Почетна » Блог » Коски, Мускули и Зглобови » Внимателно на снегот

Внимателно на снегот

Сподели

„Ако имате скршеница, по падот нема да можете да станете и згазнете со ногата или да ја движите раката. Доколку станете и продолжите да одите без проблем или без проблем можете да ја движите раката, најчесто се работи за истегнување (дисторзија) лигаменти. Оток и болка можат да се јават при лесни повреди и скршеница, но сигурни знаци за скршеница се патолошка подвижност, деформитети и крцкање (крепитации)“, вели проф. д-р Јордан Савески, трауматолог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Д-р Савески препорачува внимателно на снегот, да се гази полека со чевли соодветни за лизгав под. Лицата над 60 години доколку немаат потреба да не излегуваат надвор, а децата облечете ги соодветно и слободно пуштете ги да уживаат на снегот.

Кои се најчестите скршеници при пад на лизгава подлога?

Најчеста повреда при пад на лизгава подлога е скршеница на подлактицата, и тоа на типично место. Тоа е делот на подлактицата каде коската од цврста структура преминува во коска со потенка и помека, т.н. сунѓереста структура. Ваквите повреди настануваат при лизгање, кога ќе се изгуби рамнотежата и ќе паднете. Рефлексно кога паѓате ги испружувате рацете и тие први го трпат ударот, па затоа и оваа скршеница е најчеста. На второ место се скршениците на колкот, особено кај постарите лица, чии коски се во фаза на остепороза, процес кој ја прави послаба коскената структура. На трето место се скршениците на скочниот зглоб, со чија помош го движиме стапалото. При лизгање зглобот се извртува прекумерно со тоа што почнуваат да трпат лигаментите и доаѓа до скршеници или пукнатини на структурите кои го сочинуваат скочниот зглоб. На четврто место се скршеници на рамото. И овие скршеници често се јавуваат кај постарите лица бидејќи при остеопороза страдаат колковите, но и рамото. При пад на раце, зависно од аголот при паѓање, може да настрада и рамото. Ако при падот не ги пружите рацете и паднете на задникот, многу поретко се случува да дојде до скршеници на карлицата. Овие скршеници не се толку сериозни како при сообраќајни незгоди, при ваков пад може да напукнат или да се скршат предните коски (гранки на карличната коска.) Кај помладата популација најчестите скршеници се јавуваат за време на скијањето. Во светот секојдневно се случуваат скијачки повреди. Од почетокот на новата година скршениците од скијање се најчестите состојби кои ги исполнуваат операционите сали и во „Аџибадем Систина“.

Внимателно на снегот – најранлива група повозрасните луѓе

Најранлива група се лицата над 60-та година кај кои при пад најчесто доаѓа до скршеница на колк, подлактица и рамо кои се јавуваат поради остеопорозата.

Како да разликуваме скршеница од полесна повреда?

Ако имате скршеница, по падот нема да можете да станете и згазнете со ногата или да ја движите раката. Доколку станете и продложите да одите без проблем или без проблем можете да ја движите раката, најчесто се работи за истегнување (дистрозија) лигаменти. Оток и болка можат да се јават при лесни повреди и скршеница, но сигурни знаци за скршеница се патолошка подвижност, деформитети и крцкање (крепитации) поради придвижување на коскените делчиња (фрагменти). Екстремитетите треба да бидат подвижни само кај зглобовите, додека коските се тие кои треба да бидат цврсти и стабилни. Мојот совет е по падот, веднаш да се упатите во здравствена институција. Ако има транспортно возило да ве однесе, тогаш е уште подобро. Во болница се прави точната дијагноза каква е скршеницата и се проценува дали ќе се третира конзервативно или хируршки. За време на транспортот скршеницата треба да се имобилизира.

Препораки за заштита од паѓање?

Мојата препорака до повозрасните лица е без потреба да не излегуваат и да не се движат на лизгави подлоги. Доколку, сепак, треба да излезат, пред сè треба да внимаваат да одберат добри ѓонови кои не се лизгаат, односно чевли со крампони. Доколку излегуваат, да одберат да се движат на места каде е исчистен снегот, како што се стреите од зградите и куќите, но да внимаваат дека над нив нема мразулци кои би паднале и би го повредиле. Да се движат на поширока основа, да газат пополека по снегот, без брзање. Овие препораки се однесуваат до сите, но посебно на нив да внимаваат повозрасните, кои и така се со понесигурен од и остеопоротични.

Како најчесто се третираат скршениците од пад на лизгаво време?

Скршениците на подлактицата во најголем процент се лекуваат со гипсена имобилизација. Многу поретко се третираат со оперативен зафат, кој е минимално инванзивен и има одлични резултати. Денес постојат надворешни фиксатори кои доведуваат до растегнување на подлактицата и парчињата (фрагментите) на коските си доаѓаат на свое место. Гипсот или фиксаторот се носи 4 до 6 недели по што следува физикална терапија. Кај скршеница на колк единствено решение е операција. Препорачувам ваквата скршеница да се оперира што е можно побргу по падот, особено кај стари лица кои имаат придружни болести (срцеви, белодробни, циркулаторни). За нив, лежењето во кревет може да предизвика многу компликации по здравјето затоа што побрзо треба да се направи операцијата која овозможува нивна брза мобилност.

Децата најмногу се радуваат на снегот, но на што треба да внимаваат?

Децата се веќе друга категорија. Нив можете слободно да ги пуштите да си играат на снегот. Кај нив не може да настанат овие карактеристични скршеници при пад, како кај возрасните. Нив треба да ги заштитите да не им студи и да ги пуштите да си играат во снегот. Кај малите дечиња е потребен надзор од возрасен.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт