/Медицинска масажа во служба на здравјето

Медицинска масажа во служба на здравјето

Сподели

Мануелната масажа во основа претставува лекување со допир. “Триењето” на дел од телото во момент на болка е природен инстинкт кој во тој момент нуди утеха, ја ублажува болката и ревиталзира. Терапевтската масажа е својствена за сите култури, со што тешко може да се одреди нејзиното потекло, иако постојат податоци кои ја претставуваат улогата на масажата од најрани времиња до денес. 

Кои типови на масажа постојат?

Различните култури, потреби и начини на изведување на масажата создале палета на најразлични типови на масажа: релаксациона, медицинска, спортска, масажа по болни точки, мануелна лимфна дренажа, шијацу масажа, таи масажа, шведска масажа, индијска масажа на глава и уште многу други.

Зашто е корисна масажата?

Масажата ја стимулира циркулацијата на крвта, со што позитивно влијае на целото тело, се зголемува доводот на кислород до ткивата, се намалува крвниот притисок, се опушта мускулатурата на тој начин што се подобрува исфрлењето на отпадните материи, како млечната киселина од мускулните влакна и се враќа тонусот на мускулатурата на оптимално ниво. Како резултат на севкупниот ефект врз скелето мускулниот систем се олеснува подвижноста во зглобовите. Поттикнувањето на елиминација на метаболните отпадни материи од организмот се врши преку дејството на масажата врз лимфниот систем. Ослободувњето од стресот е уште еден бенефит кој го нуди медицинската масажа со нејзиното стимулативно дејство врз нервниот систем. 

Кој ја изведува и како се изведува медицинската масажа?

Медицинската масажа ја изведува стручно едуцирано лице – физиотерапевт, со одлично познавање на анатомијата на мускулоскелетниот систем, циркулаторниот, лимфниот и нервниот систем. При тоа користи различни техники на масажа кои се класифицираат на нежни, средни и силни, со нивно наизменично комбинирање. Нежните движења се користат за подготовка и крај на серијата на масирање, движењата со средна јачина, за ослободување од напнатоста на мускулатурата, а силните движења се применуваат на одредени точки. Техниките и нивниот начин на користење зависи од возраста на пациентот, неговата психо физичка состојба, тегобите, односно степенот на болка кој го чувствува, како и од регијата на телото на која се применува масажата.

Колку често може да се применува медицинската масажа?

Зависно од здравствената состојба масажата може да се применува секојдневно при болни синдроми, но земајќи го во предвид нејзиното севкупно позитивно стимулативно дејство врз организмот, оптимална примена кај здравата популација е барем еднаш месечно. Медицинската масажа е позитивен, фасцинантен и идеален начин за ревитализација на целото тело.