Почетна » Блог » Канцер » Сарком – карцином на сврзното ткиво

Сарком – карцином на сврзното ткиво

Сподели

Сарком е вид карцином кој се развива во сврзното ткиво, може да го зафати кој било дел од телото, но најчесто се развива длабоко во екстремитетите (раце, нозе). Освен екстремитетите ги зафаќа и: коските, ‘рскавицата, мускулите, тетивите, крвните садови, нервите, фиброзното ткиво околу зглобовите. Стотици илјади пациенти и нивните семејства од целиот свет се борат со ова заболување. Д-р Славица Кралева, онколог-радиотерапевт од Центарот за онкологија и радиотерапија при Клиничката болница „Аџибадем Систина”, вели дека има повеќе од 50 видови саркоми, кои главно се поделени на сарком на меките ткива и сарком на коските.

Ризик фактори

Се уште не се знае што ја предизвикува нивната појава, но постојат неколку ризик фактори кои го зголемуваат ризикот од појава:

– Доколку некој член во семејството има сарком

– Имате коскено нарушување Пегетова болест

– Генетско заболување неурофиброматоза, ретинобластом…

– Доколку сте биле изложени на радијација или зрачна терапија

Мекоткивните саркоми се тешки за дијагностицирање бидејќи растат на тешко достапни места во телото. Првиот симптом е безболна грутка. Co текот на времето таа расте и прави притисок врз нервите, мускулите, а некогаш може да ви направи и проблем со дишењето. Други симптоми кои ја најавуваат болеста се болка во коските, која се засилува во текот на ноќта, потоа оток, кој почнува неколку недели по првичната болка, накривување. Доколку ги почувствувате овие симптоми, посетете доктор. 

Тестови за поставување дијагноза

Многу често саркомите погрешно се дијагностицираат, па се идентификуваат со спортски повреди. А откако ќе се постави точна дијагноза, тие се веќе доста големи, тешко се отстрануваат со хируршка интервенција и метастазирале. Затоа неопходно е за консултација да побарате стручен и искусен доктор, кој ќе постави навремена и прецизна дијагноза, како и план за лекување. Тестови кои се користат за дијагностика на саркоми се биопсија (земање примерок од заболеното ткиво), компјутерска томографија, ултразвук, магнетна нативна резонанца или скен на коски.

Третман

Кој третман ќе се спроведе, зависи од типот на сарком, местото каде се развива и дали тој се проширил во другите делови на телото. Доколку е можно најдобро е целосно хируршко отстранување на саркомот. Операцијата најчесто оди во комбинација со хемотерапија и радиотерапија. Хемотерапијата и зрачната терапија може да се применат пред операција со цел намалување на туморот и постоперативно да ги уништат преостанатите клетки по оперативниот зафат. Доколку не постои можност за хируршка интервенција, зрачната терапија може да биде главен третман на лекување. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина” за оваа намена се користи акцелераторот Trilogy, кој е најмоќниот сојузник во борбата со канцерот. Примена во лекувањето на саркоми наоѓа и хемотерапијата. Таргет терапија е нов вид на третман кој делува директно на туморските клетки и го спречува нивниот развој и ширење.

Најди доктор Закажи преглед Контакт