/Има ли решение за вкочанет врат, болки во грбот?

Има ли решение за вкочанет врат, болки во грбот?

Сподели

Долготрајната и упорна болка како што е болката во вратот или грбот, вкочанетоста во рамената или чувството на болна иритација во некој зглоб претставуваат голем проблем за пациентите. Иако постојат повеќе третмани, понекогаш е потребна поддршка во текот на целиот ден бидејќи пациентите секојдневно се изложени на голем притисок, на пример додека седат во канцеларија, возат автомобил или ги извршуваат секојдневните обврски. Слична е состојбата и кај професионалните или рекреативните спортисти, кои често се повредуваат, а при помали повреди не е потребно да го прекинат својот тренинг процес. Едно од решенијата за овој проблем е кинези тајпинг.

Кинези тејпинг е посебна техника со примена на специфични ленти кои овозможуваат поддршка на мускулите без да го ограничат движењето , за разлика од класичните ленти, кои го ограничуваат движењето на зглобовите. Со овие посебни ленти нема ограничување на движењето на мускулите и зглобовите и има цел да помогне при движење во процесот на заздравување. Помагаат при болка на мускулите и спречуваат создавање оток. Го намалуваат воспалението на тој начин што ја подобруваат циркулацијата на заболеното место. На ваков начин, болката се намалува, а обемот на движење се подобрува. Лентите покрај тоа што служат за заздравување, се користат и како превенција од повреди. Примената на овие ленти е неинванзивна и лесно се аплицираат.

Кои се карактеристиките на овие ленти?

Лентите за кинези тејпинг се ставаат директно на површината на кожата и се дизајнирани да не вршат притисок. Лентата има еластични својства исто како и кожата кај човекот, со дебелина на епидермисот. Составот на лентите е 100% памук со еластични влакна. Преку памучните влакна телото може да дише. Еластичноста на лентата трае од 3 до 5 дена, но вообичаено се носат до 48 часа и се водоотпорни. Десет минути по аплицирањето, не се чувствува на кожата. Лентите не содржат латекс. Благодарение на брановидната форма на лепливата страна, кожата може да поти и да дише. Иако лентите можат да бидат различна боја, функцијата е иста.

На што треба да се обрне внимание?

Пред нанесувањето кожата се чисти. Во зависност од местото на нанесување, може да биде потребно отстранување на влакната од кожата. Лентата се нанесува директно на чиста и интактна кожа. По аплицирањето се трие со нежно притискање и во овој период се избегнуваат нагли движења. Можат да се носат при бањање и пливање. Лесно може да се извадат во кое било време и не оставаат лепливи траги. Кај спортистите, како и кај другите физички активни лица се користат екстра лепливи ленти. Понекогаш се користи и спреј за лепење, но притоа отстранувањето од кожата може да биде потешко.

Дали има несакани дејства?

Кожните реакции од примената на лентите се исклучително ретки. Може да се појави алергиска реакција или чувствителност на кожата. Алергиската реакција може да

се појави од лепакот на лентата или од бојата. Во тој случај лентата треба да се извади. Доколку кожата е иритирана, лентата се отстранува и откако ќе помине црвенилото, ако е возможно, повторно се аплицира.

Кој може да применува кинези тејпинг?

За успешно лекување со кинези тејпингот постојат два фактора: прво се прави проценка на пациентот, потоа треба правилно да се постават лентите. Третманот е ефикасен доколку се комбинираат заедно двата фактори. Поради ова аплицирањето на лентите треба да го извршува стручно обучено лице под надзор на доктор.

Во кои случаи се користи?

Се аплицираат на вратот, грбот, рамото, појасот или кој било зглоб на горните и долните екстремитети, во случај на болки при движење на ‘рбетот и зглобовите, болка во околното меко ткиво и мускулите, при полесен степен на исчанчувања на зглобот, сколиоза, при спортски повреди или нивна превенција, воспаление на тетивите, коскен израсток на петица, мускулна слабост, деформитети на долните екстремитети, повреда на нервите, церебрална парализа и лимфоедем. Дава поддршка на мекото ткиво и не ги ограничува движењата на зглобовите при спортување. Го намалува ризикот за повреди. Постојат разни техники на примена и на еден пациент можат да се применат повеќе техники.