Почетна » Блог » Кожа » ЗНАЦИ ЗА ЗДРАВЈЕТО ШТО НИ ГИ ПОКАЖУВА КОЖАТА

ЗНАЦИ ЗА ЗДРАВЈЕТО ШТО НИ ГИ ПОКАЖУВА КОЖАТА

Сподели

Кожата како најголем човечки орган е единствениот начин на комуникација помеѓу нас и околината. Според дерматовенерологот д-р Весна Пљакоска од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, невозможно е да го игнорираме најголемиот човеков орган – кожата и да научиме повеќе за нашето здравје преку знаците кои кожата ни ги покажува. Таа нагласува дека потењето е важно бидејќи го штити организмот од прегревање и ја регулира топлината на телото, но во одредени ситуации, како што додава д-р Пљакоска, може да укажува и на оптоварување за организмот, а понекогаш и на посериозни заболувања. Изненадно зголемено потење може да биде и придружен симптом на различни болести, како што се хипогликемија кај дијабетес, невролошки нарушувања, реума, леукемија и други малигни болести, срцев удар и туберкулоза. „Потењето е нормален физиолошки процес на организмот, регулирано од автономниот нервен систем. Се разликуваат два типа, како што се: потење поради регулација на температурата на телото и потење предизвикано од стрес и емоции (кое најмногу се јавува на дланките и стапалата). Доколку телото создава потење во количини кои не се потребни за регулација на темпертурата, потењето е патолошко и се нарекува хиперхидроза“, појаснува д-р Пљакоска. Постојат различни степени на хиперхидроза:

  • блага форма, која се карактеризира со зголемено потење под пазувите, на дланките и стапалата.
  • умерено тешка форма, која се јавува со прекумерно потење на лицето, вратот, под пазуви, на дланки и стапала.
  • тешка форма на хиперхидроза, при што се јавува потенцирано потење на главата и вратот, а под пазувите на дланките и стапалата паѓаат капки пот.

Изненадното зголемено потење на целото тело може да се должи на различни причини. При тоа при различни ситуации, како што се физички активности, високи надворешни температури или грозница се јавува како природен и нормален процес на организмот. Кај одреден број луѓе зголеменото потење е генетски предодредено. Кај други ситуации изненадното препотување може да има патолошка причина, како што се: нервоза, анксиозност и стрес. Честопати изненадни препотувања може да се појават кај жени како сигнал за хормонски промени, и тоа во предменструалниот период, за време на менструација, за време на бременост или менопауза“, појаснува д-р Пљакоска.

ЗГОЛЕМЕНОТО ПОТЕЊЕ КАЈ МАЖИТЕ МОЖЕ ДА Е ПОСЛЕДИЦA НА ЗАБОЛУВАЊА НА ПРОСТАТАТА

Прекумерното потење, особено навечер, подеднакво се јавува и кај машката популација. Причината а за тоа, вели д-р Пљакоска, може да биде намалено ниво на тестостерон (андропауза), која е еквивалент на женската менопауза, но може да биде поврзано и со проблем на простата, поточно кај мажите кои користат лекови за лекување на простатата. Одредени лекови, како што се ацетил салицилната киселина (аспиринот), кортизон или антидепресиви, може да се причина за препотување кај луѓето кои ги користат истите. „Доколку зголеменото потење станува почесто, треба да се побара лекарска помош, особено доколку е поврзано со дополнителна нелагодност, на пример болка во пределот на срцето. Деталниот преглед од страна на лекар има важна улога во дијагностиката на оваа состојба, како и последователните испитувања со цел да се утврди причината за потењето или евентуалното постоење на болест. По утврдувањето на причината се преземаат соодветни тераписки мерки, се применува одредена терапија или тераписки процедури“, нагласува д-р Пљакоска. Низ историјата, користени се различни методи за откривање на врската помеѓу заболувањето на организмот и промените на кожата или на лицето. Во алтернативните медицински пристапи и филозофии, како Ајурведа, лицето се гледа како огледало на умот и телото. Кинеската традиција на „читање на лицето“ ги има своите корени пред илјадници години, а се заснова на теоријата за тоа како лицето го покажува нашиот основен енергетски профил, го дефинира нашето здравје, како и карактеристиките и карактерот на личноста. Во потрага по најинвентивни пристапи кон своите клиенти и потребата да се пронајде холистички т.е. целосен пристап за нега на кожата, модерната козметологија, како што вели д-р Пљакоска, наоѓа инспирација во оваа античка кинеска уметност.

Според нивното учење, одредени делови на лицето одговараат на одредени органи, односно делови од организмот. Еден од најпознатите современи методи на „мапирање на лице“ е дизајниран од стручниот медицински тим на Меѓународниот институт за дерматологија. Така на пример, луѓето со екстремно воспалени акни во пределот на вратот многу често имаат проблеми од хормонално потекло (вишок андрогени хормони, полицистични јајчници, нерамнотежа на секреција на тироидните хормони, итн.).

СУВА КОЖА МОЖЕ ДА СЕ ПОЈАВИ ПРИ АНЕМИЈА ИЛИ ДИЈАБЕТЕС

Честопати луѓето кои имаат недобро регулиран шеќер во крвта т.е. имаат дијабетес, се склони кон сувост, потенцирано чешање и иритатитвност на кожата, а вакви слични тегоби се јавуваат и кај пациентите кои имаат проблеми со тироидната жлезда или имаат анемија. „Стресот многу често предизвикува појава на акни, особено во предменструалниот период кај жените, а исто така е причина на бројни појави на кожата кои може да се презентираат како алергии и пречувствителност на кожата. Отекување на лицето и очните капаци, темните кругови под очите и зголемените подочници може да укажуваат на потенцијални проблеми со елиминација на токсините од телото и проблеми со бубрезите или црниот дроб“, вели д-р Пљакоска. Од друга страна, пак, лицата со потенцирано црвенило на носот и изразени капилари, може да укажуваат на афинитет кон алкохолот и негово прекумерно консумирање, но и на постоење на т.н. розацеа – состојба на кожата која треба да се лекува. Летниот период е идеален за добивање бронзена боја и тен, но појавата на кафени дамки кои се поинтензивни од класичните сончеви дамки, честопати може да укаже на осцилација на половите хормони или вишок на естроген во организмот (имено некои бремени жени имаат препознатливи кафени „труднички маски“ или хлоазма), но понекогаш упатува на проблеми со надбубрежната жлезда. Секој заклучок извлечен од ваквата анализа на лицето, заклучува д-р Пљакоска, треба да послужи не само за изнаоѓање соодветна нега на кожата илииподобрување на животниот стил, туку и сериозно да се обрати внимание да не станува збор за некое посериозно заболување.

Најди доктор Закажи преглед Контакт