Почетна » Блог » Канцер » КАРЦИНОМ НА ДОЈКА – НАЈЧЕСТО МАЛИГНО ЗАБОЛУВАЊЕ КАЈ ЖЕНИТЕ

КАРЦИНОМ НА ДОЈКА – НАЈЧЕСТО МАЛИГНО ЗАБОЛУВАЊЕ КАЈ ЖЕНИТЕ

Сподели

ГЕНЕТСКИОТ ФАКТОР, ЛОШАТА ИСХРАНА И СТРЕСОТ ПРИЧИНИ ЗА ПОЈАВА НА КАРЦИНОМ НА ДОЈКА

Карциномот на дојка е најчестата причина за смртен исход од малигни болести кај женската популација. Постојат повеќе видови карцином на дојкa, но најчести се дукталниот и лобуларниот карцином, во зависност од тоа дали туморот потекнува од млечните канали или од жлездените лобулуси. Инциденцата на карциномот на дојка расте со возраста на жените најчесто се појавува по 50. година од живот, но може да се јави и кај многу помлади жени. Д-р Дева Петрова, онколог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, како ризик-фактор ги посочува генетските предиспозиции, но како значајни ризик-фактори се споменуваат и исхраната, прекумерната употреба на алкохол, стресот, недоволна физичка активност и зголемената телесна тежина.

„Постојат повеќе ризик-фактори за појава на карцином на дојка, како што се  хормоналнитe влијанија (жени кои не раѓале и не доеле се со зголемен ризик), жени со рана менарха и доцна менопауза, одредени животни навики влијаат на појавата на карциномот на дојка. Жени кои имаат позитивна фамилијарна анамнеза за карцином на дојка и присуството на мутација на BRCA 1 и BRCA 2 генот имаат поголем ризик да заболат од карцином на дојка во споредба со останатата популација“, појаснува д-р Петрова.

Овие два гени се одговорни за 80% од наследните заболувања на карцином на дојка. Ризикот од појава на карцином кај жените со BRCA 1 мутации до 70-годишна возраст е 85%, додека ризикот од карцином на јајчниците е 45%. Ризикот од карцином на дојка со BRCA 2 генетска мутација е 84%, додека ризикот од карцином на јајчниците е 76%. Со зголемен ризик од карцином на дојка се и жените кои претходно во животот биле третирани со зрачен третман во регија на градниот кош, како што се пациентките третирани поради лимфом. Сепак, како што потенцира д-р Петрова, вистинската причина за појава на ова малигно заболување, како и за најголемиот број малигни болести е сè уште непозната.

„Покрај ракот на дојка, кој е најчест карцином кај женската популација, чести карциноми кај понежниот пол се и карциномот на белите дробови и дебелото црево и  карциномите на женските гениталии, како овариумите и утерусот.“

 Оток или црвенило на дојката – аларм веднаш да се јавите на лекар

Најчестите симптоми кои може да упатуваат на карцином на дојка се присутен оток или црвенило на дојката, палпабилно стврднување во дојката или палпабилна тврдина во пазувата, присуство на крвав исцедок од брадавката, вовлечена брадавка или промени на кожата на дојката која може да наликува на кора од портокал, вели д-р Петрова. Таа појаснува дека понекогаш иницијално болеста може да биде метастатска и првите симптоми да бидат поврзани со локализацијата на метастатските промени. На пример, жената може на преглед да се јави поради болки во коските како резултат на коскени метастази и потоа трагајќи по примарното жариште да се открие примарен карцином на дојка.

Понекогаш кога болеста е во ран стадиум може да не дава никакви симптоми и да биде дијагностицирана на редовен преглед или случајно. Токму затоа самопрегледот е клучен за рано дијагностицирање на карциномот на дојка. Генерално, жените можат да забележат грутка која достигнува до 1 см преку самопреглед. Денес повеќето од пациентите кои имаат карцином на дојка го откриле токму преку овој метод. Туморите во дојката генерално се тврди, со неправилен облик, ограничени, честопати неподвижни. Сепак, кај некои пациенти не е присутен ниту еден од овие симптоми и карциномот може да се открие само со ехо на дојки и мамографија. Задолжително посетите доктор во следниве случаи:

– почувствувате грутка во дојката или во пазувите (отекување или вкочанетост)
– исцедок од брадавиците (крвав или безбоен од еден канал)
– свиткани или вовлечени брадавици или неправилности во нивниот облик
– промени на кожата на брадавицата (лупење)
– модринки или осип на кожата на дојката
– промена на бојата на дојката (црвенило и сл.).

Дијагноза и третман со врвна технологија во „Аџибадем Систина“

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со најсовремена апаратура за рано откривање и следење на малигните заболувања со користење ехо на дојки, мамографија, MRI 3 Tesla, како и PET/CT скен кога е тоа потребно. Тоа значи поголем комфорт, појасна слика и намалено времетраење на прегледот. На Одделот за медицински онкологија во „Аџибадем Систина“ достапна е најсовремена хемотерапија, имунотерапија, хормонотерапија и целна (биолошка) терапија, а пациентите добиваат индивидуален план за третман од страна на мултидисциплинарен тим специјалисти.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт