/Остеопороза – „тивок крадец“ на коскеното ткиво

Остеопороза – „тивок крадец“ на коскеното ткиво

Сподели

Остеопороза е заболување на коските што ги намалува густината и квалитетот на коскеното ткиво. Скелетот на пациентот со остеопороза станува подлoжен на скршеници кои може да се случат и при најмала траума или поголемо оптоварување на коските, незгодно движење или потпирање, дури можно е да настанат и како резултат на притисок од сопствената тежина. Од овие причини остеопорозата се нарекува „тивок убиец“ или „тивок крадец“ на коскеното ткиво. Според д-р Неда Трајковска, хирург-трауматолог, лекувањето е долготрајно, а последиците се тешки. Навременото препознавање и соодветниот третман се важни за понатамошниот живот и нормално функционирање на пациентите. Правилниот третман треба да доведе до намалување на инвалидитетот и повторно враќање во форма.

Дијагностика на скршеници

Голем број од пациентите не ги препознаваат скршениците сè до моментот додека не направат дијагностичко иследување. Најголем процент од нив се придружени со болка, нарушена функција. Најчесто се случуваат скршеници на рачниот зглоб, колкот, прешлените на ‘рбетниот столб, поретко на долгите коски на екстремитетите. За да се дијагностицира скршеницата неопходно е да се направи клинички преглед на регијата на која се жали пациентот на болка, по што следува рендгенграфија, а по потреба и компјутерска томографија или магнетна резонанца. Вашиот лекар ќе ја анализира снимката за да ја утврди сериозноста на фрактурата. Болките можат да се намалат со лекови (аналгетици), имобилизација, а подоцна и со физикална терапија.

Хируршки третман

Скршениците во предел на долниот екстремитет се од особено значење бидејќи нивниот соодветен третман значи и навремено вертикализирање и рехабилитација, но и побрзо враќање на секојдневните активности. За овој вид скршеници решение е оперативниот третман, фиксација со соодветен остеосинтетски материјал или поставување ендопротеза. Навремената дијагноза кај овие пациенти е клучна за побрза рехабилитација и враќање на секојдневните активности, како и за избегнување на компликациите. Иако не се ни малку безначајни, скршениците на горниот екстремитет не секогаш се третираат оперативно. Конзервативниот третман и имобилизацијата на скршениците на долгите коски без значајно изместување даваат задоволителни резултати, посебно кај пациенти со нарушена општа здравствена состојба. Ова не важи за интраартикуларните скршеници (оние кои ги инволвираат зглобовите), каде е важна идеална репозиција и можност за рано отпочнување со процесот на рехабилитација, што се постигнува со оперативен третман. Овие пациенти се подвижни, може да ги извршуваат секојдневните активности со одредени ограничувања, па оттука и опциите за третман се пошироки. Болка во предел на ‘рбетот, негово постепено деформирање со формирање на гибус (грпка), намалување на висината повеќе од 5 сантиметри, невролошките испади се дел од симптомите кои се јавуваат кај компресивните фрактури на прешленските тела. Настануваат најчесто како резултат на компресија од сопствената тежина или минимална (low energy) траума. Пациентите може и да не бидат свесни за новонастаната состојба и појавата на болка во грбот да ја препишат на спондилоза, дискус хернија, лумбоишијалгија… Оние кои несоодветно ја третирале остеопорозата или доцна се јавуваат на лекар, често завршуваат со компресивни фрактури кои предизвикуваат и одземеност на екстремитетите. Рано поставената дијагноза, направените РТГ и невролошки иследувања овозмо жуваат избор на третман кој може да е конзервативен со аналгетици, носење соодветни корсети и физикална терапија или, пак, да биде оперативен. Како избор на оперативен третман е перкутана вертебропластика, со исполнување на фрактурираниот прешлен со цемент, што овозможува брзо обезболување на пациентот.

Вертбропластика – ефективен метод за стабилизација на ‘рбетот

Вертебропластиката е минимално инванзивна и исклучително ефикасна хируршка метода која се изведува кога имаме компресивно променет прешлен. Овие фрактури припаѓаат на групата патолошки фрактури, односно се резултат на никаква или минорна траума, а главната причина е болест, најчесто остеопорозата. Се користи како третман кај патолошките фрактури предизвикани од остеопороза или кај промените на ‘рбетот предизвикани од тумор (примарен или секундарен). Процедурата е краткотрајна и зависно од проценката на анестезиологот и од вашата општа здравствена состојба се изведува со локална потенцирана, краткотрајна интравенска или општа ендотрахеална анестезија. Во текот на процедурата постојано се мониторираат вашите витални функции за да може да се види реакцијата на организмот во прифаќањето на специјален спинален цемент – polymethylmethacrylate. Се користат специјални игли преку кои се инјектира цемент со специјална густина директно во променетиот прешлен. За време на изведување на интервенцијата, пациентот лежи на стомак. Најголемата придобивка од оваа интервенција е брзото и комплетно исчезнување на болката, која претходно била причина да земате големи количини аналгетици. Но, вертебропластиката не значи дека комплетно треба да го занемарите третманот на вашата основна болест – остеопороза или онколошка болест.