/Сé за хемотерапија

Сé за хемотерапија

Сподели

Постојат повеќе начини за третман на карциномот кои можат да се користат самостојно или во комбинација: хемотерапија, хирургија, зрачна терапија, хормоно терапија и имунотерапијата. Кој од овие третмани ќе биде користен во текот на лекувањето, ќе биде одлука на мултидисциплинарен тим специјалисти бидејќи секој карцином бара индивидуален пристап во лекувањето.

Хемотерапијата се користи во лекувањето на карциномот уште од 1940 година, а голем развој доживува во седумдесеттите години благодарение на откривањето на многу нови лекови. Таа има за цел да ги елиминира канцерозните клетки на сите места во телото на човекот убивајќи ги директно или спречувајќи го размножувањето на туморските клетки. Хемотерапијата делува на сите туморски клетки па дури на оние кои не може да се видат при испитувањата. Повеќе типови на карциноми се осетливи на хемотерапија, сензибилни се на повеќе медикаменти кои ги вклучува хемотерапијата. Осетливоста на хемотерапија е различна кај различни видови тумори и зависи од типот на туморот и местото од каде потекнува истиот. Колку повеќе туморот е осетлив на хемотерапија толку е поголема ефикасноста од истата. Постојат голем број лекови кои се користат за хемотерапевтски третман.

Кога почнува лекувањето со хемотерапија?

Со хемотерапија може да се почне пред хируршката интервенција и тогаш зборуваме за неоадјувантна хемотерапија. Таа има за цел да ја намали големината на туморот со што ќе го олесни хируршкиот третман, ќе го намали ризикот од повторување на болеста и ќе ја процени ефикасноста на лековите во лекувањето на туморот. Адјувантната хемотерапија, која се користи по хируршкиот третман, е избор на лекување со цел да се намали ризикот од повторување на болеста. Палијативна хемотерапија има за цел лекување на метастатска болест. Со хемотерапија може да се почне по добивањето на резултатите од повеќе испитувања. Лекарот во зависност од резултатите го одредува типот на хемотерапија и начинот на нејзиното примање. Времетраењето на хемотерапијата е различно и е адаптирано индивидуално за секој болен и не зависи од тежината на болеста.

Како се прима хемотерапијата?

Хемотерапијата може да се прими на повеќе начини:

  • Интравенозно, што значи давање на лековите директно во вена
  • Орално, лековите се внесуваат преку уста
  • Итрамускулно, лековите се инјектираат во мускул
  • Многу ретко директно во туморот или во некоја шуплина во организмот која е зафатена од туморот

Кој од овие начини на примање на хемотерапевтските лекови ќе биде избран, зависи од тоа кој вид лекови ќе се користат, фреквенцијата на нивното примање и времетраењето на примањето. Медицинската екипа го адаптира начинот на примање на хемотерапијата за секој болен посебно. Ефикасноста на хемотерапијата не зависи од начинот на примање.