престане да диши, земаат воздух однадвор и под зголемен притисок го внесуваат во дишните патишта. Има и специјални апаратчиња за пациентите со централна апнеа. На почетокот кај пациентите има отпор и не сакаат да го носат апаратот до оној момент додека не ги почувствуваат благодатите. Уште првите два дена од нивното користење пациентот се буди наспан по долго време, поконцентриран, без главоболка и живее како да ја нема болеста. Но апаратите мора да се користат секој ден, а не да се престане веднаш штом ќе се почувствуваат подобро. За на крај, смејте се за да ве сака светот. Решете го проблемот со апнеата за да не спиете сами.