/Кои се задачите на медицинската сестра?

Кои се задачите на медицинската сестра?

Сподели
За време на вашата хоспитализација медицинската сестра е важен член на медицинскиот тим кој е задолжен за вашето здравје и безбедност. Професионалната грижа и нега на пациентите се нивно секојдневие. Низ годините се воведуваат нови протоколи на третман и здравствена грижа за пациентите, нови технологии, нови современи услови за работа. Но, хуманоста и желбата да се помогне на секој пациент се нераскинлив дел од оваа професија. Одговорноста и посветеноста кон пациентите се најбитниот сегмент на оваа професија. Задачата на медицинската сестра е секојдневно да го следи развојот на состојбата на пациентот, навремено да ги идентификува можните ризици, да подготвува терапија и е тука за него во секое време.

„Да се биде медицинска сестра значи да се вложи многу љубов во работата, да се прави нешто што никој друг не сака да го прави на начин на кој никој друг не би го сторил тоа без оглед низ што сè притоа треба да поминеме и без разлика дали денот ни ја носи благодарницата што ја заслужуваме. Медицинска сестра не е само професија, тоа е начин на живот, но пред сè делување. Сестрите го сакаат и почитуваат дарот наречен живот, да се влее надеж, да се сподели насмевка за ‘добро утро’ и ‘добра ноќ’“, објаснува Билјана Дилевска, главна медицинска сестра во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Целосна слика за пациентот

Од самиот влез во болницата медицинската сестра во „Аџибадем Систина“ ја следи целата здравствена историја на пациентот. Со помош на електронскиот пристап кој го имаат можат да ги добијат сите информации поврзани со здравјето на пациентите, сите направени прегледи и мислења од докторите. Овие строго доверливи информации се наоѓаат во системот на болницата и така медицинскиот персонал постојано е во тек со сите испитувања на секој пациент. Во медицинската евиденција наведени се и основните податоци за пациентот, но и лекарствата кои ги прима, лековите на кои е алергичен, можните ризици, историјата за фамилијарни болести. Без разлика дали правите лабораториски испитувања или одите на хируршка интервенција, информациите се достапни до целиот медицински персонал за кратко време. 

 

„Формуларите што ги подготвивме за првична процена, односно за поставување на сестринската дијагноза и нејзиното документирање ја олеснуваат категоризацијата на пациентите и помагаат во креирање на индивидуален пристап кон секој пациент. Ова придонесува за побрза изработка на планот за нега, побрз одговор на потребите на пациентот, а истовремено и исполнување на JCI стандардите за безбедност на пациентот планирана и континуирана нега, што претставуваат цели на кои се работи интензивно во нашата болница со цел да се одговори на потребите на сите групи а пациенти на кои им е потребна нашата помош“, објаснува Билјана Дилевска.

Современи протоколи

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ работи според најсовремените протоколи во лекувањето на пациентите. Во болницата работи тим на високо специјализирани медицински сестри во своите области. Една од многуте задачи на медицинската сестра е да води грижа за контрола на инфекции и спречување пад. За да се има контрола на инфекција, медицинската сестра при секое влегување и излегување во собата на пациентот ги дезинфицира рацете.

Постојана комуникација со пациентот

Во текот на болнички престој медицинската сестра постојано комуницира со пациентот и со членовите на семејство. Таа ја спроведува и врската меѓу докторот и пациентот. Покрај тоа медицинската сестра е задолжена да го едуцира пациентот за терапијата која ја препишал докторот, а тој треба да ја прими. Му објаснува на пациентот зошто се прима таа терапија, како се пијат одредени лекови, на колку време се земаат, кои се несаканите ефекти и како треба да се комбинираат. Медицинската сестра редовно прави посети во болничката соба и ја следи состојбата на пациентот, а доколку пациентот има потреба од неа, може да ја повика преку системот за комуникација со медицинските сестри, специјален уред поставен до секој болнички кревет. Исто така, медицинските сестри даваат совети за третманот во домашни услови.

Мултидисциплинарен пристап

Мултидисциплинарниот пристап во спроведување на планот за следење на состојбата на пациентот за време и по третманот е од суштинско значење за секој пациент. Овозможува професионална поддршка од страна на специјалисти од различни области со цел да се подобри квалитетот на живот и да ги сведат на минимум шансите за можна појава на рецидив на болеста. Покрај советите и препораките од докторите, медицинскиот персонал нуди план за целосна психолошка поддршка и совети за полесно надминување на болеста, како и полесно соочување со животните предизвици по заминувањето од болница.