Почетна » Блог » Коски, Мускули и Зглобови » Електромионеврографија златен стандард во третманот на невромускулни болести

Електромионеврографија златен стандард во третманот на невромускулни болести

Сподели

Електромионервографија (ЕМНГ) е процедура што се состои од два ентитети, ЕМГ- електромиографија, служи за испитување на електричната активност на мускулите и ЕНГ- електроневрографија со која, пак, се испитува електричната активност на нервите. Невролозите д-р Милчо Демерџиев и д-р Марија Гашоска објаснуваат дека електромионеврографија е дијагностичка, но и прогностичка метода што се изведува со апарат  електромиограф, а записот што се добива и отчитува од лекар кој ја работи процедурата се вика електромиограм.

За што се користи ЕМНГ?

Во клиничката пракса ЕМНГ се користи за испитување на периферниот нервен систем, а останува суверена метода (златен стандард) за сите невромускулни блести. Со помош на ЕМНГ може точно да се одреди нивото (каде), степенот (колку) и распространетоста на оштетувањето.

ЕМНГ не бара посебна подготовка и е целосно безбедна процедура

Пред да се изведе ЕМНГ пациентот мора претходно да посети невролог и да биде направен клинички невролошки преглед, а честопати е потребно да бидат направени и некои неврорадиолошки испитувања (рендген, компјутерска томографија или магнетна резонанца). Процедурата се изведува без претходни подготовки, наркози или анестезии и обично е безболна доколку има добра соработка пациент-доктор. Времетраењето на прегледот е различно, зависно од бројот на испитуваните мускули и нерви, но во просек трае околу 30-45 минути. Вообичаено се почнува со испитување на спроводливоста на периферните нерви (моторни, сензитивни или и двете). Тој дел од испитувањето се извршува со поставување електроди на кожата. Вториот дел е испитување на мускулите со стерилни иглени електроди. Прегледот може да се изведува кај пациенти на сите возрасти, на деца и на бебиња исто така, и во тој случај пожелно е присуство на родител/старател.

Кога е потребно да се изведе ЕМНГ

ЕМНГ потребно е да се направи кај пациенти кај кои е поставена следнава дијагноза:

  • Невромускулни болести (невропатии, миопатии).
  • Метаболни заболувања (дијабетична, уремична невропатија, токсични невропатии – алкохолна, труења).
  • Наследни заболувања (вродени болести на коските и мускулите).
  • Компресија на нерви (дискус хернии).
  • Повреди на ‘рбетот и екстремитетите.
  • Инфламаторни болести на мускулите (миозитиси) засебно или во склоп на ревматолошки заболувања и на нервите (полирадикулонеуритис).
  • Постоперативни состојби и состојби по болести на рбетот и ‘рбетниот мозок.
  • Разни други заболувања и повреди на периферните нерви и мускули.
  • Слабости на сфинктерите.
  • Болест на невромускулна спојка (Myasthenia gravis).

Освен за дијагноза, ЕМНГ се користи и за прогноза – следење на текот на болеста и резултатот од преземените терапевтски процедури. Исто така, оваа метода се применува и во рамки на интраоперативниот мониторинг на пациентите со цел заштита на невромускулното ткиво од механичка повреда за време на операција“, вели д-р Демерџиев.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт