Почетна » Блог » Кожа » Здрава кожа vs темен тен

Здрава кожа vs темен тен

Сподели

Карциномот на кожата е најчестиот вид канцер. Овие типови канцер се појавуваат на површинскиот слој на кожата и лесно можат да се излекуваат доколку се откријат порано. Најсериозниот тип канцер на кожа е наречен малигнен меланом, кој најчесто се шири. Ултравиолетовите зраци (UV зрачење) или прекумерна изложеност на сонце е еден од факторите за појава на овој тип канцер. Затоа пред да се препуштите целосно на сонцето, помислете на вашето здравје.

Сонцето причина број 1 за карцином на кожа

Д-р Андреј Петров, дерматовенеролог, објаснува дека ултра- виолетовите зраци (UV зрачење) или прекумерната изложеност на сонце е еден од ризик факторите за појава на овој тип канцер. „Другите причини за појава на оваа болест се: користење солариум, имуносупресија, оштетување на имунолошкиот систем кој го штити телото од бактерии или супстанци кои предизвикуваат алергиска реакција; изложување на високо ниво на радијација (зрачење), како и контакт со некои хемикалии, како што е арсенот, јаглеводороди во катран, масла или чад “, објаснува д-р Петров.

Кој е во опасност?

Според д-р Петров, следнава група луѓе е најподложна на карцином на кожа:

  • луѓе со посветла кожа, особено оние на кои им се јавуваат изгореници и дамки при најмало изложување на сонце;
  • луѓе со светла коса и сини или зелени очи;
  • со генетски нарушувања кои го осиромашуваат пигментот, албинизам или ксеродерма пигмент;
  • лица кои веќе биле лекувани од карцином на кожа;
  • луѓе кои имаат необични и големи бенки од самото раѓање;
  • луѓе чии блиски членови од семејството имале карцином на кожа;
  • оние кои имале најмалку една сериозна изгореница од сонце во текот детство или лица со изгореници кои не се поврзани со сончевите зраци;
  • луѓе кои работат во затворени простории и се изложуваат на сонце само кога се рекреираат.

Карциномите на базалните и сквамозните клетки се појавуваат кај повозрасната популација, додека меланомите се почеста појава кај помладата популација, особено во третата и четвртата деценија од животот.

Симптоми на карцином на кожата

Симптомите на карциномот на кожа зависат од типот на канцер кој е развиен. „Карциномот на базални клетки најчесто изгледа како мазна грутка во вид на бисер и се јавува на деловите од кожата кои се најизложени на сонце (главата, вратот или рамењата). Видливи се мали крвни садови во самиот тумор, честа појава на красти и крвавење и најчесто се јавува како неизлечива рана. Карциномот на сквамозни клетки најчесто се јавува како добро дефинирана густа црвена грутка која може да стане рана и да искрвави. Доколку не се лекува навреме, може да се зголеми. Најголемиот дел од малигни меланоми се пигментирани лезии со кафена или црна боја. Други знаци на меланом се: промена во големината, формата, бојата или набабреноста на бенката, појава на нова бенка во староста или повторена болка, чешање, рана или крвавење на постоечката промена“, објаснува д-р Петров.

Како се лекува карциномот на кожа?

Лекувањето на карциномот на кожата зависи од типот и стадиумот на канцер. Според д-р Славица Кралева, онколог радиотерапевт, се применуваат следниве начини на лекување:

  • Хируршки третман. Се отстранува лезијата, како и здравиот дел на кожата кој се наоѓа посредно до самата лезија. Најпрвин оваа регија се обезболува со лекови, потоа со мал нож се отстранува канцерот.
  • Хемотерапија, таргет терапија и имунотерапија. Се користат лекови кои го уништуваат овој тип канцер. Хемотерапијата може да се прима орално или венски. Овој тип терапија се нарекува системско лекување каде лековите преку крвта циркулираат низ целото тело уништувајќи ги канцерогените клетки во целото тело.
  • Радиотерапија. Со помош на високи дози на јонизирачки зраци се уништуваат канцерогените клетки.
  • Замрзнување (криотерапија)
  • Стругање и горење (електродесикација и киретажа)

Во лекувањето на карциномот на кожа најважен е хируршкиот третман и отстранување на лезијата со карцином. Во однос на хемотерапијата, досегашното искуство покажало дека нема големи резултати во лекувањето на овој тип карцином. Во светот интензивно се работи кон пронаоѓање нови хемотераписки лекови кои ќе бидат поефикасни во третманот на овој тип карцином. Радиотерапијата може да биде ефикасна и најчесто се користи за тумори кои се проширени во подлабоките слоеви на кожата.

 

 

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт