Почетна » Блог » Коски, Мускули и Зглобови » Скен на коски со најсовремена спект гама камера

Скен на коски со најсовремена спект гама камера

Сподели

Скен на коски претставува специјализирана нуклеарно-медицинска процедура за идентификување на регии на метаболни коскени промени. Д-р Лилјана Муратовска, специјалист по нуклеарна медицина објаснува дека со ова испитување се прикажуваат аспектите на коскениот метаболизам или коскеното ремоделирање, кои повеќето други техники не можат да го детектираат.

Како се изведува?

На пациентот најпрво интравенски му се вбризгува мала количина на радиофармацевтски препарат, којшто не е штетен по здравјето. Потоа пациентот се скенира со гама камера. Радионуклидот емитува тип на зрачење, таканаречено гама зрачење. Се прават двoдимензионални проекции, но со цел да се видат мали лезии (помали од 1 см), особено во ‘рбетот, се прави и еднофотонска емисиона компјутеризирана томографија (SPECT). Сликањето се изведува по 2-3 часа од инјектирањето и трае околу 30-60 минути, во зависност дали се прават SPECT слики, а понекогаш се потребни и подоцнежни сликања. Околу половина од радиоактивниот материјал се локализира во коските. Деловите од телото каде радионуклидот повеќе се акумулира се гледаат како „жешки точки” (hot spot) и може да укажуваат на состојби како што се малигни коскени тумори, секундарни метастатски лезии на коските, коскена инфекција или инфламација, траума и друго. Други промени може да предизвикаат намалена акумулација на радиоактивниот материјал или „ладни” фотопенични дефекти. Околу половина од радиоактивниот материјал се екскретира со урината.

Каде сé може да се користи?

Најчести индикациони области се онкологија и ортопедија. Во ортопедијата се користи за идентификација на коскени трауми, спортски повреди, за дијагноза на остеомиелитис, кај артритис, идентификација на коскени инфаркти, разлабавување или инфекција на зглобни протези, аваскуларна некроза, остеид остеом и др. Во онкологијата се користи за локализација на примарни малигни коскени тумори, идентификација на скелетни метастази, процена на одговор на терапијата.

Скен на коски во детекција на скелетни метастази

Скенот на коски се користи првенствено во онкологијата, за откривање на скелетни метастази. Таквите промени во коските можат да се откријат со сцинтиграфија многу порано отколку со која било друга дијагностичка метода и се откриваат метастазите во целиот скелет. Бидејќи клетките на ракот се размножуваат брзо, тие ќе се појават како темни регии на скенот. Ова се должи на зголемувањето на коскениот метаболизам и коскената преградба во областа на канцерските клетки. Скенот на коски, исто така, може да се користи за следење на карциномот пред и по третман со цел да се процени ефективноста на третманот. Тумори кои најчесто метастазираат во коските се карциномот на простата, на дојка, на бубрег, на тироидна жлезда и на бели дробови, односно правилото на оловен чајник (Pb KeTtLe – prostate, breast, kidney, thyroid, lung). Освен кај овие со назначен остеотропизам, скенот на коски се изведува и кај други малигноми како гинеколошки, гастроинтестинални или при покачени биохемиски параметри како хиперкалцемија, покачена алкална фосфатаза, туморски маркери и при постоење на коскена болка.

Предности

Предности на скенографските во однос на радиографските методи се неговата висока сензитивност, добивање на слики на целиот скелет со едно сликање, проценка на радиолошко тешки, недостапни регии како ребра, градна коска и скапули. Самото скенирање не бара посебна подготовка од страна на пациентот, не предизвикува болка, не е инвазивно, нема бучава како кај магнетната резонанса и не е клаустрофобично.

Без несакани ефекти

Количеството на радионуклидот кое се инјектира интравенски е толку мало што не се потребни специјални посебни мерки за заштита од радиоактивна изложеност. Сцинтиграфијата се употребува повеќе од 50 години и досега не се познати нескани ефекти. Алергиски реакции на трасерот се многу ретки. Во период на бременост и лактација постои ограничување за изведување на скен на коски.

Најди доктор Закажи преглед Контакт