Почетна » Блог » Канцер » Кои се ризиците од карцином на дојка?

Кои се ризиците од карцином на дојка?

Сподели

Смртноста од карцином на дојка и во Македонија и во светот е на прво место, а бројот на заболени се зголемува од година во година. Според истражувањата Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу 9 отсто во последните 15 години, а според бројот на смртни случаи од рак, Македонија е на трето место во Европа.

„Статистичките податоци во нашата земја велат дека истите трендови од Европа за пораст на инциденцата на заболени од карцином на дојка важат и за женската популација во земјава. Инциденцата на карцином на дојка е во пораст. Едноставно кажано, секоја осма жена е потенцијален пациент со карцином на дојка”, вели д-р Дева Петрова, онколог радиотерапевт во Клиничката болница „Аџибадем Систина”.

Докторите нагласуваат дека поради овие поразителни бројки, уште поважно е да се подигне свеста кај населението дека раното откривање на болеста е многу важно за нејзино лекување и за зголемување на можноста за повеќегодишно преживување.
„Како и за секое малигно заболување, така и за карциномот на дојка од особено значење е раното откривање на болеста. Пациентките во прв и во втор стадиум на болеста, кога болеста е локализирана во дојката и има зафатено помал број регионални лимфни јазли, имаат поголема шанса за излекување, за разлика од пациентките со понапреден стадиум на болеста. Процентот на петгодишно преживување се намалува со зголемувањето на стадиумот на болеста”, вели д-р Петрова.

Клучно, пак, за рано откривање на болеста е спроведувањето редовни контроли или скрининг кај жените по навршената 40-та година од животот, со ултразвучен и со мамографски преглед.

„Освен редовен скрининг, многу е важно да се подигне и здравствената култура и жените секогаш кога ќе почувствуваат промени поврзани со дојките од типот на црвенило, болка, тврдина во дојката или во пазувите, вовлечена кожа на површината од дојката, вовлечена брадавица, секрет од брадавицата или промена на бојата на кожата на дојката, да се јават на лекар”, вели д-р Петрова.

Жените со поголема телесна тежина под зголемен ризик

Науката сè уште нема одговор која е причината за појава на ракот на дојка, иако има повеќе ризик-фактори што може да придонесат за појава на ова заболување. Ризикот од ова заболување се зголемува со возраста на жената, најчесто се јавува кај жените по 50-тата година од животот, кај 25 проценти од жените се јавува на возраст под 50 години, а кај 5 проценти од жените заболувањето се јавува под 35-годишна возраст.

„Меѓу ризик-факторите за појава на рак на дојка, пред сè, е генетската предиспозиција, потоа има влијание хормонската терапија со естрогени, изложеноста на јонизирачко зрачење. Зголемен ризик за појава на ова заболување има кај дебелите жени и кај жените што не раѓале. Поновите истражувања укажуваат дека и одредени животни навики, како пушењето, консумирањето алкохол и намалената физичка активност, го зголемуваат ризикот од појава на овој карцином”, вели д-р Петрова.

Потребен е мултидисциплинарен пристап во лекувањето

Покрај раното откривање на болеста, за нејзино успешно лекување е потребен мултидисциплинарен пристап од поставување дијагноза, па до одредување соодветна терапија. За ваков пристап се залагаат и лекарите и здруженијата на пациенти, кои сметаат дека треба да има посебни центри за лекување канцер на дојка, каде што заболените на едно место ќе можат да ги направат сите дијагностички испитувања и да ја добијат соодветната терапија.

Ако болеста е откриена во ран стадиум, третманот почнува со хируршка операција, односно отстранување на заболеното ткиво. Понатамошното лекување може да опфати примена на хемотерапија, хормонска терапија или зрачна терапија, според резултатите од постоперативниот хистопатолошки наод. Ако се работи за поголем тумор или за клинички палпабилни лимфни јазли во пазувите, лекувањето може да почне со хемотерапија, а потоа да се направат оперативниот зафат и зрачната терапија.

Зрачната терапија подразбира користење јонизирачки знаци во третманот на пациентот со канцер. Овој вид третман е локален, а целта е да се постигне локална контрола на болеста или спречување на повторното јавување на болеста во дојката и регионалните лимфни јазли, преку спречување на размножувањето на канцерогените клетки, и максимална заштита на околното здраво ткиво и срцето, особено при зрачење на левата дојка. Најголем дел од луѓето се запознаени со надворешното зрачење и ова е најчесто користениот тип на третман. Надворешното зрачење функционира на принципот на фокусирање на зраците директно во делот на дојката каде што е локализиран карциномот, но притоа изворот на зрачење се наоѓа на одредена дистанца од пациентот.

Живеат и пациентки со метастази ако соодветно се лекуваат

Онколозите велат дека оваа медицинска гранка постојано се истражува и се наоѓаат нови лекови, кои треба да ги подобрат резултатите од лекувањето.

Режимот на лекување карцином на дојка, покрај стандардната хемотерапија, опфаќа и вклучување биолошка или целна терапија. Но, не сите пациенти се кандидати за таков тип терапија.
„Пациентите што имаат експресија на одредени рецептори на површината на туморските клетки, како што се хер 2-рецепторите, имаат можност да бидат третирани со целна терапија што ги блокира овие рецептори и ги забавува растот, размножувањето и ги уништува туморските клетки. Денес постои можност за користење препарати што се комбинација на хемотерапија и биолошка терапија, со што се зголемува селективното дејство на терапијата врз туморските клетки и се намалуваат несаканите ефекти од терапијата. Може да се комбинираат повеќе биолошки препарати за да се направи блокада на повеќе нивоа на ниво на туморските клетки и за да се подобри ефектот од лекувањето”, вели д-р Петрова.

Според онколозите, можно е успешно лекување на болеста и продолжување на животот и кај оние пациенти каде што болеста развила метастази, благодарение на оваа комбинирана терапија.

„Најсовремената терапија за лекување на оваа болест е достапна за пациентите во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, во секојдневната клиничка пракса на Одделот за онкологија и радиотерапија. Ова е болест што може успешно да се лекува и од особено значење се раното откривање, соодветниот третман и психолошката поддршка на пациентот, како од медицинскиот тим и од семејството така и од целокупната општествена заедница”, вели д-р Петрова.

Најди доктор Закажи преглед Контакт