Почетна » Блог » Канцер » Индивидуален пристап во лекувањето и психолошка поддршка во борбата со канцерот на дојка

Индивидуален пристап во лекувањето и психолошка поддршка во борбата со канцерот на дојка

Сподели

Индивидуален пристап во лекувањето и психолошка поддршка во борбата со канцерот на дојка

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ пациентите со карцином на дојка може да добијат комплетен третман кој вклучува оперативен зафат и постоперативна терапија која може да биде системска и локална (радиотерапија). Воедно она што е од особена важност за оваа категорија пациенти е и добивањето психолошка поддршка од моментот на дијагностицирањето на овој вид малигно заболување.

Постоперативното лекување на карциномот на дојка подразбира примена на онколошка терапија. Д-р Дева Петрова, онколог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, појаснува дека онколошкиот третман зависи од стадиумот на болеста и од природата на туморот (статусот на хормонските рецептори и ХЕР 2 статусот) и има за цел индивидуален пристап во лекувањето. При канцерот на дојка и по спроведениот хируршки третман најчесто се јавува потреба од системска терапија – хемотерапија, хормонска, биолошка терапија или  локална – радиотерапија. Честопати овие начини на третман се комбинираат и меѓусебно се надополнуваат.

Постоперативниот онколошки третман го намалува ризикот од повторување на болеста

Хемотерапијата обично се применува по операција, но може да се примени и предоперативно. Адјувантната или постоперативна хемотерапија има за цел да ги уништи клетките кои останале по спроведениот оперативен третман и со тоа да го намали ризикот од повторување на болеста. Биолошката терапија, како што појаснува д-р Петрова, се применува во зависност од ХЕР 2 статусот. Доколку е позитивен, тогаш хемотерапијата се комбинира и со биолошка терапија со цел да се подобрат ефектите од лекувањето. Доколку хормонските рецептори (естрогенски, прогестеронски) се позитивни, тогаш хормонската терапија е индицирана како постоперативен третман и таа се применува во тек на подолг временски интервал од 5 до 10 години, со цел да се овозможи подобрување во лекувањето и спречување на повторување на болеста.

Радиотерапијата, која е локален третман, како опција на постоперативно лекување се применува доколку дојката е парцијално ресецирана и доколку се зафатени лимфните жлезди. Како локален третман таа има за цел намалување на ризикот од локално повторување на болеста, што, пак, придонесува во исто време и во намалувањето на можноста од далечно метастазирање.

Можни несакани реакции во тек на постоперативното лекување кај пациентите со карцином на дојка

Д-р Дева Петрова од Центарот за онкологија и радиотерапија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ потенцира и дека сите овие онколошки процедури, покрај тераписката корист, со себе носат и некои несакани ефекти.

Во тек на хемотерапијата може да се јават несакани реакции, како реверзибилно, делумно или комплетно опаѓање на косата, намалување на бројот на крвни клетки, мачнина и повраќање, опстипација или болка во устата со појава на афти и осип по кожата. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во тек на хемотерапијата особено се внимава на редовното следење на несаканите реакции и примена на лекови кои имаат за цел да го спречат појавување на повеќето несакани реакции, за што помалку да се наруши квалитетот на живот на пациентките.

Биолошката терапија може да има ефект врз срцевата функција и кога пациентката се лекува со ваков вид терапија потребно е да прави редовни контроли на срцевата функција. „Тераписката корист секогаш треба да биде поголема од можноста за штета што може да се јави поради несакани реакции“, вели д-р Петрова. Радиотерапијата на дојката и регионалните лимфни жлезди генерално добро се поднесува. Најчесто во тек на зрачењето може да се јави помалку или повеќе изразено црвенило на кожата, вели д-р Петрова. Понекогаш се оштетува површниот слој на кожата и може да се јави оток на дојката. Најчесто 6-8 недели по завршувањето на радиотерапијата ваквите промени на дојката се повлекуваат и може да остане само хиперпигментација на кожата на градата. Во тек на зрачниот третман, д-р Петрова советува пациентките да користат креми со цел да се негува кожата која е изложена на зрачење поради ублажување на симптомите од постирадијациониот дерматит.

Значењето на психолошката поддршка за пациентите со карцином на дојка

Д-р Дева Петрова укажува и на важноста и потребата од психолошка поддршка на пациентките со карцином на дојка, која во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се спроведува од моментот на дијагностицирање на овој вид малигно заболување. Пациентките можат да добијат корисни совети и стручна помош која ќе им помогне полесно да се справат со болеста и да продолжат со нормален живот. „Тоа што треба да го разберат пациентките е дека карциномот на дојка е излечива болест и дека животот треба да продолжи со нормален тек. Тоа на што може да влијаат во позитивна смисла се животните навики, да обезбедат доволно физичка активност во текот на денот, да се откажат од негативните навики, како што е пушењето,  и да внимаваат на телесната тежина“, вели д-р Петрова.

 

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт