Почетна » Блог » Коски, Мускули и Зглобови » Имобилизација и транспорт кај најчестите трауми

Имобилизација и транспорт кај најчестите трауми

Сподели

Секојдневно сме сведоци на повредени во сообраќајни незгоди, незгоди при спорт, незгоди при планинарење, незгоди при секојдневните активности во домот и на работното место. Често при тие повреди доаѓа до повреди – фрактури на коскените структури на човековото тело. Д-р Даниел Јакимоски, хирург, вели дека трауматските повреди се на трето место по смртност во светот, веднаш по карциномот и срцевите заболувања. Прво нешто што треба да се направи при повреди со фрактура е имобилизација на фрактурата и безбеден транспорт на пациентот до првата здравствена установа.

Доколку повредата се случи во урбана средина, најдобро е да се повика брза помош, која со стручна и обучена екипа ќе изврши имобилизација и транспорт на повреденото лице. Но, доколку повредата се случи во природа каде нема пристап на возило, треба да се направи примарна имобилизација со материјали и средства од околината со цел повредениот безбедно да се транспортира до најблиската здравствена установа каде ќе се продолжи со понатамошното третирање и лекување на повредениот.

Совети за прва помош при трауматска повреда

Секоја повреда бара различен третман во зависност од ургентноста и од настанатата траума. Она што е најважно е да ги примените овие неколку чекори пред да пристигне амбулантното возило.

  • При трауматски повреди пред сè е важно повредениот и лицата околу него да останат присебни сè со цел адекватно да му помогнат на повредениот
  • Доколку се работи за пригмечен дел од телото, во најбрз можен рок треба да биде ослободен тој дел од телото. Доколку исто така постои крвавење при повредата, да се проба истото да биде ставено под контрола со притисок над местото од каде крвави
  • Доколку имате примарно познавање од пружање прва помош и имобилизација тогаш може да пристапите кон пружање на основната помош. Во спротивно, не поместувајте го повредениот, оставете стручните лица да го направат тоа.

Зошто е важна брза имобилизација?

Прво нешто што треба да се направи по повреда е да се врати во првобитна состојба повредениот дел, односно да се добие анатомско-физиолошка положба. Тоа значи дека брзата реакција, односно првичната имобилизација е од примарно значење. Со брзата имобилизација пред сè ја намалуваме болката на повредениот, спречуваме понатамошно оштетување на коскените структури, но исто така и на меките ткива. Ги доведуваме крвните садови, мускулите и нервите во нормална положба и функција. Со враќање на повредените делови во една релативно нормална положба се трудиме да ја добиеме нормалната анатомија и функција на повредниот дел од човековото тело.

Кои се најчестите грешки и најчестите компликации при несоодветен транспорт

При имобилизацијата на повредениот се случуваат грешки и компликации пред сè од несоодветни постапки и несоодветно обучени луѓе. Често со неправилна манипулација со повредените сегменти може да дојде до повреда на мускулите, органите кои се наоѓаат во близина, крвните садови и нерви. Овие повреди на меките ткива, крвни садови и нерви може да доведат до сериозни последици по здравјето и нормалната функција на повредениот. Исто така, доколку повредениот се транспортира несоодветно, во несоодветна положба или несоодветно возило, често се случуваат тешки последици и компликации. Затоа е битно овие повреди навремено да бидат препознаени од страна на лекар и соодветно и во најбрз можен рок да бидат третирани.

Безбеден и брз медицински транспорт

Ургентниот центар на „Аџибадем Систина“ располага со три современо опремени амбулантни возила со кои се врши транспорт на пациентите од одредена локација до самата болница и обратно. Пациентите секогаш се придружувани од соодветни медицински тимови во зависност од нивната здравствена состојба и видот на болеста. Тоа се возила во кои е вградена висококвалитетна опрема за мониторинг, кислородна поддршка, респиратор, инфузомати и перфузори за контролирано давање течности и поддршка на кардиоваскуларниот систем. Во зависност од потребата постојат и специјално опремени торби со адекватни лекарства, средства за имобилизација и завоен материјал кои би биле потребни во зависност од здравствената состојба на пациентот.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт