/5 прашања и одговори за остеоартритис

5 прашања и одговори за остеоартритис

Сподели

1. Што е остеоартритис?

Остеоартритисот претставува заболување при кое доаѓа до оштетување и трошење на ’рскавицата на коленото. Како резултат на ова доаѓа до контакт на коските на зглобот. Преголемото триење може да предизвика и болка, оток, вкочанетост, ограниченост при движењето кај народот познато како формирање шилци.

2. Кој може да заболи од остеоартритис на колено?

Остеоартритисот на колено е најчест тип на артритис. Покрај фактот што се јавува и кај помладата популација, шансата истиот да се развие по 45 година е голема. Жените се поподлежни на остеоартритис од мажите.

3. Кои се причините за ова заболување?

Најчеста причина за остеоартритис на колено е староста. Речиси секој повозрасен човек има одреден степен на остеоартритис. Но, постојат неколку фактори кои го зголемуваат ризикот од појава на остеоартритис:
Тежина: Прекумерната тежина го зголемува притисокот на зглобовите, особено на колената. Секое покачено кило се одразува 3-4 пати повеќе на вашите колена.
Пол: Жените постари од 55 години се поподлежни на остеоартритис на колено од мажите, поради хормоналниот дисбаланс.
Наследно: Може да се појави и поради одредени наследни абнормалности во формата на коските околу зглобот на коленото.
Повреди: Оние кои постојано се во некаква активност на работното место од типот на постојано клекнување, неприродна позиција на телото или креваат голем товар му прават голем притисок на зглобот на коленото, а со тоа ги зголемуваат шансите за остеоартритис на колената.
Спорт: Рекреативните и професионалните спортисти често подлежат на повреди, а со тоа се изложени на поголем ризик од остеоартритис на колено. Важно е да се потенцира дека постојаното умерено спортување ги зајакнува зглобовите и мускулите околу коленото, а со тоа го намалува ризикот од остеоартритис.
Поврзани заболувања: Оние кои имаат ревматоиден артритис, вториот најчест тип на артритис, исто така имаат ризик да заболат од остеоартритис. Во ризичната група се и оние кои имаат метаболички нарушувања, како на пример вишок на железо или покачен хормон за раст.

4. Кои се симптомите на ова заболување?

Остеоартритисот се манифестира со болка во коленото при физичка активност, оток, чувство на топлина во зглобовите, вкочанетост во коленото, особено наутро или по подолго седење, гласно крцкање на коленото (грепитации) при движење.Со намалување на подвижноста на коленото пациентите имаат потешкотии при секоја физичка активност.

5. Како се лекува остеоартритис на колено?

Лекувањето на остеоартритисот е со инјектирање на кортикостероиди, хијалуронска киселина или во коленото ПРП метода, како и физикална терапија. Доколку не помогнат овие методи, се оди на хируршки третман. Постојат три типа хируршки интервенции во третманот на остеоартритис: артроскопија, остеотомија, артропластика (тотална и уникондиларна протеза на колено), а се препорачува и биолошка операција за зачувување на зглобот.

Автологна трансплантација на коскено-´рскавични трансплантати

Автологна трансплантација на коскено-рскавични трансплантати (познати како OATS техника) се состои од пресадување на коскено-´рскавични парчиња со цилиндрична форма, кои се земаат од условно кажано „помалку важни“ места во зглобот на пациентот и се пресадуваат на повеќе оптоварените и „поважни“ места во зглобот. Со ова се овозможува комплетно враќање на функцијата на оштетениот зглоб за краток период. Секако, и оваа техника има свои ограничувања, во однос на возраста на пациентот, како и состојбата т.е. големината на оштетениот дел од зглобот. Последното особено е важно заради тоа што местата од каде може да се земе ´рскавица за пресадување се ограничени. Автологна трансплантација се работи во еден акт, и речиси не постојат шанси за отфрлање на трансплантатот заради тоа што се прави трансфер на сопствено ткиво од едно место на друго.

ПРП метода

ПРП (Platelets Rich Plasma) метода претставува револуционерен третман на зглобовите со сопствена крвна плазма збогатена со тромбоцити. Со помош на оваа метода за кратко време се регенерира оштетеното ткиво во зглобот. Третманот е безболен и ефикасен и речиси нема несакани реакции бидејќи се користи сопствената крв на пациентот.