/Тумори на ’рбетен столб

Тумори на ’рбетен столб

Сподели

Спиналните тумори се абнормални ткива лоцирани во  ’рбетниот столб и ’рбетниот мозок .  Од нив, 90 – 95% се лоцирани во ’рбетниот столб, а само 5% го напаѓаат `рбетниот мозок. Спиналниот тумор кој се раширил од друга регија во телото се нарекува секундарен или метастатски тумор. Туморите кои се формираат во самиот ’рбет се познати под името примарни тумори и се многу ретки. Овие тумори може да бидат бенигни и малигни. Иако бенигните тумори може да бидат многу болни и да го оштетат коскеното ткиво, сепак, малигните се многу поопасни. Причината за најголемиот дел примарни тумори е непозната. Понекогаш може да биде генетскиот фактор или, пак, изложувањето на агенси кои предизвикуваат канцер.

Симптоми

Туморите во ’рбетниот столб можат да предизвикаат болка, промени во сензибилитетот и проблеми со моториката, до комплетна парализа.  Многу од симптомите може погрешно да се протолкуваат како дегенеративно заболување на интервертебралниот диск. Основниот симптом кој им посочува на пациентите да посетат доктор е болката во грбот која не се поврзува со никаква активност или повреда. Мирувањето само малку или воопшто не ја намалува болката. Другите симптоми се: ишијас, вкочанетост, парализирање на одредени делови од телото, спинални деформитети, отежнато контролирање на уринирањето и дефекацијата (дисфункција на уринарниот и аналниот сфинктер).

Дијагноза

Дијагностичките алатки што помагаат во откривањето на туморите се рендгенските зраци, магнетната резонанца и КТ скенот, а понекогаш потребна е и биопсија. Опциите за третман на тумори на ’рбетот вклучуваат хирургија, зрачна терапија и хемотерапија.

Третман

Туморите најчесто се лекуваат по оперативен пат бидејќи го разоруваат прешленот, што е придружено со болка, а може да доведе и до патолошка фрактура, што предизвикува нестабилност на ’рбетот или, пак, врши компресија на ’рбетниот мозок што е причина за невролошки оштетувања. Хируршкиот третман опфаќа радикално отстранување на туморот, декомпресија на ’рбетниот мозок, апликација на импланти (замена за прешленско тело) и фиксација на ’рбетот со посебни титаниумски системи за внатрешна фиксација. На овој начин туморот е отстранет, а ’рбетниот столб реконструиран и стабилен. По хируршкото отстранување следува дополнителен третман (зрачна терапија, хемотерапија, хормонална терапија). Потребна е и физикална терапија за да се постигне комплетно заздравување на пациентот. 

Зрачна терапија на тумори на ’рбетниот столб

Зрачната терапија се применува кај пациентите со примарни и секундарни тумори на ’рбетниот столб и ’рбетениот мозок, најчесто по хируршката интервенција, но понекогаш и пред неа. Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ зрачната терапија се применува со најсовремениот апарат TRILOGY кој овозможува брз и ефикасен третман на туморот. TRILOGY апаратот овозможува високата доза зрачење да биде целосно насочена кон целниот тумор, со што се заштитени околните здрави ткива и органи. Намалувањето на дозата во здравите ткива и органи е значајно за заштита на нивната функција и одржувањето на квалитетот на живот по завршување на радиотерапискиот третман.