Почетна » Блог » Кожа » Д-р Андреј Петров : Ласерското обновување на кожата е подобро за пациентите

Д-р Андреј Петров : Ласерското обновување на кожата е подобро за пациентите

Сподели

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ почна со примена на нов метод за подмладување на кожата. Станува збор за Er YAG ласер, кој работи и аблативно и неаблативно и има многу добар ефект. Д-р Андреј Петров, дерматовенеролог, вели дека ова е современ метод со кој кожата се затегнува без црвенило и отоци. Се применува на лицето, очните капаци, но и на внатрешниот дел од устата со цел аугментација и пополнување на брчки.

„Аџибадем Систина“ од самото отворање наметнува високи критериуми за работа. На што се должи успехот?

– „Аџибадем Ситина“ е водечки бренд во здравствената заштита во Македонија. Можам слободно да кажам дека претставуваше пионерски потфат во приватното здравство, кој денес прерасна во незаобиколив дел од македонскиот здравствен систем. Денес не може да се замисли здравствениот систем на Македонија без „Аџибадем Систина“. Голем дел од луѓето и покрај државното здравствено осигурување, кое го плаќаат, се решаваат да дојдат кај нас и да побараат дополнителна помош. Лек за себе, за својата болест. И не само кај нас, нашата болница има регионално значење. Голем број пациенти од регионот, од Србија, Косово, Албанија, се наши пациенти, Тоа покажува за довербата во болницата и медицинскиот тим на „Аџибадем Систина“.

„Аџибадем Систина“ е лидер во воведувањето нови интервенции. Овој пат станува збор за нов метод на ласерско подмладување. За што точно станува збор?

– Ние ја продолжуваме успешната приказна за лидерство во дел на примена на ласерските технологии во дерматологијата. Одамна работиме подмладување на кожата со употреба на фракциона ласерска технологија, со минимално инванзивна траума на кожата. Сега внесовме нови методи и содржини со кои се надевам ќе ги задоволиме барањата на нашите пациенти. Веќе располагаме со 5 ласерски машини. Во конкретниот случај ја затегнуваме, односно подмладуваме кожата преку ласерски интервенции на површината.

Овој современ метод се применува на лицето, очните капаци, но и на внатрешниот дел од устата. Може ли на потенцијалните пациенти да им ја објасните поконкретно самата интервенција? Какви ласери користите?

– Употребуваме веќе 6 години фракционен јаглерод диоксид ласерски систем, а сега почнавме и со употреба на Er YAG ласер или таканаречената „смут” рејувенација на кожата. Еден тип на т.н. ладно обновување на кожата, без драматично црвенило поради што пациентот може веднаш да се врати на работа или да продолжи со вообичаените активности. Нема долг период на закрепнување, и тоа се нејзините компаративни предности во однос на конвенционалните хируршки методи. Погоден е за подигнување на очните капаци, за аугментација (зголемување) на усни, за пополнување на брчки (назолабијални бразди), но може да се користи и за други интервенции како што е вагинална рејувенација, затегнување на кожата на вратот и деколтето итн. Се работи за естетски интервенции со минимален дискомфор на пациентот.

Она што треба да се нагласи е дека не станува збор за хируршка интервенција, а кожата се затегнува без црвенило и отоци. Дали тоа значи дека по самата интервенција пациентот уште веднаш може најнормално да продолжи со секојдневните активности?

– Да, токму така. Нема хируршка рана. Нема конци. Нема дрен. Нема отоци и деформација на лицето, а времето на заздравување се мери во часови, а не во недели или месеци. Се разбира дека во одредени случаи може да се примени хируршка метода која е златен стандард, таканаречениот лифтинг, но денес ласерското подмладување на кожата сè повеќе се употребува. Исто така, се работи за метод кој може да се повторува повеќепати во тек на животот, а ретко кој би се подложил на големи реконструктивни хируршки зафати секоја година. Народски кажано, со мал зафат се прави голема придобивка со ласерското подмладување. При тоа, да напоменам, дека сето тоа мора да биде стручно направено, бидејќи ласерот не е играчка, тоа е нож, кој ако неадекватно се примени може да направи големи проблеми. Сум видел случаи каде со неадекватни интервенции се направени дополнителни проблеми, наместо да се решат проблемите. Треба да се биде внимателен.

Вие сте специјалист по дерматовенерологија. Како што и самите кажавте во едно интервју, дерматологијата има една голема предност, а тоа е што пациентот може да направи самопреглед. Велите кожата не е желудник, се гледа со голо око и затоа секоја промена што нè зачудува е доволен сигнал да се јавиме на доктор. Постои ли свест кај населението за меланом?

– Да, кожата ни е пред очи. Можеме да видиме со голо око што се случува. Не секогаш тоа е доволно за да заклучиме нешто, но барем може да алармира дека треба да појдеме на дерматолог. Кожата е најголем орган на човековото тело, но и најдостапен. Самопрегледот секаде го промовирам кога настапувам јавно. Таканареченото АБЦД правило за сомневање за меланом, што е акроним од англиските зборови- асиметрија, граници на промената, боја на промената, дијаметар. Доколку нешто од ова се менува, треба да се дојде на доктор. Населението сè повеќе покажува грижа за своето здравје, особено за заштита од кожните карциноми. Дермоскопските прегледи, кои секојдневно ги правиме во голем број, тоа го покажуваат, дека населението се грижи за своето здравје. Исто така, и ефективната заштита од сонце со употреба на кремови со заштитни фактори, што сè повеќе станува незаобиколен дел од навиките на граѓаните.

Што велат статистиките? Дали последниве години е зголемена бројката на заболени од рак на кожата?

– Зголемена е. Има раст. Тоа веројатно се должи на условите на живот бидејќи карциногенезата е комплексен проблем со учество на повеќе фактори, не само на влијанието на сонцето. А животот денес има бројни предизвици. Не е релаксиран и спокоен како пред многу години. Во исто време има и подобро откривање на овие тумори од порано, подобри здравствени навики на населението, подобра технологија, употреба на дигитална дермоскопија и следење на промените итн.

На кои Ваши досегашни интервенции сте особено горд?

– Најмногу ми е задоволство кога на некое детенце на кое му е сугерирана претходно хируршка интервенција на лице ќе успееме да му го решиме проблемот за 15 минути со овие нови методи на работа. И тоа делува шокантно и на родителите и на него. Во позитивна смисла. Замислете да ви препорачаат операција на образ, со конци, со лузна на тоа место и да завршите работа за 15 минути без ништо од ова. Ставете се во ситуација на родител и да е вашето дете тоа. Јас секогаш се трудам така да размислувам. Голема е разликата и за пациентот и за семејството.

Исто така, горд ме прави тоа што имаме голем број откриени меланоми во почетен стадиум на болеста ин ситу, или, пак, 1-2 стадиум на болеста, што драстично ја зголемува можноста за целосно излекување. А особено што голем број од тие пациенти ги гледам по 5 години на контроли и живеат нормално со своите семејства, ја победиле подмолната болест.

извор: женскимагзин.мк

Најди доктор Закажи преглед Контакт