/МЛАДИТЕ МАЖИ СО ПОГОЛЕМ РИЗИК ОД КАРЦИНОМ НА ТЕСТИСИ

МЛАДИТЕ МАЖИ СО ПОГОЛЕМ РИЗИК ОД КАРЦИНОМ НА ТЕСТИСИ

Сподели

Карциномот на тестиси најчесто се јавува кај младата популација, кај мажи на возраст од 18 до 35 години, но на удар се и постарите. Урологот д-р Даниел Петровски од Клиничката болнциа „Аџибадем Систина“ вели дека застапеноста на овие тумори кај машката популација не е голема, 3% од сите тумори, но укажува на важноста од рано и навремено дијагностицирање. Точната причина за појава на карцином на тестисите не е позната. Најголем ризик, докажано со студии, имаат мажи кои имале неспуштен тестис. Овие лица имаат 10 пати поголем ризик да заболат од карцином на тестиси.

„Се смета дека машкиот хормон тестостерон има влијание за појава на овој карцином затоа што го има само кај мажите. Постојат неколку показатели што укажуваат на зголемена појава на карцином на тестиси. Станува збор за децата кај кои тестисите не успеале да се спуштат во скротумот (криптохизам) до нивната 3-годишна возраст и Клинфелтеров синдром или вродена хромозомска абнормалност. Забележано е дека овие луѓе се под поголем ризик да заболат од карцином на тестиси“, појаснува д-р Петровски.

Во ризичната група, освен пациентите кои страдале од неспуштен тестис, се и оние кои биле изложени на зрачење од каков било облик. Д-р Петровски посочува и дека овој вид карцином многу рано почнува да местастазитра. Примарни жлезди за метастазизрање, коишто ја дренираат лимфата од тестисите, се жлездите во ретроперитонеумот, околу аортата и шупливата вена. Центарот за онкологија и радиотерпаија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ поседува најсовремени апарати за рано дијагностицирање на карциномот, мултидисциплинарен пристап и таргетираната и ефикасна терапија.

Самопрегледот – најдобра превенција

Апсолутна заштита од карцином на тестиси нема и затоа самопрегледот е од огромно значење и овозможува рано откривање и успешно лекување. Д-р Петровски вели дека не е лесно да се убедат мажите дека самопрегледот на тестисите е нормална практика, за разлика од жените кои редовно прават месечен самопреглед на градите.

„Мора да постои свесност кај машката популација и на секоја промена во тестисите итно да  јави на лекар за да се направи преглед.  Доколку се премолчува или се пролонгира одењето на доктор, особено кога станува збор за циста, таа во меѓувреме може да порасне од на пример еден сантиметар на три сантиметри. Она што е најважно е да се исклучи туморот како заболување и тоа се прави исклучиво за време на прегледот.Туморските промени на тестисот не се проследени со болка туку визуелно се забележуваат на формата на тестисот. Тоа се главните индикации. Како расте туморот, тестисот  се зголемува, а може да даде метастази на лимфни жлезди во стомакот, поради тоа е потребно што порано да се детектира. Терапија има, тоа е цитостатската терапија, но по отстранување на тестисот“, вели д-р Петровски.

Неговата препорака е да се прави самопреглед на тестисите по секое капење, кога кожата на скротумот е опуштена. Доколу се забележи  асиметрија во големината на тестисот, треба да се побара лекарско мислење.

Асиметрија или грутка во тестисот – аларм за карцином

Карцином на тестисите обично не покажува рани симптоми. Сомнеж се јавува кога во тестисите се чувствува маса (чувство на тежина) или грутка со големина на зрно грашок, иако маса во тестисите не секогаш укажува на рак и обично е безболна. Други симптоми кои може да укажуваат на карцином се зголемување или значајно намалување на едниот тестис, чувство на тежина во скротумот или непријатна болка во препоните или долниот дел на стомакот. Сепак, вели д-р Петровски овие симптоми не секогаш значат дека мажот има канцер на тестиси. Вакви промени може да дадат и некои секундарни заболувања, како што се  таканаречени водени кили, цисти на епидиди и варикоцела – проширување на венските крвни садови.

По хируршката интервенција (орхиектомија – отстранување на заболениот тестис) најчесто следува хемотерапија или радиотерапија, а терапијата и дозирањето зависат од тоа дали има или нема местастази. Д-р Петровски вели дека самиот факт што едниот тестис е отстранет, по што следувало и зрачна терапија, значително ја намалува плодноста кај мажот. Сепак, отстранувањето на тестисот не значи губење на полната моќ. Тестисите се парен орган и улогата ја презема другиот тестис. Но, доколку се работи за помлад пациент со дијагностициран рак на тестисот, постои можност, по своја желба, пред оперативната интервенција да депонира сперма во банката за сперма која понатаму би се искористила за создавање на негово потомство.