/Интервју доц.д-р Андреј Петров: Oпасноста од солариумот врз кожата е за дваесет пати поштетна од сонцето

Интервју доц.д-р Андреј Петров: Oпасноста од солариумот врз кожата е за дваесет пати поштетна од сонцето

Сподели

Од година во година бројот на луѓе кои заболуваат од карцином на кожа се зголемува, загрижува и фактот што се појавува кај сè помлади луѓе, какви се вашите видувања на овој проблем?

Генерално расте бројот на заболени од малигни болести, во рамките на тоа секако и бројот на заболени од рак на кожа. Малигните болести денес се еден вид хронични болести кои зафаќаат голем број од популацијата. Кожата е најголем орган на човековото тело и е изложена на надворешна средина. Таа е наша заштитна бариера. На површината на кожата на возрасен човек живеат 2 килограми бактерии, кои се еден вид одбранбена војска на кожата. Главниот карциноген денес е идентификуван и според Светската здравствена организација, тоа е ултравиолетовото зрачење. Сонцето е директен предизвикувач и на процесите на стареење на кожата, но и на развојот на одредени малигни тумори. Кога зборуваме за малигни тумори на кожата, постојат  карциноми на кожата кои се од епително потекло и малигниот меланом, кој е тумор на пигментните клетки меланоцити. Овие се најчестите, се разбира има и други кои се поретки.

Како да се препознае појавата на меланом, постојат ли предупредувачки знаци?

Малигниот меланом е најопасниот тумор малиген на кожата и најчеста причина за смрт од кожните болести. Тоа е тумор што потекнува од пигментните клетки на кожата во најповршниот слој епидермот, а потоа се шири кон длабоките слоеви на кожата и метастазира преку крвните и лимфните јазли. Секоја нова „бенка” или секоја постоечка бенка што се менува и почнува да расте, да крвави треба да предизвика внимание за да се дојде на доктор.

Постои таканареченото АБЦД-правило, од акронимите на зборовите на англиски што означуваат – асиметрија, граници на промената, боја и дијаметар, кои се многу погодни дури и за самоевалуација, сами да процениме дали има некаков проблем со некоја бенка за кој треба да побараме преглед на дерматолог.

Она што секако треба да го знеме е дека не треба да паничиме и дека само 20 проценти од меланомите настануваат од претходно постоечки бенки, а останатите настануваат de novo.

Кои се ризични групи, или подеднакво се опфатени и мажите и жените?

Најризични групи се луѓето со светла боја на кожата, потоа оние кои имале историја за меланом во семејството, оние кои се изложени во голем дел од животот на сончево зрачење, пациентите кои претходно имале дијагностициран меланом имаат ризик да се развие нов тумор.

Свесни ли се жените за штетното дејство на солариумот или и понатаму се жртви на темен тен?

Солариумите се многу штетна работа и јас не ги препорачувам. Тие се забранети во наголем број федерални држави во Америка, а и во оние во кои не се стриктно забранети се третираат како опасност. Со многу мерки за претпазливост. Светската здравствена организација исто така ги има нотирано како такви. Секогаш треба да се знае дека ефектот на солариумот врз кожата е дваесетина пати посилен отколку на природното сончево зрачење, а со тоа и штетно дејство, односно карциногенезата и стареењето на кожата. За жал, голем дел од популацијата не размислува за тоа. Но секако здравствената култура сè повеќе расте на овој план. Народски кажано, џабе е што ќе имаат црн тен кога ќе развијат некој од кожните тумори и кога кожата предвреме ќе остаре.

Колку често треба да се контролираат бенките и како?

Редовната контрола на бенките е еднаш годишно. И тоа е правило на кое треба да се придржуваат сите пациенти со таканаречениот multiple mole syndrome. Односно оние со повеќе бенки на кожата. Бидејќи,  шансите во текот на една година бенка која е во ред да се трансформира во нешто малигно се многу мали.

Таму каде што не сме сигурни се закажува краткорочно следење за 3 месеци. Но ако и тогаш не сме сигурни или нешто ни е сомнително, треба да се земе примерок од кожната промена и да се прати на хистопатолошка анализа.

Веќе неколку години Клиничката болница „Аџибадем Систина“ презема активности за одбележување на месецот на меланом?

Да, ние повеќе години учествуваме во евромеланома акцијата со давање бесплатни прегледи за населението една сабота во месец мај. Околу 100 луѓе имаат можност да се прегледаат со најсовремена техника на дигитална дермоскопија Mole max HD. Акцијата има пред сè превентивен карактер, но најзначаен е симболичниот аспект за алармирање за опасноста од појава на најопасниот рак на кожата меланом и негово навремено откривање и третман. Ако со време се открие, големи се шансите да се постигне добар резултат на излекување и преживување. Тука секогаш нагласувам дека старото народно верување дека бенките не треба да се чепкаат и оперираат и дека од тоа може да се добие рак се погрешни и неточни, и тоа е докажано во медицинската наука. Проблемот настанува кај оние луѓе кои доцна дошле на доктор поради тој страв, па веќе ниту операцијата во тие терминални фази на болеста не може да помогне.

Какви се активностите за оваа година?

Оваа година в сабота, на 18 мај, од 8 до 16 часот повторно ќе организираме акција на бесплатни прегледи на бенки во нашата болница на Одделот за дерматовенерологија. Активност што ја започнавме меѓу првите во државата и веќе 5 години ја одржуваме. Ние сме приватна болница, според многу параметри една од најдобрите во регионот, но имаме социјална одговорност и тоа го демонстрираме со нашата грижа за заедницата. Да наведам дека имаме одлична соработка со Здружението на дерматовенеролози на Македонија. И дека и во оваа кампања партнерски настапуваме.

Дали на овие бесплатни прегледи е детектиран карцином кај некои од пациентите?

Да, сме имале такви случаи. Претежно на пациенти со базоцелуларни карциноми, кои успешно сме ги излечиле, но и на пациенти со сомнителни бенки кои превентивно сме ги отстраниле. Сме имале и откриени случаи на меланом, а на превентивните прегледи сме имале и пациенти со меланом ин ситу, односно меланоми откриени во најрана фаза пред да почне да се шири кон долу, каде има 100% преживување на болеста.

Втора работа е што при овие прегледи преку промотивна кампања ја подигнуваме свеста за неопходноста од користење заштитни фактори за сонце. На пациентите им даваме и брошури со кои ја истакнуваме важноста од заштита од сончевото зрачење.