Почетна » Блог » Мозок и ’рбет » Како да го подготвите детето за EEG снимање

Како да го подготвите детето за EEG снимање

Сподели

Електроенцефалограм (EEG) е неинванзивно испитување кое од 20-тите години на минатиот век се користи рутински во дијагностиката на невролошки заболувања кај пациенти од сите возрасти. Д-р Оливера Лековска, педијатар невролог, вели дека и покрај големиот технолошки напредок и воведувањето нови дијагностички процедури во дигајностика на болестите на нервниот систем (MRI, PET/CT, SPECT, NIRS), ЕЕG технологијата не само што не го изгуби своето место туку доживеа своевидна ренесанса со воведување на дигиталната технологија.

Предности на eeg технологијата

Можноста за употреба во специјализирани околности, како што се единици за интензивна нега и операциони сали, непостоењето на какво било зрачење или хемикалии, немањето потреба од седација /анестезија, комфорот за пациентот, како и можноста за реализирање кај пациенти кои не соработуваат (EEG во сон) се и причина што реализирање на EEG е често првата и незаменлива неврофизиолошка метода кај деца со невролошки и развојни нарушувања, и тоа од најраната новороденечка возраст. Златен стандард во последниве 20 година е користење на ВEEG апаратура (видео EEG).

Кога е потребно да се направи EEG

Најчести индикации за реализирање на EEG кај деца се сите видови епилепсии, псхихогени неепилетични напади, синкопи, главоболки, неволни движења, тикови, парасомнии, нарушувања во развојот – аутизам, АДХД, забавен развој на говор, како и функционална проценка и следење на деца родени со ризик (предвременородени, перинатална асфиксија, интрамозочни крвавања, церебрална парализа, вродени метаболни болести и др).

Како се изведува снимањето

EEG апаратот ја регистрира природната електрична активност на мозокот со помош на 20-25 мали метални диск-електроди кои се прицврстуваат на главата на детето со помош на паста и капа. Резултатот се прикажува на компјутерскиот екран, а се анализира детално по завршување на снимањето. Испитувањето е сосема безбедно, извор на електрицитет е самиот пациент, нема зрачење, не предизвикува болка или каква било непријатност. Во амбулантски услови, вообичаено трае од 30 до 90 минути, зависно од видот и индикациите за EEG прегледот. По завршување на снимањето детето може да продолжи со сите свои редовни активности без никави ограничувања.

ЕЕG во будна состојба и во сон

Во амбулантски услови кај деца главно се реализираат 2 типа прегледи. EEG во будна состојба, при што е потребно комплетно мирување, соработка на пациентот и следење на инструкциите на EEG техничарот. За време на снимањето пациентот по препорака на EEG техничарот ќе треба 3-5 минути да хипервентилира (да дише длабоко преку носот), а се користи и фотостимулатор кој спаѓа во рутински техники на провокација. Кај најголемиот дел од децата, сепак, ќе биде потребен EEG во природен сон. Техниката е идентична, но бара претходна подготовка на детето, промена на режимот на сон претходната ноќ, т. е. депривација. Постои и група на пациенти кај кои ќе бидат неопходни повторувани или сериски снимања (неколку дена по ред, или неколку недели по ред). Тоа се најчесто деца со некои типови епилепсии, кај кои не е добиен доволно сигурен наод при првото снимање, или е неопходно внимателно следење на ефектите од терапијата (кај потешки форми на епилепсии т.н. епилептични енцефалопатии).

Што треба да знае родителот?

Родителот има голема улога во подготовка на детето за снимање, но и во тек на самото снимање. Помалите деца за време на снимањето ќе бидат во прегратка на родителот, така што е важно и тој да биде смирен и релаксиран за време на прегледот.

  • Може да се понесат сликовници, играчки (кои не се бучни) или омиленото ќебенце на детето.
  • Се препорачува на детето дома да му се објасни процедурата.
  • Потребно е да се измие косата на детето претходниот ден и да не се употребуваат никави средства (гелови, масла, пена).
  • Детето да биде комфорно и лесно облечено
  • Да не биде гладно, но никако да не консумира храна со кофеин последните 12 часа (чоколадо, чај, кока-кола).
  • Детето да ја испие својата редовна терапија пред снимањето, освен ако лекарот не препорача поинаку.
  • Да се пријават СИТЕ медикаменти кои детето ги прима.

Најважно од сè е детето да се подготви за природен сон

„Генерално, деца помали од две години треба да се разбудат два часа порано од вообичаеното и НИКАКО да не се дозволи да заспијат за време на транспортот. Кај деца од 2 до 10 години дозволени се 5 часа сон, на пример, 23-04 ч. наутро. За деца над 10-годишна возраст се препорачува да бидат будни цела ноќ пред снимањето, особено за време на патувањето. Сепак, најдобро е да се изготви индивидуален план за подготовка на секое дете зависно од неговиот индивидуален режим на активности и сон“, вели д-р Лековска.

Најди доктор Закажи преглед Контакт