/Ласерска епилација

Ласерска епилација

Сподели

Заеднички проблем на сите жени се несаканите влакна. Оваа тема е подеднакво актуелна и кај мажите кои сè почесто ги применуваат најновите методи за нивно отстранување. Со д-р Весна Пљакоска, специјалист дерматовенеролог во Ласер Центарот во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, разговараме за ласерската епилација – револуционерна метода со која се постигнува трајно отстранување на влакната.

Современата медицина сè повеќе ја истакнува ласерската епилација како поздрава, побезбедна и побрза од другите методи на избор. Благодарение на ласерската епилација доаѓа до уништување на фоликулот на влакното преку топлината на ласерската енергија. Со помош на овој метод, фоликулите се уништуваат за неколку секунди. Ваквата напредна технологија за трајно решавање на несаканите влакна несомнено ќе ги „избрише“ старите методи придружени со болка.  

Кои се предностите на ласерската епилација?

Овој метод влијае врз коренот кој го поттикнува растот на влакното и го спречува неговото појавување. Преку краткотрајни третмани се чисти голема површина со влакна. Ласерската епилација не е целосно безболен метод, но е побезболна во споредба со другите третмани. Благодарение на ласерската епилација доаѓа до уништување на  фоликулот на влакното преку топлината на ласерската енергија. Со помош на овој метод фоликулите се уништуваат за неколку секунди. За да се добие посакуваниот резултат, ласерската епилација се изведува во повеќе третмани со оглед на фактот што несаканите влакна се со различна големина на површината на кожата (поради различните фази на раст на влакната).

Кога е идеално време да го направите првиот третман?

Препорачлив термин за започнување со ласерска епилација кај женската популација е најмалку две години од појавата на првата менструација. Кај мажите нема разлика за започнување на третманот, сепак, се препорачува да се започне по 18. година од животот. Единствената разлика кај мажите е тоа што кај нив третманите може да се повторат повеќепати во однос на жените, поради дејството на машките хормони врз растот на влакната. За да може светлинската енергија да биде концентрирана во влакното, кожата не треба да биде претходно изложена на сонце (потемнета кожа/ бронзен тен). Доколку кожата е потемнета, дел од светлинската енергија влегува во тенот при што се апсорбира од страна на меланинот и меланоцитите, и како резултат на оваа состојба се намалува интензитетот на енергијата наменета за влакното. Токму затоа, со цел да се постигнат подобри резултати не се препорачува потемнување на кожата пред да почнете со првиот третман.

Колку третмани се потребни за трајно отстранување на влакната?

Бројот на третмани зависи од тенот на кожата, видот на влакното, како и од видот на ласерот кој се користи за изведување на методата. Во просек доволни се 5 – 10 сесии за да се отстранат несаканите влакна. Времето помеѓу третманите најчесто е 4 до 6 недели, но може да варира во зависност од личноста и од начинот на третман. Времето помеѓу два третмана може да се продолжи во зависност од третманот.

Што треба да знаеме пред почнување со ласерска епилација?

Лицата кои се алергични на сонце мораат претходно да направат одредени испитувања.. Треба да се испитаат хормоните кои го поттикнуваат растот на влакното. Дерматологот треба да биде запознаен доколку користите лекови за поттикнување на растот на влакната, како и доколку имате воспалени места или рани. Местата каде што е извршена епилацијата не треба да се изложуваат на сонце или солариум. Се препорачува употреба на водоотпорни средства за заштита од сонце со фактор 30. За време на третманот не смее да се нанесува шминка, и не смее да се користи хидратантен крем.

 Дали може да се појават компликации?

Не се регистрирани никакви несакани ефекти. Единствено, на потемнетата кожа може да се појават кафеави дамки. Поради оваа причина, претходно напоменав дека епилацијата не смее да се прави непосредно по изложување на сонце или солариум.

Дали ласерската епилација се применува во медицински цели?

Покрај козметичката примена кај лицата кои имаат желба да се ослободат од несаканите влакна, ласерската епилација се употребува и во медицински цели кај лицата со вроден прекумерен раст на влакна. Кај овие лица се препорачува третманот да започне што е можно порано.