Почетна » Блог » Канцер » Не игнорирајте ги безболните грутки

Не игнорирајте ги безболните грутки

Сподели

Саркомот е вид карцином на сврзното ткиво. Во рана фаза нa болеста не се манифестира со симптоми. Се јавува како безболна грутка, најчесто на екстремитетите. Како саркомот расте, прави притисок на соседните органи, ткива, нерви мускули и се јавуваат првите знаци како болка и потешкотии при движењето. Меѓутоа, многу други болести ги имаат истите симптоми. Затоа, доколку напипате грутка веднаш јавете се на лекар.

ПОВЕЌЕ ОД 50 ВИДОВИ САРКОМИ

Сарком е вид карцином кој се развива во сврзното ткиво, може да го зафати кој било дел од телото, но најчесто се развива длабоко во екстремитетите (раце, нозе). Освен екстремитетите, ги зафаќа и коските, рскавицата, мускулите, тетивите, крвните садови, нервите, фиброзното ткиво околу зглобовите. Стотици илјади пациенти и нивните семејства од целиот свет се борат со ова заболување. Д–р Славица Кралева, онколог–радиотерапевт, вели дека има повеќе од 50 видови саркоми, кои главно се поделени на сарком на меките ткива и сарком на коските.

СЕМЕЈНАТА ИСТОРИЈА РИЗИК ЗА САРКОМ

Д–р Кралева објаснува дека сè уште не се знае што ја предизвикува нивната појава, но постојат неколку фактори кои го зголемуваат ризикот. Тука спаѓаат:

  • Семејна историја, доколку некој член во семејството имал сарком
  • Пациенти со коскено нарушување
  • Пегетова болест
  • Генетско заболување неврофиброматоза, ретинобластом…
  • Лица кои биле изложени на радијација или зрачна терапија имаат поголем ризик од развој на сарком

ПРВИОТ СИМПТОМ Е БЕЗБОЛНА ГРУТКА

Мекоткивните саркоми се тешки за дијагностицирање бидејќи растат на тешко достапни места во телото. „Првиот симптом е безболна грутка. Co текот на времето таа расте и прави притисок врз нервите, мускулите, а некогаш може да ви направи и проблем со дишењето. Други симптоми кои ја најавуваат болеста се болка во коските, која се засилува во текот на ноќта, потоа оток, кој почнува неколку недели по првичната болка, накривување. Доколку ги почувствувате овие симптоми, посетете доктор“, објаснува д–р Кралева за симптомите на ова заболување.

СЕКОЈА ПРОМЕНА ПРИЈАВЕТЕ ЈА КАЈ ВАШИОТ ЛЕКАР

Според д–р Кралева, многу често саркомите погрешно се дијагностицираат, па се идентификуваат со спортски повреди. Откако ќе се постави точна дијагноза, тие се веќе доста големи, тешко се отстрануваат со хируршка интервенција и метастазирале. „Апелираме до сите, кога ќе забележат некаква промена на телото, да се консултираат доктор. Да не донесу- ваат сами заклучоци бидејќи раната дијагноза го зголемува успехот во лекувањето. Тестови кои се користат за дијагностика на саркоми се биопсија (земање примерок од заболеното ткиво), компјутерска томографија, ултразвук, магнетна нативна резонанца или скен на коски. “

ТРЕТМАНОТ ЗАВИСИ ОД СТАДИУМОТ НА БОЛЕСТА

Кој третман ќе се спроведе, зависи од типот на сарком, местото каде се развива и дали тој се проширил во другите делови на телото. „Доколку е можно најдобро е целосно хируршко отстранување на саркомот. Операцијата најчесто оди во комбинација со хемотерапија и радио- терапија. Хемотерапијата и зрачната терапија може да се применат пред операција со цел намалување на туморот и постоперативно да ги уништат преостанатите клетки по оперативниот зафат. Доколку не постои можност за хируршка интервенција, зрачната терапија може да биде главен третман на лекување. “

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина” третманот на саркоми се спроведува на софистицираниот акцелераторот Trilogy. Исто така, во Центарот за онкологија и радиотерапија достапна е најсовремена хемотерапија и таргет терапија која делува директно на туморските клетки и го спречува нивниот развој и ширење.

Најди доктор Закажи преглед Контакт