Болки во раст

Сподели

Понекогаш се случува мало дете (обично кога расте брзо) одеднаш да почувствува силна болка во нозете. Нема оток, нема црвенило, движењата се уредни, но детето кажува и покажува дека мускулите на нозете го болaт. Болката понекогаш е многу силна, така што малите деца плачат, дури може да ги разбуди од сон и целата ситуација да изгледа многу драматично. Овие болки може да се повторуваат, па родителите во паника брзаат на итен преглед. Д–р Маја Каличанин Марковска, специјалист по ортопедска хирургија, одговори на најчестите прашања на родителите за болките кои се појавуваат при раст.

Во која возраст се појавуваат?

Можат да почнат многу рано, дури и во третата година од животот, но повеќето деца се на возраст од 5 до 12 години. Тие се исклучително ретки по 12. година.

Зошто се јавуваат?

Вистинската причина всушност е непозната! Дури и нема цврсти докази дека растот има директни врски со овие болки. Она што е јасно познато е дека се јавува почесто кај децата кои имале поинтензивен физички напор во текот на денот – трчање, скокање, качување (игротеки, спортски натпревари, тренинзи, интензивна игра). Во зима може да се јават по скијање. Постојат мислења кои велат дека всушност се работи за еден вид „воспаление на мускулите” поради зголемениот физички напор. Според други мислења, пак, меките ткива (мускули, тетиви, фасции) не можат да го следат со ист интензитет брзиот раст на коските т. е. скелетот, во должина и истите наместо да растат се истегаат при што доаѓа и до прекумерно истегање и на крвните садови и нерви кои поминуваат низ нив, што организмот го манифестира како болка. Тие обично се јавуваат кај деца кои имаат понизок праг на болка – помалку толерираат болка, но и тоа не е секогаш случај. Овој тип болка може да се јави и кај издржливи и „силни“ деца. Се покажало дека децата со чести болки во растот исто така имаат тенденција да имаат повремени главоболки и абдоминални болки.

Како да ги препознаеме?

Децата најчесто се жалат на болки во вид на грчеви или невообичаено затегање во мускулите на нозете. Секогаш се жалат на болка во двете нозе, во натколениците (обично од предната страна) или листовите (обично од задната страна), понекогаш зад коленото (но не и на предната или бочните страни на коленото). Болката не е придружена со други симптоми (како покачена температура, треска, ограничена подвижност на зглобовите, црвенило или оток), а кога болката ќе помине детето се однесува сосема нормално – како ништо да не се случило.

Колку често се јавуваат?

Понекогаш болките доаѓаат зачестено – неколку дена по ред, а понекогаш може да има подолг период на пауза. Има големи индивидуални варијации во јавувањето на болките во раст кај децата, но типично е дека тие може да се јават неколкупати во еден месец а понекогаш може да има пауза од неколку месеци, па и подолго (обично ги следат периодите на брз раст во висина). Болките обично се јавуваат навечер пред спиење или рано во текот на ноќта и ги будат децата од сон. Ноќе прагот на болка е понизок па затоа не е за изненадување што болките на раст кај повеќето деца се случуваат ноќе. Многу ретко се јавуваат во претпладневните часови или во текот на денот. Интересно е тоа што може да се случи по една ноќна епизода на болка, детето да се разбуди весело и одморено, а понекогаш се случува и воопшто да не се сеќава на болната епизода.

Како се поставува дијагноза?

Лесно! Лекарот веќе од разговорот со родителите (анамнеза) и едноставни испитувања (физикален преглед) поставува дијагноза. Бидејќи нема промени по нозете (нема отоци, црвенила, болни движења, болка при допир, нема деформитети) најчесто не се потребни понатамошни испитувања.

Кога е потребно лекување?

Вистинските (типични) болки во растот не бараат итен медицински преглед, така што нема потреба да се трча кај докторот!

Како се лекуваат?

Повеќето деца немаат потреба од терапија! Сепак, постојат деца кои имаат многу силна болка, и во такви случаи има смисла да им се даде таблета или сируп против болка – ибупрофен или парацетамол во соодветната доза. Лесна масажа или топли облоги понекогаш може да помогнат наместо аналгетици. Состојби кога болките во нозете бараат лекување се следниве:

  • Ако болките се исклучително силни и неиздржливи, особено ако нема подобрување по земање аналгетска терапија треба да се поба ра лекарска помош (без паника!)
  • Ако детето се жали на упорна болка само во една нога или само на една иста регија
  • Ако се појави црвенило, болен оток или ограничување на движењето
  • Ако се појави зголемена телесна температура или детето се жали на изнемоштеност

Овие ситуации укажуваат на тоа дека не станува збор за болка во растот туку дека се работи за некоја друга причина за болка и во тој случај лекарот ќе предложи дополнителни испитувања и прегледи. Но, и во такви случаи најчесто станува збор за бенигни состојби кои можат да се лекуваат.

Најди доктор Закажи преглед Контакт