/КОГА ГЛАВОБОЛКАТА Е ОПАСНА?

КОГА ГЛАВОБОЛКАТА Е ОПАСНА?

Сподели

СИМПТОМИ ШТО УКАЖУВААТ ДЕКА ТРЕБА ДА ПОСЕТИТЕ НЕВРОЛОГ

Главоболките се вообичаена појава, речиси секој се жали на нив одвреме-навреме. Иако можат да бидат крајно непријатни, па дури и да ни го изместат секојдневното функционирање,  тие обично не се сериозен здравствен проблем. Докторите објаснуваат дека повеќето главоболки не се предизвикани од сериозни причини или здравствени состојби, туку најчесто од дехидратација, недостаток на сон, хормонални промени или стрес.

Меѓутоа, понекогаш главоболката е знак дека нешто не е во ред со нашето здравје и дека треба што поскоро да посетиме лекар кој ќе ги направи сите потребни тестови и ќе ја открие главната причина за проблемот.

Ако имате редовни, повторливи главоболки, можеби имате состојба попозната како хронична дневна главоболка. Ова се однесува на луѓе што имаат главоболки најмалку 15 дена секој месец. Лекарите објаснуваат дека различните видови главоболки можат да преминат во  хронични секојдневни главоболки, вклучително и кластери или хистамински главоболки, тензични главоболки и мигрена.

Многу луѓе кои секојдневно имаат хронични главоболки се соочуваат и со психолошки проблеми, како што се анксиозност или депресија. Во овој случај, лекувањето на причината може многу да помогне во ублажувањето на главоболката.

Главоболката чиишто причини не се безопасни обично предизвикува силна болка во пределот на главата, лицето или вратот. Невролозите предупредуваат дека треба веднаш да побарате итна помош доколку имате силна, невообичаена болка проследена со следниве симптоми:

·    вкочанет врат и треска

·    гадење и повраќање

·    несвестица, вртоглавица или губење на рамнотежа

·    болки што се влошуваат со текот на времето

·    збунетост или тешкотии во разбирањето на говорот

·    опуштеност или слабост на едната страна од лицето

·    нејасен или неразбирлив говор

·    тешкотии при одење

·    проблеми со слухот

·    главоболка што се влошува кога кашлате, кивате или се напрегате

·    епилептични напади

·    необјасниво губење на тежината

·    оток на лицето или главата

·    повреда на главата

·    каснување од животно каде било на телото.

Имено, имајќи предвид дека главоболката понекогаш е придружна појава на многу болести во пределот на главата (око, уво, грло, нос, заби), цервикален ‘рбет или крвен притисок, болести на крвните садови, повреди на главата, но и тумори, неопходно е да се реагира веднаш.

Д-р Марија Гашоска, специјалист по неврологија од Клиничка болница „Аџибадем Систина“, препорачува задолжителна консултација со невролог и доколку е потребно, да се направат следниве дополнителни испитувања:

–  невролошки преглед

–  ЕЕГ-ам-испитување на мозочните ритми и функции

–  магнетна резонанца или компјутерска томографија

На Одделот за неврологија во „Аџибадем Систина“ работи тим на искусни невролози, а благодарение на најсовремените дијагностички алатки се третираат сите невролошки заболувања.