/Третман на ревматоиден артритис

Третман на ревматоиден артритис

Сподели

Со медикаментозна терапија за ревматоиден артритис може да се забави напредокот на болеста. Хируршкиот третман е индициран кај пациенти со сериозни оштетувања на зглобовите. Во случаи кога не е можно да се направи биолошка операција на коски и меки ткива, се изведува артропластика или целосна замена на зглобовите, најчесто на поголемите зглобови.

Постојат неколку причини за хируршки третман на ревматоиден артритис:

  • За ослободување од болка
  • За подобро движење

Кога е најдобро време за тоа?

Кога постојат структурни оштетувања како последица на ревматоидниот артритис лековите не можат да помогнат, и затоа е потребна операција. Одлуката кога е најдобро време за хируршки третман, ја носат конзилијарно ортопед и ревматолог.

Кои биолошки операции се користат за ревматоиден артритис?

Синовектомија. Операција за отстранување на воспалената синовија. Синовектомија може да се направи на коленото, лактите, зглобовите на прстите и колковите, и на сите зглобови заболени од ревматоиден артритис.

Корекција на тетива. Воспалување на зглобовите како последица на ревматоиден артритис може да доведе до оштетување и на тетивите. Тогаш се препорачува хируршка интервенција за корекција на тетивите околу зглобовите. Со операција на тетивите и нивно преместување на друго место во голема мера може да се подобри функцијата на зглобовите.

Остеотомија. Кога постои деформитет на коските, се прават корективни операции за корекција на деформитетот и подобрување на функцијата на зглобот.

Вкочанување на зглобот – оваа хируршка интервенција вклучува спојување на коските за да се онеспособи движење, со што би ги снемало болките и би се добила подобра функција на ногата. Примарно се користи за зглобовите на нозете, прстите, ’рбетот и се препорачува во понапредна фаза на ревматоиден артритис.

Што значи тотална замена на зглоб?

Зглобовите на колкот и коленото се најчести места на кои е потребна замена со ендопротеза кај пациентите со ревматоиден артритис. Меѓутоа, вакви интервенции се прават и на многу други зглобови. За време на интервенцијата се отстрануваат оштетените делови на зглобот, и се заменуваат со протеза. Со адекватна грижа како одржување на нормална телесна тежина, целокупната здравствена состојба и нивото на физичка активност, заменетиот зглоб трае и повеќе од 20 години.

Кога се препорачува замена на колено?

Ако имате намален обем на движење, болно колено кое ве спречува да ги изведувате секојдневните активности, а другите третмани немаат ефект, тогаш се предлага замена на оштетениот зглоб со протеза. Во овој случај има два пристапа. Едниот е класична, другиот е минимално инванзивна операција. Со минимално инванзивна операција се сочувуваат мускулите и времето на заздравување по третманот е скратено, и функцијата на зглобот е подобра.

Кога е потребно замена на колк?

Замена на колк е хируршка постапка каде се отстранува оштетениот и болен зглоб на колкот и се заменува со вештачки. Најчесто се препорачува, кога сите други опции за третман не даваат резултати. Со замена на колкот се олеснува движењето и се намалуваат болките.