/Како се лекува канцерот

Како се лекува канцерот

Сподели

Пациентите, но и членовите на поблиското семејство кои се соочуваат со најстрашната дијагноза на современиот свет, карцином, сигурно сакаат пред почетокот на третманите да дознаат повеќе информации околу видовите лекување, нивните предности, несаканите ефекти и очекуваните резултати. Во продолжение д-р Дева Петрова, онколог радиотерапевт, објаснува кои третмани се на располагање на пациентите.

Индивидуален третман во зависност од …

Кај одредени пациенти со оваа дијагноза доволен е и само еден вид третман, додека кај дел се прави комбинација од неколку третмани. Хирургијата, хемотерапијата и зрачната терапија се најчестите видови третман кои се користат во лекување на малигните болести. Секој карцином е различен сам по себе, и секој одговор на терапијата кај пациентите е индивидуален.

Најчесто операцијата е првата опција за третман и подразбира радикално отстранување на карциномот и регионалните лимфни јазли. Овој третман се применува кога карциномот е лоциран само во еден орган/област од телото и тогаш операцијата е и најефикасна. Во одредени случаи, кога не може да се отстрани целиот карцином, хирургијата овозможува отстранување на дел од туморот, при што за контрола на остатокот од туморот дополнително се применува и зрачна терапија и хемотерапија.

Хемотерапијата има за цел да ги елиминира канцерогените клетки на сите места во телото на човекот убивајќи ги директно или спречувајќи го нивното размножување. Овој вид третман делува на сите туморски клетки, па дури и на оние кои не можат да се видат при испитување т.н. микрометстазите. Со хемотерапија може да се почне пред хируршката интервенција со цел да се намали големината на туморот кој потоа полесно би се отстранил по хируршки пат. Доколку хемотерапијата се применува по хируршкиот зафат, целта е намалување на ризикот од повторување на болеста.
Хемотерапијата подразбира користење лекови-цитостатици кои може да се примаат интравенозно (давање директно во вена), орално (преку уста), интрамускулно (инјектирани во мускул) и многу ретко инјектиран директно во туморот или во некоја шуплина која е зафатена од туморот.

Зрачна терапија подразбира користење јонизирачки зраци во третманот на малигните болести. Најдобри резултати во третманот се постигнуваат со помош на акцелераторот TRILOGY, со кој ефикасно се уништуваат клетките на канцерот a здравото ткиво е максимално заштитено.

Други видови терапии кои се користат при третманот на канцер се хормонска терапија, матични клетки, трансплантација, имунотерапија и целна терапија.

Хормоналните лекови се користат при лекување на туморите кои се чувствителни на хормони, како што се канцер на простата и на дојка.

Имунотерапија (третман на имунолошки систем) се супстанции кои имунолошкиот систем природно ги произведува. Тие се користат за да се идентификуваат и за да се уништат канцерогените клетки со алармирање на имунолошкиот систем на телото.

Целна биолошка терапија : едно од најважните случувања во последната деценија во лекувањето канцер е развојот на високо ефикасни биолошки терапии со релативно малку несакани ефекти кои идентификуваат цели кои се присутни во канцерозните клетки, но не и во нормалните клетки.

Центар за онкологија и радиотерапија „Аџибадем Систина“

Во Центарот за онкологија и радиотерапија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за пациентите се грижи тим од врвни доктори кои заедно го водат лекувањето. Единствено во центарот, пациентите имаат можност на едно место да добија целокупен третман од дијагноза, хирургија, хемотерапија и зрачна терапија.