Почетна » Блог » Кожа » Доц. д-р Андреј Петров: Правиме проект за испитување на влијанието на загадувањето врз кожата

Доц. д-р Андреј Петров: Правиме проект за испитување на влијанието на загадувањето врз кожата

Сподели

Меѓународен симпозиум на кој ќе учествуваат многу познати дерматолози ќе се одржи на крајот на февруари годинава. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е коорганизатор на настанот, a д-р Андреј Петров вели дека на симпозиумот ќе учествуваат двете најголеми имиња на балканската и на европската дерматовенерологија, доктори кои ги обележаа последните децении. Значаен е, вели, за размена на искуства, нови идеи, нов имплус во работата. „Аџибадем Систина“ секако е една од врвните болници во регионот, а на светско ниво се истакнува со опременоста и со стручноста на кадарот. Во услови на висока загаденост, која се смета како ризик-фактор за здравјето на граѓаните, д-р Петров вели дека клучно е граѓаните да одат на превентивни задравствени прегледи. Во „Аџибадем Систина“ се прави проект за влијанието на одредени честици врз кожата на човекот.

На крајот на овој месец „Аџибадем Систина“ е домаќин на регионална конференција на дерматолози, кои ќе бидат темите на кои ќе дебатирате?

Д-р Петров: Да, на 28 и 29 февруари, во коорганизација на Здружението на дерматовенеролози на Македонија, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се одржува меѓународен симпозиум со учество на многу познати имиња од земјава и регионот, дерматолози од Македонија, Србија, Бугарија, Грција. Минатата година беше првиот настан од тој тип, а оваа година ќе присуствуваат уште поголем број учесници, еминентни професори од регионот. Со тоа на некој начин овие годишни дерматолошко денови во Македонија стануваат традиција.

Се смета за клучен настан, од кои земји ќе има претставници, кои доктори ќе ги издвоите како најзначајни и зошто?

Д-р Петров: Меѓународниот настан е со учество на голем број експерти. Настанот ќе биде отворен и за помладите дерматолози и за специјализантите, за оние кои допрва стекнуваат свое знаење. Би сакал да потенцирам дека меѓу другите ќе бидат присутни двете најголеми имиња на балканската и на европската дерматовенерологија во последните децении, тоа се професор Андреас Катсамбас, поранешен претседател на најголемата европска асоцијација на дерматолози денес ЕАДВ, професор од Универзитетот во Атина и професор Николај Цанков, дописен член на БАН, Бугарската академија на науки и докажан пријател на Македонија, човек со потекло од Штип, кому минатата година му доделивме титула doctor honoris causa на Универзитетот „Гоце Делчев“. Но покрај нив ќе има уште дваесетина врвни дерматовенеролози од регионот, директори на повеќе клиники од Србија и Бугарија, раководители на катедрите, луѓе со големо искуство и знаење.

Соработувате со колеги од другите земји, колку „Аџибадем Систина“ ги следи новитетите кога станува збор за опрема и услуги?

Д-р Петров: Соработката е многу важна во секоја област. Тоа е нешто што дава нов импулс за прогрес, раѓа нови идеи, разменува искуства. Начинот како да се подобрат медицинската услуга и грижата за здравјето на пациентите е преку соработка, да се „купи” тоа што кај другиот функционира и да се примени во сопствената работа. Тоа е начин и како да се донесе нов метод на работа, нова технологија. Меѓутоа, тука е и полето за полемика, за разјаснување на дилемите, но и за учење на младите колеги.

Еден од проблемите за кои ќе дискутирате е и загадувањето на воздухот, односно негативните импликации врз кожата. Колку е сериозен проблем и какви последици има кај човекот?

Д-р Петров: Да, загадувањето нè убива! А кожата е нашиот оклоп, бариера што нè штити и ги регистрира сите информации на неа за загаденоста на воздухот. Ние во соработка со повеќе институции работиме на еден проект кај нас, во „Аџибадем Систина“. Раководител на проектот е доцент Дамевска од Клиниката за дерматовенерологија во Скопје. Проектот го финансира Европската академија за дерматологија и венерилогија/ЕАДВ/. Преку одредени параметри се следи влијанието на одредени честици од загадувањето на воздухот врз кожата, односно се детектира нивото на нивната депозиција во кожата.

Колку Македонците имаат навика да прават превентивни прегледи на кожата, кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат?

Д-р Петров: За разлика од порано, се повеќе. Морам да кажам дека здравствените навики на населението се подобруваат. За тоа зборуваат и голем број тумори на кожата кои се откриваат во рани стадиуми на болеста. Проблемот со рак на кожата е глобален. И тука превенцијата, пред сè заштитата од сончево зрачење е многу важна. За тоа помагаат и новите методи, како дигиталната дермоскопија, со кои „Аџибадем Систина“ располага веќе повеќе години. Ние сме земја со многу сонце и превенцијата е важна. За овие прашања ќе стане збор и на симпозиумот „Дерматологија 2020”, но да најавам дека и оваа година „Аџибадем Систина“ ќе се вклучи во кампањата на бесплатни прегледи на бенки, еден викенд во месец мај како дел од евромеланома кампањата.

 

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт