/Спондилоза – болест на современиот човек

Спондилоза – болест на современиот човек

Сподели

Долгото и неправилно седење пред компјутер, дома или на работното место, често  предизвикува болка во грбот. Оваа болка е еден од најчестите здравствени проблеми и нема човек кој не се пожалил од неа.

Спондилоза – болест на „седечкиот човек“

Спондилозата е дегенеративно заболување на ‘рбетниот столб  и најчестото се јавува кај луѓето кои долго време седат. ‘Рбетот е составен од прешлени кои меѓусебно се поврзани со зглобови, а разделени се со меки дискови. Оваа целина го прави ‘рбетот флексибилен и прилагодлив, а прешлените и меките делови се еден вид  стабилизатори кои ги апсорбираат стресот и вибрациите кои се формираат кога човекот се движи.

Фактори на ризик

Фактори на ризик кои го забрзуваат развојот на спондилозата се динамичниот начин на живот, недоволната физичка активност, лошото држење на телото, професиите кои бараат долго седење (канцелариски работници, возачи, градежни работници), одморање во неправилна положба или прекумерна тежина. Велат дека болките во ‘рбетот најчесто настануваат поради товарот кој доаѓа со годините. Спондилозата која го зафаќа вратниот дел од ‘рбетниот столб најчесто се јавува по триесеттата година, додека лумбалната спондилоза по четириесеттата година. Најчеста најава за оваа болест се болките во вратот, грбот или нозете. Дегенеративниот процес започнува во меѓупрешленските дискуси, кои постепено ја губат водата во себе, односно дехидрираат. Кај новороденчињата, процентот на вода во дискусите изнесува околу 88%, додека кај просечен возрасен човек се намалува до 70%. Губејќи ја водата дискусот ја губи еластичноста и е подложен на изместување на своето лежиште.

Што се тоа шилци?

Кај народот честа појава се и таканарените „шилци“, кои се последица на промените на коските. Процесот на стареење не ги изостава ниту прешлените, тие ја губат својата форма и функција. ‘Рскавицата станува сѐ потврда, а дисковите се стврднуваат и смалуваат. Како што овој простор се намалува, така коскената маса го исполнува новосоздадениот простор и го исполнува со создавање на израстоци наречени коскени шилци, кои немаат заштитна ‘рскавица.  Се среќаваат кај повозрасните луѓе, но може и да се појават кај лица кои се изложени на континуирано оптоварување на ‘рбетниот столб.

Лекување

Бидејќи оваа болест различно се развива кај секој пациент, потребно е лекарот суштински да го согледа проблемот и да ви изготви индивидуален план и програма за лекување. Стручниот тим од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ од Одделот за физикална терапија и рехабилитација ви препорачува болката да ја отстраните со примена на медикаменти, физикална терапија и рехабилитација или кинезитерапија.

Третман

За болката да не се појави повторно, треба да живеете квалитетно, да го држите телото правилно, да спортувате, да ги зајакнете мускулите на грбот и околу ‘рбетот и периодична физикална терапија. За оние кои имаат тешка физичка работа се препорачува да користат заштитни фиксатори за ‘рбетниот столб и да избегнуваат долго седење. Како што и досега споменавме, морате да внимавате и на телесната тежина, која треба да е во нормала и да носите удобни обувки. Само на овој начин ќе спречите многу штетни и непосакувани последици!