/Скок во непозната вода парализира минимум едно лице годишно

Скок во непозната вода парализира минимум едно лице годишно

Сподели

Само еден скок во вода комплетно може некому да му го смени животот. Ова е реченицата со која трауматолозите ја почнуваат приказната за нивните пациенти кои, по тешки повреди на ‘рбетниот столб, останале комплетно парализирани. “Во еден миг сe е убаво, луѓето уживаат во летото, плажата и во водните лудории, а веќе следниот може да биде кобен. Не секој скок во вода е страшен и не секој скок во вода значи дека задолжително ќе се повредите. Но се случува ако скокаат на непознат терен каде што не знаат што има на дното или какви карпи има под водата, место посакуваното уживање, со темето да удрат во тврдата подлога. Во зависност од тоа колку е плитко местото, каков е ударот, со колкава тежина е човекот, најчесто доаѓа до пукање на ‘рбетниот столб”, вели проф. д-р Јордан Савески, хирург трауматолог и шеф на Спиналниот центар

Најчести повреди

При вакви, повреди кога доаѓа до кршење на коските од ‘рбетниот столб, страда и ‘рбетниот мозок. Повредите на ‘рбетниот мозок, како што објаснуваат трауматолозите, може да бидат различни и дел од пациентите може да закрепнат со соодветна хируршка интервенција и терапија, но дел да останат и трајни инвалиди.

“Во просек, од 100 пациенти со вакви повреди, кај 20 до 25 отсто комплетно е оштетен ‘рбетниот мозок, и тие пациенти веќе никогаш не можат да закрепнат. Тоа е лична трагедија и за самиот пациент, но и за неговото семејство. Затоа првиот совет е никогаш не скокај на места кои ти се непознати и каде што не знаеш што можеш да очекуваш”, вели проф. д-р Савески.

Неправилно извлекување од водата и несоодветен транспорт

Често при ваквите повреди, здравствената состојба на пациентот уште повеќе му се влошува поради неправилно извлекување од водата и поради несоодветен транспорт.
“Во вакви случаи, луѓето најчесто губат свест и се под вода. Организмот може две до три минути да издржи без кислород, а потоа рефлексно се активира потребата за внесување воздух и тие ако, со уште се под вода, може да се случи да вдишат вода во белите дробови која, пак, најчесто не е чиста и може да предизвика и дополнителни инфекции”, вели проф. Савески.

При извлекување од вода, повредениот треба да го извлечат најмалку двајца, односно едниот да му ја држи главата без дополнителни поместувања, а другиот телото и екстремитетите.

“Битно е да нема дополнителни манипулации со главата, бидејќи може таа да се држи на здробен прешлен и при вртење на главата да се направат дополнителни повреди. Откако е изнесен на копно, треба да се провери дали на повредениот му се подига градниот кош, односно дали дише, а ако не дише, да се пристапи кон вештачко дишење. Претходно со прст да се исчисти устата, да не има случајно храна која ја повратил, или некој скршен заб, или крвавење, кои би можеле да го затнат душникот”, вели проф. Савески.

Правилниот транспорт на повредениот во вакви случаи може да биде одлучувачки дали пациентот ќе мине со полесни повреди или ќе остане целосно парализиран. Лекарите велат дека во случај кога некој сака да му помогне на ваков повреден, ако нема други повреди и крвавења, најдобро е да се почека службата за итна медицинска помош.